Американскиот државен секретар Мајк Помпео пристигна во официјална посета на Северна Македонија. Тој слета во Охрид, каде што се среќава со државниот врв. Како што претходно соопшти Стејт департментот, Помпео уште еднаш ќе истакне дека Договорот од Преспа е исклучителен и храбар чекор на лидерите на Северна Македонија и Грција за стабилизација и просперитет на регионот и за влез на земјата во НАТО и ЕУ.
Од Стејт департментот изјавија дека САД се фокусирани на Западен Балкан како стратешки важен дел од идејата за обедината Европа. Од таму изјавуваат дека разговорите ќе се фокусираат како на безбедноста така и на можностите за економски развој на земјата. Една од темите за разговор ќе биде и дестабилизирачката улога на Русија во регионот.
Американскиот државен секретар во Охрид ќе има одвоени средби со претседателот Стево Пендаровски, а потоа и со премиерот Зоран Заев. По средбата со Заев ќе следат и изјави. Помпео ќе се сретне и со вицепремирот Бујар Османи, како и со министрите за надворешни и за одбрана, Никола Димитров и Радмила Шекеринска. Тој ќе ја посети и црквата Света Богородица Перивлепта, кој се обновуваше со пари од американскиот фонд за заштита на културно наследство, во вредност од 650 илјади долари.
Американската амбасадорка Кејт Брнс, пред три дена на Самитот за Западен Балкан на „Економист“ во Скопје изјави дека кога станува збор за иднината на Западен Балкан времето е навистина погодено, а Северна Македонија е пример за тоа како треба да функционираат државите. Ова, според Брнс, ќе биде и пораката што до земјава ќе ја упати и државниот секретар Мајк Помпео за време на посетата, а ќе биде истакнато, како што рече Брнс, и членството на Северна Македонија во НАТО како 30-та членка откако ќе заврши процесот на ратификација на протоколот.
„Северна Македонија ја чека уште многу пат, решавање на случаите на корупција, воспоставување на владеење на правото и на сите вредности на демократијата и стабилни институции без разлика на политичките ветрови. САД остануваат ангажирани во регионот. Ние го познаваме и ја признаваме важноста на овој регион и сметаме дека Договорот е навистина огромен чекор, но не смее да останете опуштени, туку треба да продолжите на патот на реформите, а САД остануваат ваш верен партнер“, порача американската амбасадорка Брнс.
Во делегацијата на Помпео е и заменик помошникот државен секретар задолжен за Европа и Евроазија, Филип Рикер, кој пред неколку години беше и амбасадор во Македонија.
Претседателот Стево Пендаровски оцени дека посетата на американскиот државен секретар Мајк Помпео на регионот, значи враќање на САД на Балканот. Пендаровски рече дека станува збор за многу важна посета која како што истана е сè, освен љубезна посета.
„Значи не доаѓа во регионот затоа што нешто е останато да се решава, туку за да оддаде признание на земјите кои и досега беа на евроатланскиот курс, почитувајќи ги тие вредности и принципи. Се надевам дека тоа значи враќање на големи врати на САД на Балканот“, изјави претседателот Пендаровски и додаде дека во минатото ниту еден клучен предизвик или проблем во регионот не се решил без нивната помош или поддршка.
За време на неговата турнеја низ Европа, Помпео првин ја посети Италија, потоа Ватикан, па Црна Гора, од каде што и доаѓа во Охрид, а турнејата ја завршува со посета на Грција.
Помпео е првиот американски државен секретар која ја посетува земјата од 2001 година. Пред 18 години тогашниот американски државен секретат Колин Пауел ја посети Македонија во екот на воената криза.