Унгарските ТВ гледачи добија повеќе отколку што очекуваа, кога во март 2018 година, за време на политичката програма фокусирана на претстојните парламентарни избори, џиновско жолто пиле облечено во деловен костум седеше спроти водителот и кокодакаше пет минути.
Партијата која стоеше зад овој „настан“ имаше цел да го нагласи фактот дека опозициските партии можат да одат на јавните телевизиски канали кои се провладини само пет минути на секои четири години. Станува збор за унгарската партија “Куче со две опашки” која стана озлогласена за апсурдниот хумор и ироничните објави на социјалните мрежи.
И покрај тоа што прави малку од она што може да се очекува од една опозициска партија во една од земјите со најоспорувана демократија - на претходните избори им вети на гласачите бесплатно пиво и вечен живот - таа сега е најпопуларната опозициска партија, според унгарските анкетари Медијан, и само 3 процентни поени зад владејачката партија Фидес на долгогодишниот премиер Виктор Орбан.
„Кога опозицијата изгледа неспособна, и МККП и Движењето Наша Татковина стануваат посилни. Но, додека вториот е зајакнат од инертниот гнев на луѓето, поддршката за МККП е засилена со чувството на безнадежност“, рече политикологот Балинт Руф, мислејќи и на екстремно десничарска политичка партија.
„Се извинуваме за нашиот премиер“
Копретседателот на унгарската партија “Куче со две опашки”, Гергели Ковач, 42-годишен уметник и графички дизајнер, ја основа партијата во 2006 година со група активисти во Сегед, град во југоисточна Унгарија познат по својот Универзитет и младинска култура. Во првиот обид на партијата во локалната политика, Ковач и копретседателката Сузи Дада, им ветија на гласачите дека ќе изградат планина, што е реткост во нивното место на рамната, гола пространа површина на Големата унгарска рамнина.
Групата стана официјална партија во 2014 година, по изборите на кои Орбан, кој беше обвинет за уназадување на демократијата, го обезбеди својот трет мандат како премиер.
На почетокот, партијата остана доследна на своето потекло на апсурдниот хумор, ветувајќи дека ќе ја поправи дупката во озонската обвивка. Но, во повеќе од една деценија владеење на Орбан и Фидес, Партијата на куче со две опашки стана повеќе политичка, одговарајќи на владината скептична ЕУ кампања „Стоп за Брисел“ и постави свои билборди „Стоп за запирање на Брисел“ исмејувајќи ги владините антимиграциски постери кои беа поставени насекаде.
„Се извинуваме за нашиот премиер“, пишува на еден плакат на унгарската партија “Куче со две опашки” адресиран до мигрантите.
„Кампања на омраза те сака“, изјави друг, повикувајќи се на антимиграциските плакати на владата кои беа нашироко обезличени и искинати.
Шегаџиските партии имаат богата историја во централна Европа
Политичките партии кои се формираат за шега имаат богата историја во Централна Европа.
Во 1911 година, партијата за “Умерен напредок во границите на законот” на чешкиот писател Јарослав Хашек водела кампања алкохолизмот да стане задолжителен и повторно да се воведе ропството.
Со својот необичен хумор, “Полската Партија на љубителите на пиво” доби 16 места во парламентот во 1991 година на првите слободни избори во земјата по распадот на Советскиот Сојуз.
Исто така, “Австриската партија на пиво”, основана во 2014 година, освои 1,8 отсто од гласовите на виенските државни избори во 2020 година, со предизборни ветувања дека ќе постави фонтана од која ќе тече пиво во австрискиот главен град, заедно со повеќе права на животните и побрза транзиција кон обновлива енергија.
„Нема да плачам затоа што не сме во Парламентот“
И покрај тоа што партијата “Куче со две опашки” напредува, таа сè уште не собра повеќе од 5 отсто од гласовите на националните избори, што е прагот за влез во парламентот.
„Нема да плачам затоа што не сме во Парламентот. Можете да направите многу повеќе локално“, рече Ковач во интервју за унгарскиот сервис на РСЕ.
По локалните избори во 2019 година, пет членови на партијата (вклучувајќи ги и двајцата копретседатели) станаа избрани претставници во локалната власт, иако двајца оттогаш се откажаа од партијата. Ковач сега е локален советник во 12-тиот округ во Будимпешта и работи од кафуле во главниот град. Дада е заменик-градоначалник во 9-тиот округ на Будимпешта.
Во 2020 година, мрежата на активисти на партијата им помагаше на постарите луѓе за време на пандемијата. По инвазијата на Русија на Украина во 2022 година, тие собраа 3 милиони форинти (8.700 американски долари) за бегалците, носејќи помош на преполните железнички станици во главниот град.
Фокусот на локалниот активизам наизглед се исплатеше на гласачките места. На парламентарните избори во 2018 година, партијата доби 1,73 отсто од гласовите; а на следните во 2022 година, тие го достигнаа врвот со 3,27 проценти.
„Сега, кога сме во [локалните] собранија, тешко е да се каже [што сме], бидејќи изгледа како да сме политичари. Сега се чувствувам како да сум опозициски политичар“, изјави Ковач за РСЕ пред парламентарните избори во 2022 година.
Внатрепартиски кавги
Станувањето политичар значеше и справување со скандали. Еден од петте членови што требаше да бидат избрани во локалните собранија во 2019 година, кој оттогаш ја напушти партијата, беше Атила Палмаи, претставник во 15-тиот округ во Будимпешта кој ја критикуваше партијата за, како што вели, недостигот на финансиска транспарентност.
„Немаше финансиска контрола за тоа кој што троши, и беше неприфатливо неуредно. Кога го покренавме прашањето, добивме само напади“, изјави тој за унгарската служба на РСЕ.
Ова за РСЕ го потврди Зсуза Ширмаи, поранешен финансиски службеник на партијата, која е волонтерска позиција.
„Наидов на екстремна небрежност...без евиденција или фактури и недостасуваше готовина. Но, главниот проблем беше што лидерите не беа наклонети да ги следат прописите бидејќи тие само целеа кон успех“, рече Ширмаи.
Според извори кои се запознаени со работата на партијата а кои сакаа да останат анонимни, финансиската евиденција сè уште се чува во тетратки што е доволно кога се работи со илјадници форинти, а не со милиони. Во моментов, годишниот буџет на партијата е 200 милиони форинти (околу 580.000 американски долари), од кои 150 милиони форинти доаѓаат од државата за финансирање различни проекти.
И додека партијата има повеќе од 7.000 активисти (или, во партискиот речник, „пасивисти“), бројот на вистински членови останува под 100, бидејќи пристапувањето се заснова на комплициран систем на препораки. Критичарите велат дека тоа значело дека само мал број луѓе во партијата носат одлуки, што доведува до одржување на статус кво.
Обвинување: Глас за „Куче со...“ е глас за Фидес
Партијата “Куче со две опашки” е обвинета и за одземање гласови на опозицијата. Не беше меѓу опозициските партии што се обединија зад конзервативниот кандидат Питер Марки-Зај на изборите во 2022 година, но сепак не успеаја да го спречат Фидес да обезбеди уште едно двотретинско мнозинство во парламентот. Гордон Бајнаи, поранешниот социјалистички премиер и претходник на Орбан, во 2018 година изјави дека секој глас за оваа партија е глас за Фидес.
„Знаев дека тоа веројатно ќе биде „залуден“ глас и дека нема да достигнат 5 проценти“, рече Питер Такач (35), кој и претходно гласаше за партијата. „Не мислам дека другите политички актери ги гледаат како сериозни, но јас -- можеби наивно -- верував дека нивното зајакнување ќе им сугерира на моментално доминантните партии дека на луѓето им е доста и дека тоа што го прават е исто така шега.
„Не би им верувал да управуваат со земјата, но се согласувам со прашањата со кои се занимаваат. Можам да замислам дека за три години ќе го достигнат прагот од 5 отсто за влез во Парламентот, а луѓето кои се разочарани од опозицијата ќе гласаат за нив.”