Американскиот претседател Џо Бајден го бранеше повлекувањето на американската војска, обвинувајќи ја авганистанската влада за успехот на талибанците и тврдејќи дека е во национален интерес на Соединетите држави да се стави крај на најдолгата американска војна.
Иако призна дека Талибанците ја презедоа контролата побрзо отколку што очекувал, Бајден инсистираше на тоа дека никогаш не било добро време за повлекување на американските сили.
Талибанците се вратија, што натаму?
„Нашата мисија во Авганистан никогаш не требаше да биде изградба на нацијата“, рече Бајден во националното обраќање од Белата куќа, додавајќи: „По 20 години, на потешкиот начин научив дека никогаш не е добро време за повлекување на американските сили“.
Бајден рече дека политичките лидери во Авганистан се откажале и оти авганистанската војска пропаднала, понекогаш без да се обиде да се бори.
„Како и да е, случувањата во изминатата недела покажаа дека прекинувањето на американската воена инволвираност во Авганистан е вистинска одлука. Американските војници не можат и не треба да се борат во војна и да умираат во војна за која авганистанските сили не се подготвени да се борат сами за себе“, изјави американскиот претседател.
Многумина не се согласуваат со одлуката на Бајден и го обвинуваат за лошото планирање што доведе до хаотични сцени на аеродромот во Кабул, додека американската војска и нејзините сојузници се обидуваат да ги евакуираат своите државјани и Авганистанци кои работеа заедно со меѓународните сили.
Џонсон: никој не смее да ја признае владата на Талибанците
Во Вашингтон, претседателот се соочува со зголемени критики, особено од републиканците во Конгресот, а критичарите велат дека угледот на Соединетите држави како глобална сила е многу нарушен. Конгресменот Мајкл Мекол, републиканец во Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом, изјави дека ситуацијата во Авганистан е „недопустлива катастрофа од епски размери“ и дека Бајден ќе има „крв на рацете“.
„Ќе се вратиме во состојба пред 11 септември. Поволна почва за тероризам“, рече Мекол.
Во друго интервју за Ен-Би-Си, тој рече дека глобалната положба на САД „е многу намалена поради оваа катастрофа“.
Критики има и од сојузниците на Вашингтон, кои беа вклучени во мисијата на НАТО во Авганистан во изминатите две децении.
Британскиот секретар за одбрана Бен Валас, чија војска со години беше вклучена во борбени операции против Талибанците, рече дека интервенцијата на Западот била само половина завршена работа.
„Ако тоа е неуспех, тоа е неуспех на меѓународната заедница која не сфати дека работите не се поправаат преку ноќ“, рече тој за Би -Би -Си, додавајќи дека воената моќ самостојно не може целосно да ја реши ситуацијата во Авганистан.
„Половина мисија сама по себе беше целосно успешна“, изјави тој, посочувајќи на смената на Талибанците по нападите на 11 септември 2001 година и смртта на водачот на Ал Каеда, Осама бин Ладен, што, како што рече, го направи светот побезбедно место.
„Но, тоа не значи дека следните 20 години ќе бидат исти“, додаде Валас, повторувајќи ја загриженоста за влијанието од оживувањето на тврдокорната група врз светската безбедност.
Германската канцеларка Ангела Меркел, зборувајќи на состанокот на 16 август изјави дека одлуката на НАТО да се повлече по речиси две децении е „донесена од Американците“, и дека за тоа делумно биле виновни и „внатрешно-политичките причини“ во САД. „Германија мора итно да евакуира околу 10.000 луѓе од Авганистан“, рече Меркел.
Лидерот на ЦДУ Армин Лашет, кој е кандидат на партијата да ја наследи Меркел како канцелар на изборите во септември, го оцени повлекувањето на западните трупи од Авганистан како „најголемиот дебакл“ што НАТО го претрпе од основањето во 1949 година.
Во меѓувреме, Русија, која за разлика од западните земји кои се обидуваат да ги извлечат нивните дипломати од земјата, реши да ја задржи отворена својата амбасада во Кабул, иако со намалено ниво на персонал, на 16 август соопшти дека ситуацијата во Кабул „се стабилизира“.
Министерството за надворешни работи на Русија потврди дека „воспостави работни контакти со претставници на новите власти“.
Кремљ во последниве години контактираше со Талибанците и беше домаќин на нивните претставници во Москва неколку пати.
Кинескиот министер за надворешни работи, Ванг Ји, на американскиот државен секретар Ентони Блинкен му рекол дека „брзото повлекување“ на американските војници од Авганистан има „сериозно негативно влијание“, но вети дека ќе работи со Вашингтон за да ја промовира стабилноста во таа земја.
Кои се Талибанците и како функционираат?
Многу се промени во двете децении откако Талибанците беа соборени со инвазијата предводена од САД, а некои аналитичари изразија загриженост дека областите како што се правата на жените и правата на малцинските групи во Авганистан, брзо ќе исчезнат.
Советникот за национална безбедност на САД, Џејк Саливен, во интервју за Ен-Би-Си рече дека иако ситуацијата на теренот во Авганистан се влошува побрзо отколку што се очекуваше, Бајден е подготвен да ја „предводи меѓународната заедница“ за човековите права во Авганистан.
„Тој страсно се грижи за прашањата за човековите права и ние ќе останеме фокусирани врз нив во наредниот период“, рече Саливен, додавајќи: „Но, тоа не беше причина САД да влезат во трета деценија на војна среде внатрешен конфликт во друга земја“.
Поранешниот американски советник за национална безбедност Х.Р. Мекмастер го критикуваше неуспехот на неговата земја да сфати дека Талибанците брзо ќе ја преземат контролата врз Авганистан, нарекувајќи го „намерно незнаење“.
Договорот на администрацијата на поранешниот претседател Доналд Трамп со Талибанците во февруари 2020 година ги ослабе авганистанската влада и безбедносните сили и ги зајакна бунтовниците, смета Мекмастер, кој беше отпуштен од Трамп во март 2018 година. „Стоевме со скрстени раце и мижевме. Ова беше целосно предвидливо“, рече тој.
Џон Болтон, кој го смени Мекмастер како советник за национална безбедност, пред и тој да биде отпуштен од Трамп, оцени дека повлекувањето на американските трупи направи Америка да изгледа наивно во очите на Русија, Иран, Кина и Северна Кореја.