Достапни линкови

„Подземните абортуси“ се почести во Иран


Илустрација
Илустрација

Владини претставници велат дека секоја година во земјата се вршат од 300.000 до 600.000 абортуси, повеќето од нив нелегални. Дел од медицинските лица стравуваат дека бројката е и до милион абортуси годишно

Во обид да го поттикне растот на населението во Иран, владата одобри контроверзен закон во 2021 година со кој дополнително ги заостри ограничувањата за медицински абортуси и ја забрани бесплатната дистрибуција на контрацептивни средства, јавува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Сега официјалните лица изразуваат загриженост за бројот на нелегални абортуси што се вршат во земјата, сугерирајќи дека владините ограничувања принудиле повеќе жени да ја прекинат несаканата бременост надвор од јавниот здравствен систем.

Жените кои бараат абортуси во Иран често се потпираат на црниот пазар за да добијат апчиња за абортус кои може да бидат фалсификувани или со истечен рок и неефикасни. Тие ги користат и услугите на таканаречениот подземен абортус што го вршат лекари и акушерки кои понекогаш работат во нехигиенски услови.

Владини претставници велат дека секоја година во земјата се вршат од 300.000 до 600.000 абортуси, повеќето од нив нелегални.

Иран забрани кондоми - страв од болести, несакана бременост и шверц
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:24 0:00

Може да има и милион абортуси годишно?

Акушерка од Техеран, која зборуваше за радиото Фарда на РСЕ, под услов да остане анонимна поради страв од одмазда, рече дека бројот на нелегални абортуси изгледа „значително се зголемил“. Акушерката вели дека здравствените работници сега проценуваат дека може да има до милион абортуси секоја година.

„На луѓето им дадовме бесплатни контрацептиви за да помогнеме во спречување на несакана бременост. Сега жените од посиромашно потекло се принудени да бараат небезбедни абортуси користејќи апчиња што ги купуваат на црниот пазар што може да доведат до здравствени компликации и да ги загрозат нивните животи“, вели акушерката, додавајќи дека најпогодени се посиромашните Иранки.

Бабицата предупредува дека властите изгледаат решени да го зголемат наталитетот во земјата „по секоја цена“, потег што „само ќе доведе до зголемување на небезбедните абортуси“.

„Катастрофални“ бројки

Сулејман Хејдари, официјален претставник на Министерството за здравство, на 18 април рече дека до 80 отсто од абортусите во Иран биле извршени нелегално. Тој не кажа дали се зголемува бројот на нелегални абортуси, но додаде дека некои проценки, доколку се вистинити, се „катастрофални“.

Претходно оваа недела, ултраконзервативниот претседател на Иран Ебрахим Раиси рече дека бројот на абортуси во земјата е „загрижувачки“, без да даде бројки. Тој повика и на казнување на „престапниците“.

Официјалните лица рекоа дека медицинскиот персонал прогласен за виновен за нелегални абортуси ќе се соочи со забрана за вршење на медицина. Гувернерот на Техеран Мохсен Мансури минатата година ги повика властите да ги спречат центрите кои им помагаат на жените да ја прекинат несаканата бременост.

Портпаролот на Министерството за здравство, Педрам Пакаџин, на 19 април рече дека Министерството презема чекори за решавање на проблемот со „намерните абортуси“, вклучително и отстранување на таблетите за абортус од пазарот.

Намалување на наталитетот

Менсуре Шојае, истакната истражувачка и активистка за правата на жените, за РСЕ изјави дека законот за ограничување на медицинските абортуси е кршење на правото на жените да одржуваат автономија над своето тело.

„Протестното движење го истакна прашањето за телесните права и автономијата“, рече таа, мислејќи на демонстрациите против естаблишментот низ целата земја што избувнаа по смртта на една млада жена во септември, набргу по нејзиното апсење за кршење на законите за хиџаб. Главниот слоган на демонстрантите беше „Жени, живот и слобода“.

„Тие права го вклучуваат хиџабот, но и прашања поврзани со плодноста, вклучително и правото да се спречи бременост. Жените сами треба да одлучат дали сакаат да забременат, дали сакаат деца и колку деца сакаат“, рече Шојае.

Шојае додава дека државните ограничувања за медицински абортуси и контрацептивни средства ги ставиле во опасност животите на Иранките.

Претходно, абортусите можеа легално да се вршат во текот на првите четири месеци од бременоста, доколку тројца лекари се согласат дека бременоста го загрозува животот на жената или дека фетусот има тешки физички или ментални пречки што може да предизвикаат екстремни тешкотии на мајката.

Сепак, според законот „Подмладување на населението и поддршка на семејството“ усвоен во ноември 2021 година, сега за случаите на абортус одлучува комисија која вклучува судија и двајца медицински експерти.

Групите за човекови права и здравствените експерти предупредуваат дека законот го ограничува пристапот на жените до медицински абортуси, доведува до несакана бременост и раѓања на деца со вродени дефекти и го зголемува ширењето на сексуално преносливи болести, вклучително и СИДА.

Во последниве години, сè поголем број Иранки избираат да имаат помалку или воопшто да немаат деца, главно поради економските проблеми, промената на половите норми, зголемениот број на образовани девојки и програмите за планирање на семејството.

Тој тренд бележи пад на стапката на наталитет во Иран од повеќе од четири проценти во 1980-тите на 1,29 проценти во 2020 година, според Sietz Bank, што го вознемири свештеничкиот естаблишмент во Иран.

XS
SM
MD
LG