Воени вежби, обуки на КФОР на Криволак и прелет на американски авиони над земјава на само една недела до 1 септември кога косовските власти треба да почнат со издавање документи за влез-излез на српските граѓани и промена на српските регистарски таблички. Во услови и на зголемено присуство на НАТО на северот на Косово се покренува прашањето за безбедносната состојба на регионот.
Од кабинетот на претседателот Стево Пендаровски велат дека шефот на државата редовно е информиран за безбедносните случувања во земјава и регионот од надлежните институции, како и за можни безбедносни ризици доколку има дестабилизација на безбедносната состојба во регионот.
„Во моментов не е планирана седница на Советот за безбедност која би била посветена на случувањата на релација Србија-Косово. Но, безбедносната состојба во земјата, регионот и пошироко е неодминлива тема на секоја седница на Советот за безбедност“, велат од кабинетот на Пендаровски.
Два американски бомбардери од типот Б52 вчера го прелетаа Скопје, а авионите летаа и над Хрватска, Црна Гора и Албанија. Прелетот на стратегиските бомбардери над Македонија го најавија и од Амбасадата на САД во Скопје од каде соопштија дека целта е да се покаже посветеност на САД и гаранција кон балканските сојузници и партнерите во НАТО.
На воениот полигон Криволак од 20 до 26 август американски војници во мисијата на КФОР на два хеликоптера УХ-60 „Блек Хок“ вршат обука. Американскиот Конгрес за следната година пак предлага дополнителни НАТО или заеднички воени вежби на САД и Северна Македонија за време на фискалната 2023, која започнува на 1 октомври годинава.
Министерството за одбрана велат дека Северна Македонија и САД имаат исклучително интензивна и блиска соработка на полето на одбраната.
„Интензитетот на вежбовните активности се должи исклучиво на заедничките планови, интересот за развој на интероперабилноста во Алијансата и секако одличните услови и содржини кои ги нуди нашиот најголем полигон, „Криволак“, чиј континуиран развој е во врвот на приоритетите на Министерството и на Армијата“, велат од Министерството за одбрана на прашањето дали зголемените активности се должат на случувањата во Косово.
Тековните вежбовни активности, како што посочуваат од министерството, се планирани согласно Планот за билатерална соработка за 2022 година помеѓу Северна Македонија и САД, односно станува збор за планска активност, а ваков вид на вежби се реализирале и претходно.
„Капацитетите на армискиот полигон за изведување на ваков вид на обука беа потврдени и годинава со успешната реализација на досега најголемата воена вежба во нашата земја, „Swift response 22“. И за време на оваа вежба се потврди фактот дека „Криволак“ е исклучително важен капацитет за развојот на интероперабилноста, способностите и вештините на армиските припадници и припадниците на сојузничките армии“, велат од Министерството за одбрана.
На прашањето дали се зајакнува борбената готовност поради случувањата во Косово слично одговорија и од кабинетот на претседателот.
„Армијата има редовни вежбовни активности заедно со сојузничките армии во рамки на НАТО, како и со партнерите кои се дел од одржувањето и унапредувањето на борбената готовност согласно потребите кои ги имаме како членка на НАТО“, додаваат од кабинетот на претседателот.
Во меѓувреме, по минатонеделната рунда дијалог меѓу Белград и Приштина, српскиот претседател Александар Вучиќ и американскиот амбасадор во Белград Кристофер Хил денеска разговараа за ситуацијата во регионот.
Вучиќ на состанокот со Хил, како што соопшти неговиот кабинет, порачал дека Србија сериозно пристапува кон изнаоѓање решение „за актуелната криза предизвикана од едностраните потези на Приштина“. Вучиќ укажал на тензиите што постојат на Косово и истакнал дека е важно Приштина да го почитува договорот дека косовските специјалци можат да минат на север само со согласност на НАТО и градоначалниците на четирите општини каде што живеат Срби.
Специјалниот претставник на Европската унија за дијалогот меѓу Србија и Косово Мирослав Лајчак и американскиот специјален пратеник за Западен Балкан Габриел Ескобар пак, најверојатно ќе ги посетат Приштина и Белград, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел. Посетата ќе се случи во текот на оваа недела и има за цел уште еднаш да се разговара со страните за да се најде решение за издавање на влезно-излезни документи за српските државјани кои доаѓаат на Косово.
Главните преговарачи на Србија и на Косово требаше да се сретнат оваа недела како дел од продолжувањето на ангажманот во Брисел, но на тоа најверојатно ќе се чека исходот од разговорите што Мирослав Лајчак и Габриел Ескобар ќе ги одржат со соговорниците во Приштина и Белград.
На северот на Косово, на 31 јули и 1 август, дојде до зголемување на тензиите, бидејќи локалните Срби подигнаа барикади за да се спротивстават на две одлуки на Владата на Косово, за регистарските таблички и документи.