Достапни линкови

Пиштоли и рози и Бардовци со бајадери – кога беа изборите?


На митингот на сдсмовските „рози“ во Гостивар немаше ни барање за посвојување, ни културно-уметнички настап, но стигнаа првите закани со пиштоли. Сиљановска, пак, повика да се гласа на 21 септември.

Последната недела од кампањата за претседателските избори стана смртно сериозна. За разлика од поопуштениот старт, кога и реториката беше поблага, а во фокусот на јавноста доаѓаа симпатичните испади на кандидатите или на партиски лидери, реториката сега станува повоинствена. Додека кандидатите се обидуваат до крајот на кампањата да го задржат професорскиот интегритет, партиските лидери „нагазија“ пожестоко.

На митингот на сдсмовските „рози“ во Гостивар немаше ни барање за посвојување, ни културно-уметнички настап, но стигнаа првите закани со пиштоли. Учесник на собирот беше гневен што бил избришан од избирачкиот список.

„Не само јас, има и многу гостиварчани што се избришани. Молам да се преземе мерка за тие горе во ДИК. Јас не знам, се налутив, велам ќе појдам дури и таму, не може жив човек да го избришат од список.“

Стево Пендаровски: И да им појдеш, зошто да не?

„Би ги отепал со пиштол, не со нешто друго. Еве, јас тоа кажувам“, се закани гневниот учесник на митингот, додека кандидатот на СДСМ и на ДУИ, Стево Пендаровски тоа го премолче.

Кандидатката на ВМРО-ДПМНЕ, Гордана Сиљановска – Давкова, пак, која во текот на кампањата два пати се збуни во кој град се наоѓа, на централниот митинг во Скопје го промаши денот на изборите.

„Затоа, треба да се излезе на 21 септември, но нешто друго е уште поважно“, рече Сиљановска, повикувајќи ги насобраните да гласаат на 21 април.

Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, утредента, на централниот митинг во Скопје ја „пецна“ токму за овој лапсус.

„Ќе ги победиме на 21 април, ќе ги победиме на 5 мај, ќе ги победиме и на 21 септември ако треба“, рече Заев.

Шарм на последната недела од кампањата ѝ даде директорот на скопската Зоолошка градина Ѓорѓи Галетановски - Чомбе, кој е дел од изборниот штаб на Пендаровски. Тој прво на Фејсбук, коментирајќи ги гафовите на Сиљановска напиша дека „логички во Бардовци треба да оди“. По реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ, рече дека не ја навредил, но „можеби претерал во одреден коментар“ и е подготвен да се извини.

Сиљановска – Давкова, по посетата на штабот на Пендаровски забележа дека Чомбе не ја пречекал, на што тој одговори дека во тоа време бил на работа и ѝ испрати букет цвеќе и бајадера.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG