За само еден ден, Државната изборна комисија се пишмани за одлуката да се важат и гласачките ливчиња без печат во вториот круг од локалните избори в недела. Завчера ДИК донесе упатство во кое им посочува на избирачките одбори дека е доволно да биде видлива волјата на гласачот, па макар и да нема печат на гласачкото ливче, но по реакциите во јавноста се пишмани и се врати на ставот утврден во согласност со Изборниот законик уште во март минатата година: за да биде важечко, гласачкото ливче мора да добие печат од избирачкиот одбор.
ДИК се повлече од одлуката по бурните реакции во јавноста. Дел од граѓаните сметаат дека со гласачки ливчиња без печат „бугарскиот воз“ ќе бревта и без пруга кон Бугарија.
ДИК го промени упатството откако Управниот суд го поништи гласањето на едно гласачко место во Шуто Оризари, каде што членовите на избирачкиот одбор „заборавиле“ да ставаат печат на ливчињата, но волјата на гласачите била „јасно изразена“ и затоа судот смета дека треба да се признаат. ДИК прво донесе упатство ливчињата без печат да се бројат ако е јасно изразена волјата на гласачите, но по бурните реакции во јавноста се повлече и соопшти дека важечки гласачки ливчиња ќе бидат само тие што имаат печат.
Дел од граѓаните реагираа што изборните правила се менуваат во од.
Други се сомневаат дека забуната во јавноста што ја направи ДИК може да придонесе за изборни нерегуларности. Други одат чекор понатаму, па велат дека избирачкиот одбор може намерно да им става печат на гласачките ливчиња на „сигурните“ гласачи на некоја партија. Претседателот на ДИК Александар Даштевски, пак, се закани со кривична одговорност за членовите на избирачките одбори кои нема да го почитуваат законот и нема да стават печат на ливчињата.
Ако Сталин и Черчил можеле на салфетка да се договорат за поделбата на Источна Европа на сфери на влијание, зошто на таков начин да не може да се бира градоначалник, се шегуваат дел од граѓаните на социјалните мрежи.
Во првиот круг на локалните избори на 17 октомври имаше над 60 илјади неважечки ливчиња, односно 6,5 отсто од сите гласачки ливчиња. Не беше соопштено колку од нив биле поништени само затоа што немале печат.