Мојот уметнички израз не се заснова само на симболичните карактеристики на геометриската форма. Основната намера е да ја насочам уметничката активност кон синтеза на ликовниот јазик и кон еден вид про учувачки приод кон ликовното дело. Кругот како основен мотив во моето творештво не доаѓа случајно. Тој е присутен како синтеза на мојата творечка и животна филозофија, на знаењето дека како совршена форма симболизира сѐ за кое како жена и уметник копнеам.
Ова ќе го забележи Петра Јовановска во своето обраќање до ликовната публика и бугарската културна јавност собрани на нејзината изложба „Бегство од кругот“ во Чешкиот центар во Софија. Поставката ќе се одвива во текот на месец март и е плод на соработката со македонскиот Културно-информативен центар и на амбасадите на двете пријателски земји.
И, кога сме тука чисто телеграфски. Родена во Јесеник, Чешка, Јовановска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности, а досега реализирала над 30 самостојни и повеќе од 300 колективни изложби во повеќе земји во светот. Носител е на бројни награди и признанија од своите ликовни учества во Јапонија, САД, Австрија, Романија, Чешка, Франција и во Македонија.
Што значи за вас ова претставување во Чешкиот центар во Софија? Уште еден значаен момент од вашата интимна творечка приказна или...
Искрено, мојата самостојна изложба „Бегство од кругот“ поставена во Чешкиот центар во Софија за мене лично има големо емотивно значење. Најнапред морам да кажам дека многу и се израдував на личната покана на г-ѓа Дагмар Остранска, директорката на Чешкиот центар во Софија и се разбира на укажаната можност за мое творечко претставување во Бугарија. Но уште поголема беше радоста кога дознав дека ликовниот проект ќе се реализира во соработка со македонскиот Културно-информативен центар во соседната држава, бидејќи многу ми значи соработката помеѓу овие две држави на полето на уметноста. Посебно на ликовната уметност. Не е тајна дека јас како уметничка веќе подолг период се залагам за поврзување на ликовните сцени со реализација на ликовни изложби на чешки и македонски автори.
Сметате ли дека уметноста, културата воопшто, може да ја разбуди совеста во вакви зли времиња и да ги натера луѓето да им се вратат на вистинските вредности. На потребата заеднички да се креира иднина за сите нас на планетата земја?
Во уметноста не постојат граници. Таа не признава огради и делби. Во ликовната уметност постои еден универзален визуелен јазик. Уметникот е пред се* отворена личност. Личност која твори во времето и за времето во кое живее. Онака како што тој го гледа светот. Низ својата призма. И, притоа преку своето дело говори за него, за општо човечките вредностите. Според мене, овие работи треба да бидат столбови и во животот на секој од нас. И посебно во овие и вакви времиња.
Оваа поставка е специјално подготвена за просторот на Чешкиот центар во Софија. Изложбата е насловена „Бегство од кругот“ и безмалку да го вади на виделина актуелниот миг од вашето творештво. Како го замисливте претставувањето и колку тоа кореспондира со вашите актуелни чекори во уметноста?
Токму така поставката беше специјално креирана за изложбениот простор во Чешкиот центар. За мене е многу битно визуелно да се поврзам со просторот, и притоа настојувам селекцијата на делата да биде таква за да лесно кореспондира со целата таа галериска атмосфера. Од таму оваа изложба е една лична приказна, една целина, еден круг. Затоа на неа не се изложени дела само од еден циклус, ниту од еден временски период. Јас во овој случај не сакав на тој начин да се претставам. Напротив. Се одлучив да направам селекција од моите досегашни дела. Посегнав по сето она што според мене е вредно од различните творечки периоди. Ги одбрав делата и се обидов да ги поврзам во една целина. Инаку, лично секогаш внимателно ги правам изборот и визуелната мустра. Се грижам како и каде ќе биде поставено секое ликовно дело во галеријата. За мене тоа има внатрешна и визуелна логика. Мора да напоменам, дека бев многу пријатно изненадена, кога визуелната поставка испадна токму така како што ја замислував. Изборот на дела, просторот и насловот на изложбата мора да прават една вистинска приказна, внатрешно дефинирана и визуелно цврста. Сите овие работи мора да бидат во уметничка симбиоза. Во тој случај јас како авторка, како уметничка, настојувам да бидам комплетно задоволна со поставката и исклучително ми е важно да создадам што подобри услови за контакт со публиката. Со јавноста.
Со оглед на тоа дека вашиот уметнички израз не се заснова само на симболичните карактеристики на геометриската форма, што во случајов ви беше намерата?
Веќе подолг период го истражувам кругот. Патував низ него, го затворав, го напуштав... Повторно се сретнував со него, бев во потрага по неговите граници и ...така со ред. Како графичар во своите дела ги применувам графичките техники, пред се сувиот печат, кој создава релјеф. Овој „графички релјеф“ се обидувам да го создадам и во сликарството, така да сите одбрани дела на изложбата го содржат релјефот. Со оваа структура правам спој помеѓу моите геометриски дела со композиции на круг, изработени во сув печат и сликарството, каде го задржувам релјефот но ја нема геометриската форма - кругот. Графичката структура останува, но кругот го снемува.
И, ако полека го правите условно земеното „бегство“ од истражените и веќе презентирани форми, каде ќе ве водат вашите идни потраги? Што е она што би сакале да го креирате во претстојниот период?
Со оваа изложба направив уште еден обид за бегство од кругот. Но, не ми се случува само визуелно бегство. Тука е и се* што кругот симболизира за мене. Се обидувам да избегам од него, да истражувам можеби некој друг геометриски облик... Од друга страна, не е исклучено потрагата и истражувањето да ме одведат во друг уметнички и творечки правец. Нешто што не сум го планирала. Сите овие случувања од последното време на некој начин полека го менуваат и начинот на размислување, погледите... Сето тоа несомнено е дека ќе се рефлектира и во моето идно творештво. Јас едноставно се обидувам да се движам во правец на поголема и неконтролирана спонтаност. Сосема да се ослободам од ограничувањето на кругот не само во визуелна, туку и во симболичка смисла. Времето и уметничкиот труд ќе покажат дали ќе успеам во тоа и колку.
Во изминативе неколку години се претставувавте заедно со вашите колеги од Чешка а вашето творештво ја има моќта со леснотија комуницира со актуелното во пошироки рамки. Можете ли да направите споредба најнапред меѓу двете сцени, а потем каде е македонската ликовна уметност на Стариот континент, во светот? Успеваме ли да држиме чекор?
Во Чешка, на пример, постои т.н „Арт Индекс“. Тој прави обид за непристрасен опис на случувањата на актуелната уметничка сцена. Ова е всушност тековното рангирање на чешките уметници направено врз основа на нивното активно учество на уметничката сцена. Индексот се заснова на претпоставката, дека внатрешната вредност на уметноста не може да се мери објективно, но може да се процени успехот на уметничката кариера. Индексот го зема предвид учеството на изложби и биеналиња, уметнички награди, претставувања во галерии и други дела (на пример, монографии на книги или реализации во јавен простор). Содржи список на оние кои имаат најмногу продадени дела, оние кои најмногу изложувале во Чешка, кој најмногу се претставувал во странство.... Таму постои таква ранг листа, постојат уметнички аукции... нешто што овде во Македонија го нема. За жал, овде ние уметниците се бориме во старт со основните работи како е на пример со една обична набавка на ликовни материјали?! Лимитирани сме со тоа што е достапно во моментот на пазарот. Затоа слободно можам да кажам дека колку и да се трудиме, не успеваме да држиме чекорот со чешките колеги. За да се развива било што во било која област е потребна добра основа. Не само општествена туку и финансиска. Тоа посебно важи и за ликовната уметност.
Што е потребно за да се излезе на глобалната сцена? Може ли вам или на некој од вашите колеги да му се оствари сонот за поголем успех? За присуство во извиканите галерии, на значајни изложби, во музеи или во колекции...
Мислам дека за тоа, покрај професионална посветеност, упорност, труд... потребна е и среќа. Никогаш не е доцна за голем успех. За изложби и претставувања во светски познати галерии. Кармен Херера првите големи успеси и продажби на своите дела ги доживеа на свои 89 години. Нејзиниот успех го сметам како најдобар пример за ова.
И, по ова кога да ја очекуваме вашата нова ликовна средба со публиката? Овде или таму надвор, некаде?
Мојата нова средба и претставување пред ликовната публика и пошироката културна јавност ќе се случи наскоро. Подготвувам неколку ликовни проекти со надеж за успешно претставување. Сега за сега, можам да откријам дека веќе следниот месец ќе направам две изложби, една е во странство и другата овде дома, во Македонија.