Достапни линкови

Пендаровски ја разбрaл пораката, a ВМРО-ДПМНЕ брои пратенички мандати


Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска по објавувањето на резултатите од првиот круг
Стево Пендаровски и Гордана Сиљановска по објавувањето на резултатите од првиот круг

Во само-охрабувачки обраќања и опозицијата и владиниот кандидат ги толкуваат резултатите од вчерашниот прв круг претседателски избори како извесност дека токму тие ќе ја однесат победата во вториот круг на 5 мај.

Претседателскиот кандидат поддржан од СДСМ и коалицијата Стево Пендаровски по водството од околу 4 600 гласа пред кандидатката поддржана од ВМРО-ДПМНЕ Гордана Сиљановска-Давкова, рече дека ги разбира и граѓаните кои решија да не излезат на гласање и на тој начин да ја упатат пораката.

“Тоа е нивно право и верувам дека пораката од страна на политичарите е примена”, рече Пендаровски.

Тој додаде дека не е изненаден од ваквиот резултат кој претходно го покажале и испитувањата на јавното мислење, нагласувајќи дека иако е кампања за претседателски избори и партиските лидери беа инволвирани, па на моменти наликувало како е да кампања за парламентарни избори.

“Никој не може да исклучи дека кога одам јас да зборувам за надлежностите на претседателот, дека граѓанинот во глава, како претставник на оваа владејачката гарнитура, не гледа и некои други работи кои на локално ниво не се завршени, некои ветувања од социоекономската сфера кои не се реализирани и мислам дека сето тоа имаше влијание”, рече Пендаровски.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, кои вчера прославуваа во своето седиште за гласовите кои ги доби Сиљановска-Давкова вината за тоа зошто и тие освоија околу 15 000 гласа помалку отколку на локалните избори ја лоцираа во власта.

“Тоа е поради тоа што во државата владее апатија и поради целата политика која што оваа власт ја води во изминатите две и пол години ”, рече генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ Игор Јанушев.

Изборните резултатите според него ја најавуваат македонската пролет па 323.846 гласа за Пендаровски и 319.240 за Сиљановска-Давкова ги претвори во пратенички мандати.

“Првичните анализи покажуваат и коалицијата за подобра Македонија ќе освојат 53 пратенички мандати, а СДСМ 12 пратенички мандати помалку или само 41 пратенички мандат”, рече Јанушев.

И двете страни сега влегуваат во трката за неизвесниот втор круг, па повикуваат на поголема ангажираност на граѓаните за да се стигне до законски потребниот цензус од 40 отсто. Истовремено и Пендаровски и на Сиљановска- Давкова сакаат да ги придобијат и речиси 80 000 гласачи на кандидатот поддржан од Алијансата за Албанците и Беса Блерим Река.

“Ги повикувам сите граѓани, апсолутно сите граѓани да ја искористат можноста за конечна победа на правдата, над неправдата”, рече Јанушев.

Пендаровски, пак, им се обрати на граѓаните што гласале за Река во првиот круг и ги повика да гласаат за него, а не даде конкретна оценка за ангажманот на владиниот коалициски партнер ДУИ, која беше критикувана во дел од јавноста дека била недоволно ангажирана во анимирање на сопственото членство.

“Не можам да видам индикатор, барем до сега, дека некој од нив седел дома и не работел”, рече Пендаровски.

Кандидати во меѓувреме ќе продолжат со кампањските активности.

  • 16x9 Image

    Фросина Димеска

    Родена е 1980 година во Скопје. Со новинарство се занимава од 2004 година кога почнува да работи како постојан дописник на Радио Слободна Европа од Скопје.
    Во периодот од 2008 година до почетокот на 2014 година работи прво како новинар во телевизијата Алсат М а потоа во дневниот весник Нова Македонија.

XS
SM
MD
LG