Претседателот Стево Пендаровски очекува да се почитува препораката на ОБСЕ/ОДИХР непосредно пред избори да нема менување на изборните правила. Ова го наведуваат од Кабинетот на претседателот за Радио Слободна Европа на прашањето поврзано со најавените измени на Изборниот законик, кои попладнево влегоа во собраниска процедура, според изјавите на премиерот Зоран Заев ќе се применуваат на локалните избори кои ќе се одржат во октомври.
„Доколку сепак во овој педиод се оди со измени, став на претседателот е, тоа да биде со поширок политички и општествен консензус постигнат не само меѓу власта и опозицијата, туку и со релевантните организации од граѓанскиот сектор. Во врска со најавениот Предлог за измена и дополнување на Изборниот законик, во делот кој би пропишал независните советнички групи да треба да соберат потписи од два проценти од вкупниот број на избирачи запишани во една општина, претседателот Пендаровски смета дека треба да се предвиди понизок праг со цел да се овозможи поголемо учество на граѓаните во изборниот процес“, наведуваат од кабинетот на Пендаровски.
Според измените на Изборниот законик кои ги најави премиерот Заев, сите парламентарни политички партии направиле нацрт закон во кој се предвидува дека ако некој сака да се кандидира на претстојните октомвриски локални избори како независен кандидат му се потребни потписи од два отсто од гласачите кои се запишани во општинскиот избирачки список. Овие два отсто всушност значат многу повеќе собрани потписи за независните кандидати во споредба со досегашната законска регулатива.
На пример, на последните локални избори во 2017 година во избирачкиот список во град Скопје имаше запишано 461 312 гласачи, што според најавените измени би значело дека за некој независен кандидат да се натпреварува ќе треба да собере 9,226 потписи. Според постојните правила за ваков потег досега беа потребни 1000 потписи. Инаку според Законот за политички партии за да се основа партија потребни се потписи од најмалку 1000 граѓани кои имаат избирачко право.
Изјавата на Заев, пак, дека не се работи за договор меѓу СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ, туку дека во изработка на предлог-законот учествувале сите политички партии и Алијанса за Албанците и Левица ја демантираше лидерот на Левица Димитар Апасиев. Тој рече дека оделе на средбите во Клубот на пратениците, но тврди дека за праг од два отсто за независните кандидати не било зборувано на тие состаноци.
Предлог измените на Изборниот законик треба да стигнат во Собранието, а јавноста засега нема увид во нив бидејќи не се ставени на Единствениот национален електронски регистар на прописи, каде што се објавуваат сите предлог закони кога се во подготвителна фаза. Радио Слободна Европа контактираше со пратеници од СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ кои потврдија дека ги немаат добиено предлог измените во Собранието.
Според Марко Трошановски од Институтот за демократија ваквите најавени измени се „огромен удар врз демократизацијата на општеството“.
„Измените сами по себе ги устоличуваат политичките партии како единствени актери во политичката игра и единствени кои би можеле да им дадат некаква понуда на граѓаните. Со самото ова, гласот на граѓаните како носител на суверенитетот, вклучително и суверенитетот на земјата, сериозно се подрива“, вели Трошановски.
Спротивно од препораките на меѓународните набљудувачи, покрај тоа што измените се прават на кратко време пред локалните избори, е и прагот за независните кандидати. Имено, во извештајот на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за последните локални избори во 2017 година се наведува дека треба да се размисли за стандардизирање на потребниот број потписи за независни кандидати на најмногу еден процент од регистрираните гласачи во согласност со меѓународната добра практика.
Инаку досегашната регулатива предвидува дека зависно од големината на општината, во единици кои имаат до 10 000 жители треба да се соберат сто потписи, а општини над 100 000 на пример 450 потписи. Измените, според изјавата на Заев, предвидуваат на пример во општина со 50.000 избирачи треба да се соберат 1.000 потписи.