За продавачите на Зелениот пазар во општина Центар, јануари и февруари се најтешките месеци за заработка. Сивилото и зимското студенило ја отежнуваат нивната работа, бројот на муштерии е намален, а годината што помина не им беше особено наклонета во однос на проблемите и предизвиците со кои беа соочени.
Наместо вообичаеното работно темпо, овие неколку дена продавачите на Зелениот пазар работниот ден го започнуваат со протест. Револтирани се на одлуката на општина Центар со која паркирањето поскапува и во зоната околу пазарот чини 70 денари од час. Продавачите велат дека прометот е намален и дека ги губат муштериите.
„Решено е да биде 70 денари саат. За нашите картички од 800 денари се поскапени на 1500 денари. Згора на тоа немаме дозвола со комбиња да влегуваме внатре. Викаат купувајте коли ако сакате да влегувате внатре, а со коли не можеме да товариме ние“, вели Беким Алија, еден од организаторите на протестот.
Новите барања на продавачите се да се врати старата цена на паркинг и да се воведе еден час бесплатно паркирање за купувачите од пазарот.
„Бараме да ни ослободат еден час за нашите муштерии да можат да влезат и да пазарат бесплатно, како секаде. Нека си ја тераат тие својата работа, но да не остават и нас да работиме, и ние сакаме да живееме, имаме фамилија ја раниме од тука“, вели Мерсад Дураковиќ, закупец на тезга.
Пазарџиите од Зелениот пазар велат дека ефектот од зголемената цена на паркинг услугата веќе го чувствуваат врз својата работа. Во последната недела прометот значително опаднал.
„Сега е намален многу прометот. Од кога се качи паркингот од 40 на 70 денари, прометот е многу слаб. Има луѓе сум ги видела, гледа дека цената е ставена 70 денари и се враќа назад. Го пратиле некој за кило компир и кило кромид, а тој треба да плати 70 денари. Па повеќе го чини паркингот отколку кромидот и компирот“, вели Деана, продавачка на тезга.
Марјан Ѓоргевски е редовен посетител на Зелениот пазар. Не ја оправдува одлуката за поскап паркинг, зошто ,според него, за цената која ќе ја плати за два часа паркинг, може да купи ги купи намирниците кои му се потребни од најблиската продавничка.
„Тука не треба да има цена за паркинг. Треба да си дојдеш слободно да си пазариш, зошто да дадеш 200 денари за пазар за паркинг, кога со тие пари ќе купиш три артикли од друго место“, вели Ѓоргевски.
На протестите на пазарџиите реагираа од Паркинзи на Општина Центар. Оттаму сметаат дека решението на проблемот треба да се бара во Скопски Пазар кој треба да обезбеди дел од својата парцела која ќе биде наменета за потребите на своите закупци на тезги, а не решението да се бара во злоупотреба на јавна површина со цел да се задоволат потребите на еден приватен бизнис.
Пред неполн месец, овие исти пазарџии одржаа предупредувачки генерален штрајк, незадоволни од новиот ценовник со кој Скопски пазар им ги зголеми цените за закуп на тезга.
„Не е качена месечната цена на тезгите. Само дневната ја зголемија 250 денари, а другото си е по старо, остана старата цена“, вели Моме продавач на една од тезгите.
Но, се чини дека една од најтешките битки кои продавачите на зелените тезги ги извојуваа беше онаа со законот за трговија на зелени пазари, со кој меѓу другото пазарџиите требаше да добиваат лиценци, а се предвидуваше забрана за продажба на пазарите на пензионерите. Под притисокот на јавноста и протестите на пазарџиите пред една година, Владата го повлече законот, а министерот за економија Кресник Бектеши призна дека анализите покажале дека со предложениот закон „штета ќе имаат сите“, а особено пазарџиите.
Најголемите забелешки на пазарџиите за ова законско решение беа токму висината на надоместокот за лиценците и обврската истите да ги доделува само една комора, како и забраната за пензионерите да продаваат на зелените пазари.