Достапни линкови

Пазaрџиите со страв ја чекаат 2019


Пазарџиите до владата: не ни го земајте лебот
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:57 0:00

Пазарџиите до владата: не ни го земајте лебот

Многумина од пазарџиите се стечајци, пензионери и луѓе кои на студ и горештина го вадат лебот. Од Нова Година стравуваат дека ќе останат без работа поради новиот закон со кој се предвидуваат лиценци а на тезгите нема да можат да работат хонорарци и пензионери.

„Пченката е 40 денари. Повелете!“

Вака почнува работниот ден за 66 годишната Радица која од рано изутрина од другата страна на тезгата на Зелениот пазар во Скопје со насмевка им ги нуди своите производи на купувачите, на минус 2 степена. Tаа, како и многу други кои продаваат, живее на периферијата на градот, а од пазарот си заминува со автобус.

Пазарите во Скопје отсекогаш биле местото каде може да се види лицето на животот на обичните луѓе во Македонија кои тука доаѓаат не само од периферијата, туку и од други градови за да заработат за парче леб.

„Во семејството јас и син ми се занимаваме со земјоделство. Мажот почина, снаата оди на работа. Две внучиња имам, не се вработени. Како ќе се прехраниме, прашање е дали ќе земам илјадарка. Тешко е, а и студено е.“

Така ја почнува приказната Мира од Ново Лисиче, една од многуминатa кои стравуваат од нови проблеми, почнувајќи од Нова година затоа што новото решение предвидува право на работа на тезга да немаат хонорарци, вработени и пензионери. Исто така, се планира тие што ќе продаваат на тезга да извадат и лиценци. Надлежните велат дека целта е да се регулира работата на пазарите, но трговците стравуваат за својата егзистенција.

Откако фирмата во која што работела отишла под стечај, оваа жена се согласила да работи каква било работа, само за да го прехрани семејството. И така 20 години останала на пазарот. Нејзиниот сопруг е починат. Има ќерка и внучиња и доколку не мора да ги прехранува оддамна би престанала да работи на пазар.

„20 години сум на тезга, стечаец сум и земам пензија од 8 илјади од маж ми живееме. Може нема многу ама се врти. Во Фолклор работев, од 2008 година сум дома. Плаќаме данок 9 илјади, што сакаат повеќе? Имам и внук и ќеркичка. Вака буткаме, но ако останеме дома ништо не правиме“, вели оваа жена.

Суад ја демантира приказната дека младите луѓе не сакаат да работат на пазар, но е единствениот кој работи во семејството. Кажа дека условите во кои работи се неадекватни, а особено во зима кога температурите паѓаат под нула, а пазарот е недопокриен.

“Имам за една живеачка, за да не зависам од социјално, колку да го издржувам семејството. Дома четворица јадеме од тоа што ќе заработам. И јас ќе си заминам во странство како другите млади луѓе. Ако ставаат лиценца ќе бараме услови. Не може на студ да плаќаме лиценца“, вели Суад.

Од друга страна,​ трговците наведуваат дека месечно заработуваат само за храна и давачки, но оти со лиценцата нема да им останат ниту толку затоа што ќе мора дополнително да издвојуваат пари. Тие плаќаат за наем на тезга и велат дека месечните трошоци ќе им се зголемат.

Радица се присетува дека имало денови кога и на минус 10 степени работела и заработувала само за да обезбеди оброк за себе и семејството. Таа вели дека работа има се помалку.

„Мажот е стечаец, јас невработена. Тој работи со трактор, јас тоа што е полесно за мане, фолии, пиперки, патлиџани. Давачката за тезгата е пет илјади и плус девет илјади денари годишно плаќаме данок. Ете, каде ги даваме парите. А слабо има купувачи од пред пет шест години. Многу маркети има, поблиску им е“, вели Радица.

Луѓето велат дека пред повеќе години можело убаво да се живее од тоа што ќе се заработи на пазар затоа што конкуренцијата била помала, а луѓето повеќе купувале.

На пазарите во Скопје најголем дел од трговците што може да ги сретнете од 50 до 60 проценти се пензионери. Освен на тезги во пазарните денови се продаваат производи и надвор од објектот. Се е поврзано со љубов кон земјоделство дури и кога тоа не е лесно за нив. Баба Бисера, како што ја викаат муштериите, сама ги произведува производите кои ги продава и на тој начин без пензија обезбедува дополнителен приход за себе и семејството.

„Од село Ракотинци доаѓаме со автобус број 58, продаваме јајца и тикви. Студено е, но мора да се мачи човек за да заработи некој денар. Имам син, ама тој нема работа. Дома е и внукот и тој нема работа. Со пензијата на стариот се крпиме. Јас немам пензија, а 80 години имам“, вели Бисера.

Продавачите на пазарите истакнуваат дека најмногу може да се заработи на лето кога има најразновиден зеленчук и овошје, а оти најтешко е во зима.

Има и такви кои задоволно се смешкаат, иако надвор е студено. Можеби денеска ќе заработат пари и ќе обезбедат ручек за себе и семејството. Но, неизвесноста како ќе биде по Нова година со новите решенија останува присутна кај сите на пазарот.

„Ако не од Нова година ќе си седам дома. Но кажете ми како да се живее само со седум илјади денари пензија?", вели Мира.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG