Достапни линкови

Пандемијата не ги поколеба македонските крводарители


Архивска фотографија: Крводарителска акција
Архивска фотографија: Крводарителска акција

Во ниту еден момент во пандемијата немаше недостиг од крв и поради тоа да се откажуваат операции, велат во Црвениот крст. Во многу земји во светот, пандемијата и големиот број заразени значително го намалија бројот на крводарители, па во опасност е доведено и редовното работење на болниците.

Ниту овој омикрон бран на коронавирусот, кога во еден момент имаше скоро 22 илјади активни заболени, не го наруши снабдувањето со крв во болниците. Донирањето крв е стабилно во тек на целата пандемија и во ниту еден момент не се доведовме да има недостиг, велат во Институтот за трансфузиона медицина.

Најголемо намалување на донирањето крв имаше на почетокот на пандемијата во 2020 година, кога стравот кај населението беше поголем, но и покрај намалувањето немаше недостиг, затоа што поради пандемијата, пак, болниците ги откажуваа операциите кои не се итни, а голем број клиники работеа како ковид-центри.

Институтот за трансфузиологија и Црвениот крст тогаш вложија дополнителни напори да ги убедат крводарителите дека е безбедно. Директорот на Институтот за трансфузиона медицина, доктор Садула Усеини вели дека тогаш ги организирале крводарителските акции во градови со помало ширење на вирусот и воспоставиле соработка со верските заедници, се организираа акции со познати личности и лекари, кои претставуваа пример за другите граѓани дека да се дарува крв во време на ковид-19 е безбедно.

„Имавме организирани крводарителски акции, посебно во тетовскиот регион, и тоа во џамии, во петок, после нивниот обред. Тогаш имавме доста крводарителски акции во нивните средини, и тоа во селата. Исто така имавме поддршка и од страна на архиепископот на МПЦ, каде што бевме на состанок, и тој ни организираше крводарителски акции коишто беа многу успешни. Морам тука да ги споменам Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана, коишто беа рамо до рамо со нас, посебно нивните припадници. Тие беа најдобро организирани и во такви средини најдобро бевме во можност да организираме крводарителски акции. Тие ни беа многу голема поддршка, посебно во моменти кога ќе почувствуваме дека се намалуваат резервите, во нивните средини многу лесно се организираа крводарителски акции и беа многу успешни и на тој начин ги надоместувавме нашите потреби“, вели тој.

Со тек на време редовните крводарители се охрабрија и се вратија на дарувањето, а пандемијата донесе и нови. Крводарителот Владимир Мирчевски вели дека донирал крв повеќепати во минатото, а во изминативе неколку години се вратил на редовното дарување.

„Во принцип, редовно давам крв на шест месеци, значи пандемијата генерално можеби и ме натера да се вратам на крводарителство, зашто имав една пауза во меѓувреме, така што на некој начин ме натера да се активирам повторно. Мерките се добри, неколкупати дарувам во текот на пандемијата, условите се добри, нема гужва, растеретено е, значи нема никакви опасности во тој поглед“, вели крводарителот Владимир Мирчевски.

Пандемијата на ковид-19 и крводарителството
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:01 0:00

Во земјава се организираат над 700 крводарителски акции годишно. Секој ден може да се дарува крв на Институтот за трансфузиологија и во Дневниот центар на Црвениот Крст Даре Џамбаз во Скопје, а секојдневно се организираат крводарителски акции низ целата земја. Даруваат полицајци, војници, студенти, вработени во различни фирми, а мобилни екипи постојано се на терен ширум земјата. Дарувањето крв е доброволно, анонимно и неплатено, а може да го направат сите луѓе од 18 до 65 години. Лекарите велат дека крводарителството е привилегија на здравите. Мажите може да даруваат крв на 3 месеци, а жени на 4 месеци. Освен крв, може да се дарува и крвна плазма и тромбоцити, но тоа се прави само во Институтот за трансфузиона медицина. Лицата кои прележале ковид-19 може да даруваат крв еден месец по прележувањето на болеста. Вакцинираните, пак, може да донираат крв од 7 до 28 дена по примената втора доза, во зависност од вакцината.

Даруваната крв може да се употребува 35 дена, крвната плазма до 3 години, а тромбоцитите само пет дена. Глигор Новачевски, одговорен за крводарителство во Црвениот крст на Македонија вели дека токму затоа, освен количините, важно е рамномерно распоредување на донирањето за да не се јави недостиг.

„Имаме скоро изедначеност во сите месеци. Затоа во Америка и во некои други западни земји има криза. И ние имавме такви кризи до пред 5-6 години. Се јавува криза во јануари-февруари и во летните месеци јули-август. Ние сега немаме криза, ние сега имаме скоро идентично застапени месеци. Сите месеци ни се движат меѓу 4,5 – 5 илјади единици крв. Дури јануари и февруари ни се подобри во просек отколку март и април, а претходно беше обратно“, вели тој.

Сепак, од време на време граѓани на социјалните мрежи објавуваат повици за донирање крв за нивни блиски затоа што има недостиг. Доктор Усеини вели дека во моментов има резерви крв за 7-10 дена. Не можеме да се бориме против социјалните мрежи, зашто некогаш семејствата се во паника и сакаат крвта да се најде што побрзо, вели тој. Моментален недостиг најчесто се јавува со тромбоцити, поради нивниот краток век на траење, но тогаш се повикуваат редовните крводарители и тој проблем се надминува.

Пред пандемијата во просек се дарувале по околу 50 илјади единици крв годишно. Во 2020 година имало околу 47 илјади, но поради откажувањето на операциите што не се итни, и таа количина беше доволна. Минатата година и покрај пандемијата биле собрани рекордни количества крв. Поради откажувањето на интервенциите во државното здравство поради пандемијата, во 2021 година имало поголема побарувачка на крв од приватните болници, каде што граѓаните беа принудени да си го бараат спасот.

Во изминатиот период над две илјади луѓе донираа и ковалесцентна плазма која се користеше за лекување на болни од ковид-19.

Бенефициите за крводарителите во постојан пад

Според Законот за работни односи, работникот што доброволно дарувал крв има право на отсуство од работа на два последователни работни дена за секое давање крв, но во приватниот сектор ретко ги добиваат.

Крводарителите кои дале крв повеќе од 10 пати, пак, се ослободени од партиципација за некои здравствени услуги како прегледи, лабораториски анализи, снимања и болничко лекување и рехабилитација.

Дамир Смајловиќ од Здружението на крводарители „Крводарител“ вели дека бенефициите за крводарителите се скромни и постепено се намалуваат од осамостојувањето на Македонија.

„По напуштање на старото федеративно уредување, во државата сите работи поврзани со здравството беа бесплатни за крводарителите, почнувајќи од лекување во странство, импланти, стоматолошки операции, лекови, буквално сите работи беа бесплатни. Можеме да кажеме дека 30 години наназад имаме една удолница којашто влече кон сè поголемо, не можеме да кажеме кратење, туку изоставување на бенефициите. Со секоја нова уредба по една од тие бенефиции, коишто порано беа внесени во закон, сега врз база на некои уредби или одлуки само се исфрлаат, односно се изоставуваат една по една“, вели Смајловиќ.

Тој посочува дека дури и кога ќе ги повикале во Институтот за трансфузиологија за да донираат крв како редовни крводарители, сами си го плаќале паркингот во Клиничкиот центар, зашто од пред две години не им ја признавале потврдата дека давале крв за барем да не го платат паркирањето за тоа време. Можеби не се работи за големи пари, но го покажува односот, вели тој.

„На пример јас лично едно 7-8 пати имам платено по 100 денари паркинг кога сум бил да дарувам тромбоцити, што е процедура што трае повеќе од 2-3 часа. Не се работи за стимулација, тоа е едноставно мал гест на изразување на благодарност што некој спасил живот“, вели тој.

Смајловиќ вели дека оваа работа за среќа се решила за време на кампањата за локалните избори кон крајот на минатата година.

Дарувањето крв не се плаќа и се прави само од хумани побуди за спасување на нечиј живот, но се чини дека општеството не се труди многу да им се оддолжи на овие луѓе. Слична е ситуацијата и во останатите земји од регионот. Во поранешна Југославија, крводарителите преку синдикалните организации од фирмите во коишто работеа, можеа да добијат бесплатно летување, а сега не може да ги искористат ни слободните денови што им припаѓаат според законот.

Сепак, има позитивни примери кога приватни фирми, здруженија или локални самоуправи нудат одредени погодности за крводарителите. Во Загреб на пример, на мажите кои дарувале крв над 30 пати и на жените кои дарувале над 20 пати им следува бесплатен јавен превоз.

Смајловиќ вели дека слично барање имаат и до градските власти во Скопје. Тој посочува дека тие како здружение имаат договор со одредени фирми за различни производи и услуги, кои нудат попусти за редовните крводарители.

Американските болници откажуваат операции поради недостиг од крв

Институтот за трансфузија на крв во Србија пред десетина дена објави дека располага само со еднодневни резерви на крв само за згрижување на витално загрозените пациенти.

„Поради секојдневниот голем број на заразени сограѓани со коронавирус, отежнато е собирањето крв и компоненти од крв, зашто меѓу заразените има и доброволни дарители на крв кои по прележаниот коронавирус мора да почекаат одреден период за да може повторно да донираат“, соопшти Институтот.

Тие упатија апел до граѓаните, без разлика на крвната група, да донираат крв.

Хрватскиот институт за трансфузиона медицина исто така објави дека има многу мали залихи на крв од нулта крвна група.

Во меѓувреме американскиот Црвен крст објави дека залихите се на опасно ниско ниво, а некои болници ги одложуваат операциите што не се итни. Ова е најголем недостиг во изминатата деценија. Поради пандемијата, многу крводарителски акции во земјата беа одложени.

Гоце Атанасов

Во Соединетите Држави недостигот на крв поради пандемијата сè уште е голем. Тоа е голем проблем ако се знае дека на секои две секунди, на некого во земјата му треба крв, без разлика дали поминува низ комплицирано породување, има потреба од третман за рак или претрпел сообраќајна несреќа.

Американскиот Црвен крст, кој обезбедува 40 отсто од крвта во земјата, вели дека залихите достигнале опасно ниско ниво, што значи дека некои болници мора да ги одложат операциите, бидејќи немаат доволно крв на располагање. Агенциите за собирање крв и службениците во болницата велат дека се соочуваат со најголем недостиг во повеќе од една деценија, откако донациите на крв се намалија за 10 проценти од почетокот на пандемијата.

„Црвениот крст се соочува со национален недостиг на крв, што значи дека имаме, во некои случаи, резерви на крв помалку од еден ден. И ова е критична ситуација, бидејќи ги принудува лекарите да донесат многу тешка одлука за тоа кој ќе прима трансфузија на крв и кој ќе мора да почека додека има дополнителни залихи на располагање“, вели портпаролката на Црвениот крст Кари Дајтон.

Црвениот крст и другите агенции во голема мера се потпираат врз крводарителските акции што ги организираат работодавците и колеџите, но многу настани за собирање беа откажани поради затворањето на пандемијата.

Студентите сочинуваа 25 проценти од донаторите во 2019 година, но само 10 проценти во 2021 година, според Црвениот крст. Напливот на омикрон што започна во САД во декември доведе до недостиг на персонал, откажување на акции за собирање крв и помалку донации, бидејќи донаторите остануваат дома или се разболуваат со ковид-19, велат официјалните лица. Според нив, сè уште има критични недостатоци за кои ќе бидат потребни месеци да се решат.

„Луѓето почнуваат да одат напред, но ова е долгорочен проблем за кој ќе ни треба помош во текот на многу, многу месеци, делумно затоа што побарувачката за операции продолжува да биде висока во моментов“, вели Ненси Фостер, потпретседател на Американската асоцијација на болници.

Ангел Карни од Сан Франциско беше редовен донатор, но нејзините донации се намалија откако започна пандемијата.

„Пандемијата ги задржа сите внатре и нема толку многу акции за крв на работа затоа што не се работи во канцелариите. И нема крводарителски акции во училиштата затоа што училиштата се затворени. И така, ако погледнете наоколу овде, тука нема никој и денес, така што има многу празни кревети“, вели тој.

Дан Нго, кој претходно даруваше крв или тромбоцити на секои шест до осум недели, дојде во Центарот за крв на Црвениот крст за да донира за првпат од почетокот на пандемијата. Земањето тромбоцити, ситни крвни зрнца, трае до три часа.

„Тоа е една од работите што можете да ги направите за навистина да им помогнете на луѓето. И тоа навистина не ве чини многу. Знаете, седите овде еден час или два, а потоа одите дома знаејќи дека потенцијално можете да спасите живот“, вели Нго.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG