Достапни линкови

Пандемијата донесе поскапа храна


Сончогледот, сончогледовото и палмовото масло се берзански производ и цената на маслото веќе 7-8 месеци континуирано расте на светските берзи, но и на домашниот пазар. Само за три месеци цената „рипна“ за половина евро. Тоа може да повлече поскапување на другите прехрамбени производи.

Килограм брашно 45 денари, литар зејтин 97 денари, еден квасец 10 денари. За вкупно 152 денари денеска може во својот дом да подготвите мекици. Но, само пред три месеци, домашните мекици ве чинеа 100 денари затоа што литар сончогледово масло чинеше 65 денари а килограм брашно 35 денари.

Зголемувањето на цените на прехрамбените производи се резулат на поскапените суровини како последица на пандемијата со ковид-19 но и на климатските промени, велат производителите. Навидум мали поскапувања, но во конечната сметка на каса, значителен износ. На пример, свинското месо е поскапо од пред четири месеци за 20 до 30 денари од килограм, додека еден литар млеко е поскапено за 3 до 4 денари.

Причина - недостиг на суровини

Производителите на храна, но и на сончогледово масло со кои разговараше Радио Слободна Европа, велат дека главната причина за поскапување на македонските производи е недостигот на суровини во земјава кои увезуваат по се повисоки берзански цени на меѓународниот пазар и се помалото домашно производство на земјодески продукти. Тие објаснуваат дека е рано да се предвидат цените на годинашната реколта, но очекуваат тие да бидат повисоки со оглед на зголемените трошоци.

Прераборувачката индустрија од прехранбениот сектор, пак, која увезува суровини очекува одредени бранувања на цените во наредниот период, а тоа ќе влијае и на цената на нивните крајни производи. Сончогледот, сончогледовото и палмовото масло се берзански производ и цената на маслото веќе 7-8 месеци континуирано расте на светските берзи.

Силвана Манаскова задолжена за маркетинг во компанијата „Кристал 1923“ од Велес, вели дека поскапувањето на зејтинот од Нова година па навака се должи на поскапувањето на непреработениот сончоглед и суровото масло на берзата.

„ Ние како фабрика обезбедуваме суровина за два три месеци однапред, но оваа година откуп од македонскиот пазар имаше многу малку, во околината сончогледот беше многу скап, и нашите залихи кои што ги имавме како основна суровина беа доста ниски. Не само ние, туку и другите производители на масло кои работат во земјава, континуирано ја прилагодуваме цената на маслото според цената на суровината“ вели таа.

Манаскова додава дека на берзите цените на суровините континуирано растат и тоа остава последици врз нивната работа затоа што поскап производ значи и помала продажба.

„Ние во однос на минатата година имаме намалено производство и намалена продажба, затоа што веќе не сме извозно ориентирани, затоа што немаме веќе добра цена за извоз, а немаме ни залиха на која ќе се потпираме, сакаме домашниот пазар да биде снабден. Цената на суровината само ни се надоградува на продажбата цена. А производството ни е намалено за да 50 проценти“ вели таа.

Варијациите на берзанската цена на маслото се должат на глобалниот недостиг на сирово масло што пак, е резултат на сушните периоди во изминатите неколку години. И државниот завод за статистика евидентира дека најголемо зголемување има кај цените на маслото за јадење од 14 отсто за една година, а само за еден месец за 2,5 отсто.

Еден од сопствениците на компанијата „Гурмано“ Горан Цуцулески, која во производството на зимница користи масло, вели дека промената на цените на маслото го изремени целиот производен процес.

„Искрено не можеме ние да ги вкалкулираме тие дополнителни трошоци во цената на производот или да ја поскапеме цената на готовиот производ, бидејќи имаме годишни договори и не е така едноставно поскапувањето кое сега во моментов го издржуваме на наш грб. Ние како фирма кои што сме извозно ориентирани ни случајно не можеме така лесно да ги дигаме цените на 15 дена како тоа што го прават производителите на маслото“ вели Цуцулески.

Поскапувањата - домино ефект врз економијата

Тој додава дека му е сосема јасно дека маслото е берзански производ и дека поскапувањето како домино ефект удира и врз македонските производи. Но, разликата од половина евро во еден литар зејтин предизвикува сериозен удар врз нивното производство.

„ Конкретно ние имаме 10 тина тона месечна потрошувачка, и овие месеци по Нова година, сме потрошиле 30, 40 илјади масло и со разликата од половина евро за еден литар е значителен износ кој што мораме во овој момент да го претрпиме како сопствена загуба, немаме друг избор во моментов“ додава Цуцулески.

Производителите на маслото за јадење велат дека растот на цената бил неизбежен, бидејќи цените на светските берзи во последниве шест месеци двојно се зголемени, а тие мора да ја следат таа цена. Пандемијата ја покажа само потребата од домашна суровина за преработка, која доколку се обезбеди со договорно производство, ќе биде најсигурно и најефтино за произведувачите, но и за македонските потрошувачи затоа што засега за ваков вид на суровини македонскиот пазар е увозно – зависен. Пример за тоа е Србија, која што е регионален извозник на сончоглед и сончогледово необработено масло.

„Тие имаат домашен сончоглед, имаат суровина која што им е набавена по откупни цени во септември, и овие цени за нив се супер, а сега оваа продажна цена во однос на цената од септември е зголемена за 30 проценти минимум. Ние сега имаме зголемени режиски трошоци, помало производство и да знаете ние не сме многу среќни со оваа повисока цена“ вели Манаскова.

Според статистика, за еден месец јануари – февруари прехранбените производи поскапеле за 0,4 отсто. За една година од ланскиот февруари до сега храната поскапела за 2 проценти. Според статистика по еден до два проценти се поскапени и овошјето и зеленчукот, шеќерот, џемот, медот, чоколадите и другите кондиторски производи, како и месото, рибата и млечните производи.

Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО) деновиве објави дека ценитe на храната од септември па навака рапидно расте на светските пазари, а тоа е предизвикано од наглото поскапување на растителните масла и житарките.

Според последните податоци од државниот завод за статистика во изминатиов месец март е забележано намалување на трговијата на мало со храна, пијалоци и тутун, за 4 проценти.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG