Достапни линкови

Охридската пастрмка остана само на монетата од 2 денари


Охридска пастрмка
Охридска пастрмка

Бројот на охридската пастрмка е намален за десетици пати во периодот на независна Македонија. Прекумерниот риболов е еден од факторите што може да доведе до истребување на овој вид, а истражувања покажуваат и ризик од хемиско загадување во услови на несоодветна институционална заштита

Во изминатите 30 години популацијата на охридската пастрмка е намалена за 20 пати, според мониторингот на Хидробиолошкиот институт во Охрид, тренд кој е поврзан со прекумерен риболов и загадување на водите на Охридското Езеро.

Криволовството и несоодветната контрола претставуваат опасност, но научни истражувања истовремено покажуваат дека овој ендемски вид (Salmo Letnica) е загрозен и од загадувањето на водите на Охридското Езеро .

Никола Паскали секојдневно нурка во Охридското Езеро. Тој вели дека во водата често забележува мрежи и друг риболовен алат, а се помалку риба поради прекумерниот лов.

„Охридска пастрмка има во рестораните во Охрид, може да се нарача и во скопските и во рестораните низ цела Македонија за преку 2.000 денари килограм. Инаку, ние охриѓаните овде јадеме плашици и грунци и сме среќни со тоа. Пастрмка јадеме три пати годишно, а се случува да сакаме да купиме, а да нема, поради лошото управување со целиот овој резерват“, вели Паскали.

Популацијата на охридската пастрмка континуирано се намалува од почетокот на 90-те години на минатиот век, според мониторингот на Хидробиолошкиот институт во Охрид.

Податоците добиени во периодот од септември до ноември 2021 година покажуваат „отсуство на повозрасни единки“ во ловините кои биле направени за научни потреби, што според институцијата, „јасно укажува на прелов“ на оваа риба.

Официјалните известувања од Албанија за риболовот во Охридското Езеро покажале дека на албанската страна од 2012 година наваму се ловат од 55 до 70 тони пастрмка годишно, додека на македонска страна во истиот период изнесувала помалку од еден тон. Во ваква ситуација анализите на Хидробиолшкиот институт покажуваат „несвојствена доминација на белвицата во однос на пастрмката.“

Водите на Охридското Езеро кај населбата Грашница се загадени до фекалии од канализација.
Водите на Охридското Езеро кај населбата Грашница се загадени до фекалии од канализација.

Но, колку овие податоци за македонската страна се прецизни со оглед дека Владата пред две години го раскина договорот за концесија за Охридското Езеро со концесионерот „Летница Белвица“ поради утврдени нерегуларности, односно дека не вршел навремена и целосна физичка заштита на рибите во Охридското Езеро.

Ваквите концесии беа доделувани за да има контрола и рибочуварска служба за заштита на езерото, но Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во 2020 година утврди дека концесионерот не водел точна, навремена и целосна евиденција на уловената риба.

Тогаш беше најавено дека по завршувањето на постапката за раскинување на концесијата Министерството ќе објави нов јавен повик за доделување на концесија за Охридското Езеро, но засега не е избран нов концесионер.

Во меѓувреме, Македонија и Албанија потпишаа спогодба за заедничко одржливо управување со риболовот на Охридското и Преспанското Езеро. Требаше да биде направено ново билатерално тело – Заеднички комитет за риболов во двете езера кое требаше да изготви препораки за усогласување на регулативите за риболов во двете држави.

Одговори побаравме од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство дали во моментов се преземаат мерки за заштита на охридската пастрмка со оглед на намалувањето на популацијата, во колкав обем се лови и колку е распространето криволовството; дали се бара нов концесионер за заштита и дали е формирано меѓудржавното тело.

Од таму велат дека риболовот во моментов е забранет со оглед дека не е доделена концесија на Охридското Езеро, а дека меѓу мерките за заштита на рибите е физичка заштита која ја врши рибочуварската служба на Државниот инспекторат за земјоделство во соработка со Езерската полиција, но и дека е формирано координативно тело за заштита на езерото составено од претставници на Министерството, државниот инспекторат за земјоделство, МВР, Царинската управа и капетанијата.

Основна мерка за зачувување на популацијата на охридската пастрмка е порибување на водите на езерото со подмладок, велат од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Во однос на податоците за криволовство на Државниот инспекторат за земјоделство, во 2021 година биле одземени 288 килограми риба, додека во првото тримесечје од оваа година одземени се 95 килограми риба.

Заедничкиот Комитет за рибарство за Охридското и Преспанското Езеро меѓу Македонија и Албанија одржал средба на која биле разменети националните закон за рибарство и други информации, а дека втора средба треба биде одржана на крајот на годината кога експерти треба да предложат мерки и да дадат препораки за идна соработка, се вели во одговорот на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Паскали вели дека е потребно итно порибување на Охридското Езеро, бидејќи според него тоа е веќе уништено во голем степен.

„За тоа каде ќе одиме понатака треба да кажат стручни лица. Ние сме тука да помогнеме, апелираме да не вклучат во процесите, но сепак државата е глува е се однесува како да не постоиме“, вели Паскали.

Исто така, најголемиот дел од уловените пастрмки за научни цели биле со празни црева, а кај помал дел била евидентирана исхрана со фауната од дното и кај мал дел е најден зоопланктон.

Во извештајот на Хидробиолошкиот институт исто така се вели дека дека охридската пастрмка се храни несоодветно во водите на езерото во делот од годината кога биле ловени единките за потребите на мониторингот, што укажува на одредени неповолности во езерската динамика. Тоа дополнително може да има негативно да влијае врз популацијата на пастрмката во целост, наведува институцијата.

„Популацијата на Охридската пастрмка во Охридското Езеро е со многу влошена и сите факти укажуваат на нејзин прелов во претходните години. Отсуството на нејзини повозрасни единки укажува дека преловот е се уште присутен. Иако на македонскиот дел од Езерото официјално таа не се лови, риболовот на албанскиот дел од Езерото воглавно е фокусиран на пастрмката“, се вели во заклучоците од извештајот на Хидробиолошкиот институт.

Измет и урина на плажите на Охридското Езеро
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:22 0:00

Ова не е единствен извештај кој покажува дека охридската пастрмка е загрозена. Откако Радио Слободна Европа деновиве објави дека плажите на Охридското Езеро во летната сезона се загадени со високи нивоа на бактерии од човечки и животински измет и урина кои доаѓаат од д канализации, септички јами, полски клозети, фарми и депонии, други научни истражувања покажуваат дека рибите во езерото се загрозени од хемиско загадување.

Во научно истражување од 2016 година објавено во Турскиот журнал за рибарство и водни науки се вели дека децениското намалување на популацијата на охридската пастрмка е поврзано со прекумерен риболов, но и на хемиско загадување на езерото.

Во научниот труд се вели дека во земените примероци на охридска пастрмка од неколку локации во езерото, се утврдени хистопатолошки хепатални лезии кои се поврзани со изложеност на хемиски загадувачи. Тие утврдиле повреди на црниот дроб на рибите, здравствен ризик за кој велат дека е поврзан со влијанијата на урбанизацијата во Охридскиот регион. Оваа студија укажува на потребата да се иницира долгорочна програма за биомониторинг на охридската пастрмка.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG