Достапни линкови

ОФФЕСТ – две децении гласник на слободата и музиката на Третиот свет


Кико Динучи и Јусара Марсал од Бразил фото: Татјана Ранташа
Кико Динучи и Јусара Марсал од Бразил фото: Татјана Ранташа

Со програма која ги понуди сјајните настапи на Лина и Раул Рефри, Блик Баси, Кико Динучи, ШИРОМ и нашиот Пијан Славеј, минатава недела ни се случи 20-то јубилејно издание на ОФФЕСТ, манифестацијата која за кус временски период го достигна реномето на „постариот брат“ – Скопски џез фестивал.

Втора година по ред принуден да се одржува во изместен термин, наместо во јуни во ноември, ОФФЕСТ со леснотија докажува дека може да им одолее на сите предизвици. На политичко-културните калкулации, итроштините на „минливите“ и нивните божемски „заложби“ за ѕидање мостови, немаштијата, пандемијата, старите болки со инфраструктурата и врските на земјава со светот, посвоениот медиумски простор... и така со ред.

И, богами да излезе уште пожилав. Посилен. Онаков каков што на интернационалната сцена подолго време е Скопскиот џез фестивал, манифестацијата од чија потреба за „прочистување“ на програмата и враќање кон изворната идеја водилка своевремено беше промовиран. И, не само со мисла да едуцира и да понуди увид во новиот силен бран на музиката на Третиот свет, на „светската музика“, туку и да ги донесе и претстави оние кои од само ним јасна потреба од класификација музичките критичари ги сместуваа во „фиоката“ именувана како „друга музика“. Од таму и името на Фестивалот, кој во суштина во времето на глобализација силно ја промовира идејата за слободата, немирот на мислата како примарна човечка потреба.

И, затоа кога би започнале да ги луфтираме изминативе 20 изданија на ОФФЕСТ пред нас се отвора исклучиво богата и разновидна листа на учесници кои со своите импресивни настапи низ годините го изградија и заокружија мозаикот.

Без особено влегување во детали еве само мал дел од оние што продефилираа на сцените во градов – Цесариа Евора, Сузана Бака, Пети Смит, Амаду и Мариам, Дејвид Брн, МАСИВ АТАК, МАДРЕДЕУШ, Ли Скреш Пери, Мариза, Родриго Леао, Анушка Шанкар, ТИНАРИВЕН, СПИРИЧУЛАЈЗД, МЕРКУРИ РИВ, Уму Сангаре, Сеун Кути, Мелинго, ОРКЕСТРА БАОБАБ, ГЕНГ ОФ ФОУР, ТОРТОИС, Кимо Похјонен, Бебел Жилберто, Мулату Астатке, Хинди Захра, Фатумаја Диавара, Кејлор Кахил, Силвија Перез Круз...

И, ако згора на ова ги додадеме регионалните музички творци како Дарко Рундек, Зоран Предин, АНСАМБЛ ТИРАНА, Мерчан Деде, БАБА ЗУЛА, Гаје Су Акјол... или нашите ФОЛТИН, ДРАГАН ДАУТОВСКИ КВАРТЕТ, ТОНИ КИТАНОВСКИ И ЧЕРКЕЗИ, ЉУБОЈНА, БАКЛАВА, БИОСКОПИЈА, ПРОЏЕКТ ЖЛУСТ, БЕРНАЈС ПРОПАГАНДА, Зоран Маџиров, Дуке Бојаџиев, Крсте Роџевски, Доријан и Добрила... несомнено излегува дека во овие две декади сме ја имале таа привилегија да бидеме сведоци на проблесоците на оние кои и припаѓаат на елитата на современата глобална пламтечка музичка мисла.

Значи, по две децении ОФФЕСТ е етаблиран и како едно од највиталните (суб)културни случувања во пошироки рамки и во фестивал чија потрага по здравото ткиво на современата звучност и гласно изговорената порака за кинење на прангите со ништо не може да биде стивната.

Лина и Раул Рефи фото:Татјана Ранташа

И, да се вратиме на годинешново јубилејно 20-то издание на ОФФЕСТ. Тоа, како и „Скопски џез фестивал“ одржан во својот стандарден термин во средината на октомври, ја имаше „судбината“ да се одржи во „историски мигови“. Повторно во денови на висока политичка тензичност, собраниски „игри“ за мнозинство, пазарења и поткупи...Како да е тоа нешто ново, непознато за нас обичните. И, како што вообичаено бива - повторно за мнозина влијаеше лековито. Отвори канали за краткотрајно бегство од сегашноста на просторов кој децениски е принуден да биде ни ваму – ни таму и каде по дефиниција ги голтаме чашите пелин како што ни доаѓаат со желба но без визија за излез од темнината на тунелот. За жал. А, случувањето со вкупната понуда, пак, во случајов несомнено се престори во пролет што ти слетува на рамото во длабока и здодевна „пандемиска“ есен.

Воведот беше сторен со проекцијата на документарниот филм „Уметноста на Амалија“ на режисерот Бруно Алмедида, за кој ќе биде забележано дека претставува „далеку најсеопфатна визуелна архива за легендарната португалска фадо пејачка и светска дива Амалија Родригез“.

И, не цел час по прикажувањето на делото во кино „Фросина“, во Салонот на Националната опера и балет, имавме убава можност да бидеме сведоци на извонредно возбудливиот и оригинален спој меѓу силни творечки личности – лисабонската пејачка Лина и Раул Рефри, гитаристот од Барселона и еден од најиновативните европски продуценти во последнава декада кој зад себе ги има соработките со докажани музички имиња како Росалиа, Силвија Перез Крус или Ли Раналдо од култните СОНИК ЈУТ.

Нивниот албум „Lina _ Raul Refree“, објавен лани за денес престижната издавачка етикета Gliterbeat ( патем зад која со својот габарит стои еден Крис Екман од култниот американски бенд Walkabouts) беше вистински показ за она што е електронски „осовременото и надградено фадо“. За „визијата како треба да изгледа звукот што ги надминува временските и географските одредници“. Но, ако плочата беше основата или потребата да се одговори на провокацијата, она што го сторија Лина и Раул пред македонската публика беше музичко-визуелна драма која се издига високо над вообичаените фестивалски стандарди. Со мајстор за светло кој одлично си ја знае работата и кој е исто толку значаен како двојката креативци.

Притоа Лина со нагласен артизам и глас кој трага по копнежливата поетика и оддаде висока почест на дивата, а „ѕверот“ Раул скриен зад пијаното и аналогните синтисајзери беше повеќе од убедлив во уверувањето на својот витален пристап кон традицијата и нејзината надградба. Ова беше концерт кој остава без здив и кој уште позначајно ја враќа довербата во продуктивното и инвентивно посегање по традицијата. Незаборавно.

ШИРОМ - Словенија фото: Татјана Ранташа

И, по еден таков почеток, во четвртокот вечерта првиот звучен налет го донесе словенечкото инструментално трио ШИРОМ. Со идеологија дека сакаат да свират „нешто што звучи како да веќе постои“ и умешно владение на купот инструменти расфрлани на сцената ( виолини, тамбури, флејти, кавали, гајдарки, укулеле, балафон, ѕвона, окарина, гонгома, хурди-гурди... некои дури и рачно изработени), Ана Кравања, Исток Корен и Само Кутин, успешно пливаа во водите на широкиот спектар на фолк звуци и современи рок медитации. Крепејќи се трите албумски објави ( и тие под закрила на Gliterbeat) и онаа која допрва ќе стане реалност а за која материјалот е настанат во времево на светска пандемија, тие имаа широк простор да ја истакнат својата посветеност и да ја одведат публиката до со ништо не заградените пространства. И, не само музички.

Од друга страна, бразилскиот гитарист и композитор Кико Динучи ( некогашниот основач на групите МЕТА МЕТА и ПАСО ТОРТО, згора соработник легенди како Елза Соарес, Том Зе, Криоло) во Скопје дојде со своето ремек дело од 2020 година – албумот „Rastilho“ (за кој критиката ќе биде едногласна дека претставува „апокалиптична самба“) и со другарката од своето бендовско минато пејачката Јусара Марсал. Притоа, со својот перкусивен и енергичен начин на свирење (во кој бележити се влијанијата на мајстори како Баден Пауел, Жоао Боско, Жилберто Жил, Доривал Каими...) Динучи на радост на присутните јасно стави до знаење дека со право се смета за еден од најзначајните протагонисти на современата бразилска музика. И, се разбира беше „принуден“ да се врати на сцената и да и остави простор на Јусара за миг да се нурне во историјата и од таму да ги извади класиците од музиката која некогаш пламтела во нивната татковина. Да ја воспева самбата, звуците на Сао Паоло... да ја заокружи заедничката потреба од топлината на средбата со Бразил и тамошната вековно витална музичка култура.

ПИЈАН СЛАВЕЈ - проектот на Бранислав Николов фото: Татјана Ранташа

А, заедничкиот именител на саботната ноќ на 20-от ОФФЕСТ е зборот слобода. Најнапред слободно да се „лета“, да се пее, да се слави моќта на зборот и мислата, да се танцува... Сево ова на виделина излезе со промоцијата на специјалниот проект на кој организаторите (како и во други прилики досега) ќе речат дека „се особено горделиви“ – ПИЈАН СЛАВЕЈ. Имено, Бранислав Николов, кој зад овој псевдоним досега потпиша две поетски објави, овојпат околу себе собра одлична екипа во која покрај Пеце Трајковски од матичниот состав ФОЛТИН се и Андреа Мирческа (контрабас и вокал, млад џез музичар на годината), Мартина Баракоска (тапани) и Мартин Џорлев ( клавијатури).

И од самиот почеток тој и дружината во налет ја освои публиката во НОБ. Со пет песни кои се потпираат на оригиналноста и шармот на неговите стихови ( од кои „Парфем“, „Крв да ни се стори“, „Сонце“ веќе солидно се извртеа на социјалните мрежи), но уште повеќе со енергијата која се чини само нему му е својствена а нам на навивачите и тоа како позната. Притоа Бранко возен од неговите придружници инспиративно слезе до срцевината на македонската поп сцена од седумдесеттите ( во интепретацијата можеше да се почувствува ехото на еден пејачки маг како што е Диме Поповски, или згора драматиката на покојниот Зафир Хаџиманов...), си дозволи наново да им се обрати на значајните претставници на шансоната во глобални рамки ( мене лично во мигов ми е интересна споредбата со еден Мелинго, со аргентинскиот пејач, шоумен, актер, поет ... чиј настап добро го паметиме токму од ОФФЕСТ) и да направи вистински жур со диско-ритамот од 1980 и нешто потоа – својствено и за последните неколку изданија на ФОЛТИН.

Згора на сето тоа, залиено со врвна изведба и потоци, море надојдени реки шарм. Затоа би сакале да веруваме дека овој концерт е само најава за натамошната активност на Николов, на Пијан Славеј – ако сакате, која сигурно нема да ги измести нештата со ФОЛТИН или, пак, можеби продукцијата на театарска и филмска музика, воопшто на сцената, каде споменатиот не само што е особено продуктивен туку каде зад себе остава вредни документи за сопственото творечко постоење и развој. И чекорење кон висините. Секоја чест!

Блик Баси - Камерун фото: Татјана Ранташа

А, по еден таков „фуриозен блиц-криг“, она што следуваше беше само ставање точка на успешното славеничко издание на ОФФЕСТ. За тоа беше задолжен Камерунецот Блик Баси кога весникот „Гардијан“ го почести со епитетот „еден од најинвентивните и најоригиналните африкански музички автори“. Тој од Париз (каде што живее и твори деценија и половина) дојде со актуелниот албум „1958“ посветен на годината кога од француските војници е застрелан Рубен Ум Нјобе, водачот на борбата за независност на земјата. Дојде со своите слободарски химни отпеани на јазикот Баса, еден од 260 кои сеуште се говорат во неговата татковина во која денес иако самостојна не стивнува тиранијата на авторитарниот режим. Затоа и неговите песни, неговите стихови отпеани бунтовно, нескротливо, модерно, изразениот непокор... имаа моќ да ја сторат врската со публиката отворена да го чуе и разбере крикот на еден вистински борец за слобода каков што е глобално познат Блик Баси.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG