Овие „клучни одредби“ биле дел од првичните верзии на Нацрт-законот но, како што објаснуваат учесници во неговата подготовка, потоа на владини седници тој се разгледувал во изменета верзија во која тие членови се отстранети.
Станува збор за одредби кои ги дефинираат надлежностите на градежниот инспекторат, во Нацрт – законот за управување со природно и културно наследство во Охридскиот регион, кој се уште не е усвоен во Парламентот и покрај тоа што на него се работи од јуни минатата година.
Законот меѓу другото требаше да овозможи власта полесно да ги спроведе препораките на УНЕСКО од 2017 година за итно воведување мораториум и суспендирање на легализација на дивоградби, како и да направи нови студии за досега направените штети од лошите политики за управување.
Но, во недостаток на регулатива и спротивно на препораките на УНЕСКО, општините во Охридскиот регион легализираа стотици дивоградби, а деновиве Комитетот за светско наследство на УНЕСКО предложи Охрид да биде ставен на листата „светско наследство во опасност“, препорака која е можно да биде усвоена следниот месец на 43-та сесија на Комитетот во Баку.
Во Охрид се одвива урбана и крајбрежна трансформација без никакви ограничувања, алармираат активистите посочувајќи дека трите општини Охрид, Струга и Дебарца ја игнорираат Комисијата за управување со светското и природно наследство, која е предвидена како филтер за неконтролираната урбанизација, со тоа што до неа стигнуваат само мал дел од големиот број решенија за легализација на дивоградби и урбанистички планови одобрени од општините.
„Она што УНЕСКО го побара уште во јули 2017 година со последните препораки, беше веднаш да се воспостави мораториум и да се стопира легализацијата на дивоградби на територија на подрачјето. Особено е страшна легализацијата во заштитените подрачја (националниот парк) или во близина на културното наследство, што е тотално спротивно од она што УНЕСКО го побара од нас“, вели Александра Бујароска од граѓанската организација „Фронт 21/42“ - учесник во работната група за подготовка на Законот.
УНЕСКО во новиот нацрт извештај го поздравува запирањето на проектите во Националниот парк Галичица: изградбата на патот и ски центарот, но посочува дека тоа не е доволно за намалување на ранливоста на светското наследство.
Организацијата искажува загриженост за малиот напредок во спроведувањето на итните барања и препораки на Комитетот, особено за мораториумот и легализацијата на дивоградбите.
Оттаму со жалење се укажува дека државата не го информира редовно Комитетот за светското наследство за проектите и активностите во заштитеното подрачје, но и оти со загриженост ја следат најавата за продолжување на трасата на железничкиот Коридор 8, како и за делот од автопатот од Требеништа до Струга за што се бара итно да се најде друго решение за проектот.
УНЕСКО бара од државата да спроведе мерки за корекција на моменталната ситуација, со што Охридскиот регион ќе биде тргнат од оваа листа.
Владата во реакција наведе дека причината за мониторингот на УНЕСКО во 2017 година бил „долгогодишно лошо управување со регионот и мегаломанските проекти“ кои беа закана за езерото и националниот парк, но оти постапуваат со сериозност кон комплексните состојби со кои се соочува Охрид.
„Оваа предлог одлука, која не е финална, треба да биде стимул за сите институции и за граѓаните да се работи со поголем интензитет за да го зачуваме нашето уникатно светско наследство. Владата смета дека е остварено поместување во исполнување на препораките и дека крајната одлука треба тоа јасно да го рефлектира“, се вели во соопштението на Владата.
Бујароска вели дека трите општини: Охрид, Струга и Дебарца во изминатиов период имаат издадено околу 300 решенија за легализација на дивоградби.
За тоа што ќе значи статусот „светско наследство во опасност“, таа објаснува дека од една страна со тоа ќе започне креирање на акционен план и заедничка работа на домашни и странски експерти, а дека дополнително ќе биде овозможена финансиска помош за побрзо спроведување на мерките за спречување на опасноста од преголемата урбанизација.
УНЕСКО во 2017 година даде рок за спроведување на препораките до февруари 2018 година. Државата во јули 2018 година започна со изработката на новиот Закон за заштита и управување со светското културно наследство во Охрид.
За нивото на подготвеност државата да го спроведе напишаното во Законот, заменик министерот за животна средина и просторно планирање Јани Макрадули најави дека ќе ги исполнат сите барања на УНЕСКО.
Според него, решеноста за нивниот „поинаков“ третман на Охрид се гледа во тоа што ги стопирале „сите активности во Националниот парк Галичица.“
„Во овој момент при крај е студијата, се работи и околу Охридското Езеро и околу Охрид и мислам дека со помош и на локалната самоуправа ќе ги исполниме сите барања коишто се пред нас“, вели Макрадули.
Бујарсока е една од членовите на работните групи во кои се подготвуваше Законот за управување со природното и културно наследство во Охридскиот регион.
Таа вели дека првично постоеле добри законски решенија кои овозможувале воспоставување на мораториумот и суспензија на дивоградби во Охрид, но како што посочува, првичната верзија на Законот не стигнала на усвојување на владина седница, туку нацрт без некои од клучните одредби кои овозможуваат негово спроведување.
„Фали еден круцијален дел кој се однесува на вистинското спроведување на тој мораториум, односно фалат одредбите кои се однесуваат на делегирање на надлежност на градежниот инспекторат. Без специфична делегирана надлежност на градежниот инспекторат, за тој да може постапи и да провери дали се спроведува тој мораториум, реално нема механизам кој го контролира спроведувањето на Законот“, вели Бујароска.
Таа додава дека сега немаат увид во законот и оти е можно на владини седници да се направени и дополнителни измени во однос на неговата првичната верзија.
43-та Сесија на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО ќе се одржи во Баку, Азербејџан, од 30 јуни до 10 јули оваа година.