Невработен од Врање, соседна Србија или од Пешкопеја во Албанија, со еден клик ќе може да провери што се нуди на пазарот на труд во Македонија и доколку сака да работи тука, да не губи многу време да обезбеди работна дозвола и престој. Некој од стоте илјади луѓе во Македонија кои бараат работа, среќата ќе може да си ја најдат во Србија или во Албанија.
Во рамки на регионалната иницијатива Отворен Балкан, во која членуваат Македонија, Албанија и Србија, во септември лани беше ратификуван Договорот за слободен пристап до пазарот на труд. Со овој договор се поедноставуваат процедурите за вработување во земјите членки на оваа иницијатива.
Но бизнисмените велат дека договорите помпезно се најавуваат, а спроведувањето е премногу бавно.
„Има многу повеќе политички состаноци, а според нашите анализи има само неколку имплементирани мерки. Веројатно проблемот е во тоа што реалниот сектор е секогаш поефикасен од политичарите, кои помпезно ги најавуваат своите идеи, но им фали ефикасност“, вели Трајан Ангелоски, претседател на Сојузот на стопански комори во неделното интервју на Радио Слободна Европа, што во целост ќе го објавиме в недела.
Електронска дозвола за престој
Дејан Ивковски, раководител на секторот за миграции во Министерството за труд вели дека ратификацијата е само насока, но не и реална имплементација на договореното.
За договореното за пазарот на труд да се спроведе ќе треба да се менуваат и други закони и да се прават платформи. Секоја од земјите треба да направи електронската платформа на која тој што бара работа ќе треба да се пријави, па да добие број за идентификација, откако ќе му биде одобрен слободен пристап до работните места ќе доби и електронска дозвола за престој, по што ќе може да бара работа. Ако ја најде ќе треба да се пријави во Агенција за вработување, но нема да мора да вади дополнителна работна дозвола, како што е правилото за вработување на странци досега. Бројот за идентификација што ќе го добие ќе важи две години, по што повторно ќе треба да се прави регистрација.
Од тоа бенефит ќе имаат и работниците и работодавачите, вели Ивковски.
„Се надевам дека оваа година ќе ги имаме и првите лица кои преку Отворен Балкан што ќе најдат работа во регионот без да поминуваат низ административни бариери. Ваквата отвореност, ваквиот широк потенцијал на работници ќе даде можност не само на работниците да се задржуваат во рамки на регионот, туку и на работодавачите. Тие кога ги планираат своите идни бизниси не треба да сметаат само на базата на невработени во Македонија, туку и во Албанија и Србија и без многу административни бариери ќе може да си ја задоволи потребата од нови вработувања“, вели Ивковски.
Тој додава дека во Министерството на почетокот биле со резерви кој иницијативата Отворен Балкан и им се отворил сомнежот дека таа ќе доведе до губење на работници, но сега, како што вели, знаат дека работите се движат во вистинска насока.
Ова е само една подготовка на регионот за влез во ЕУ, каде на годишно ниво 12 милиони луѓе циркулираат од една во друга земја без препреки, додава Ивковски.
Слични се предизвиците со кои се соочуваат Македонија, Албанија и Србија, иницијатори на оваа иницијатива. Им недостасуваат сличен профил на работници или имаат слични профили на луѓе кои бараат работа. Дополнително на тоа, сите три земји се соочуваат со миграција, па многу од луѓе си заминале за поголеми плати во некоја поразвиена земја. Тоа што сега се поедностави процедурите за да може луѓето да работат од една од друга земја, си има и предности, но има и ризици.
Може да останеме без градежници и угостители
Центарот за економски истражувања, Фајнанс тинк анализира дека предност од иницијативата може да имаат пограничните места и таму каде што фалат работници да се надополни од луѓе од двете страни на границата. Ризик има за оние професии за кои се бараат средни или високи вештини и за кои платите се повисоки во Србија, па така може да останеме без земјоделци, градежници, угостители.
Србија има највисоки плати од земјите дел од Отворен Балкан и има најниска невработеност, а во Албанија има плати на ниво на Македонија, но во многу сектори и пониски отколку кај нас.
Михајло Гајиќ од либертаријанскиот клуб Либек од Србија вели дека земјата може да привлече работници од регионот оти платите се повисоки, особено во економските центри како Белград и Нови Сад.
„Ние во Србија имаме реален раст на плати во последните неколку години, затоа што имаме недостаток на работна сила и постои увоз на работници од Куба, Таџикистан, Бангладеш и Индија, особено во секторите туризам, градежништво, како и во ИТ секторот“, вели Гајиќ.
Реалноста е таа, вели Ангелоски, луѓето ги прифаќаат атрактивните понуди за работа во земји од соседството.
„Ако одредени економии можат подобро да ги платат луѓето од нашата економија, луѓето ќе заминат за подобар живот и тоа не треба да го сфатиме како трагедија, туку да се потрудиме и нашата економија да им конкурира на овие економии“, вели Ангеловски.
Се „тепаат“ за професорско место, за економисти и правници
Во Македонија за едно професорско место се пријавуваат 70 луѓе кои бараат работа. На врвот се и економистите, правниците, новинари, уметници, односно за едно работно место од овие струки се пријавуваат по околу педесетина невработени. Од друга страна пак недостасуваат администратори, комерцијалисти, референти, програмери, аналитичари на софтвер. На пример за во струката техничари за информатичка и комуникациска технологија, како оператори, техничари и сниматели за 24 слободни работни места се пријавува еден човек.
Недостасуваат чистачи, негователи, рецепционери...
Најголем број од слободните работни места во Македонија се за работници со ниски вештини. Недостасуваат собирачи на смет, потоа општи работници во рударство, градежништво, производство и транспорт, составувачи на машини, помошници за подготовка на храна, возачи, чистачи и помошници. Но и понудата на ниско-квалификувани работници е најниска. Од професиите за кои се бараат средни вештини, недостасуваат административни работници, контролори за игри во казина, рецепционери, благајници, магационери, диспечери, негователи, обезбедување на лица и имоти, градежници, наведуваат од Фајнанс тинк.
Благица Петрески од Фајнанс тинк вели дека се потребни реформи за да се надмине јазот меѓу она што се нуди и што се бара на пазарот на труд. Туку Отворен Балкан, може да помогне, но реформи во образованието се неопходни, оти се продуцираат кадри кои откако ќе завршат школо не може да се вработат во таа струка за која учеле.
„Таквите реформи се болни, непопуларни, и веројатно ќе наидат на отпор, но така ќе покажеме дека сме подготвени за структурни реформи. Понатаму не е само да се нуди средно стручно образование, туку и тие програми треба да бидат квалитетни. А треба да се работи и на оние кои немаат никаква квалификација и да ги доквалификуваме барем до општи работници, нешто што најмногу се бара кај нас“, вели Петрески.
Македонија годишно може да дозволи 5000 работници од странство, според квотата што ја утврдува Владата. Во првите три месеци од оваа година се издадени 1348 работни дозволи за странци, ни кажаа во Агенцијата за вработување. Тие годишно добиваат над 5300 барања за работни дозволи за странци, а лани издале 5135 дозволи.
Агенцијата за вработување од почетокот на годината издала дозволи на две лица од Непал и 10 од Пакистан, од Бангладеш немало заинтересирани.
Најмногу дозволи се издаваат на работници од регионот. Први се Турците, па потоа следуваат државјани на Србија, Косово, Албанија и Грција.
Најмногу од странците, кои работат во Македонија, се градежни работници, па молери, електричари, готвачи и шивачи, велат во Агенцијата за вработување.