Блаже Конески пишуваше дека ќе дојде време на лажни пророци, а дојде време на лажни сајтови. Некој уште пред еден месец регистрирал интернет страница www.ujp-gov.mk, многу сличен со официјалната веб страница на Управата за јавни приходи - www.ujp.gov.mk. Разликата е само во една цртичка, па е многу лесно да се наседне на измамата. Граѓани почнаа да алармираат за случајот, па по низа перипетии страницата вчера беше изгасната.
Се работи за класичен фишинг напад, за да ви ги украде личните податоци. Шемата е следна: Напаѓачите им испраќале телефонски пораки на граѓаните со „потсетување“ за задолжителна даночна пријава со линк кон лажниот сајт. Таму тие треба да ги остават своите лични податоци, бројот на кредитната картичка и личната карта. Четворица граѓани веќе пријавиле дека биле измамени на овој начин.
УЈП апелираше до граѓаните да не ја отвораат оваа страница и да не ги оставаат своите лични податоци.
Но, вистинското прашање е како воопшто било дозволено да се отвори ваква интернет страница.
Она што е карактеристично е што домејнот е со наставката .mk, односно е регистриран во Македонската академска истражувачка мрежа (Марнет), каде што се регистрираат сите македонски интернет адреси. Таму има оставено име и телефонски број на тој што го регистрира сајтот. Допрва ќе се проверува дали овие податоци се точни.
Во Марнет вчера соопштија дека треба да утврдат како дошло до оваа ситуација да дозволат отворање сајт со вакво име.
Речиси во исто време, граѓани пријавуваат дека добиле маилови, наводно во име на директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски, во соработка со Европол. Примачот на пораката се известува дека е предмет на наводни правни постапки за низа измислени кривични дела и се повикува да го контактира испраќачот со некакво објаснување за наводните дела. Министерството за внатрешни работи соопшти дека станува збор за лажна порака која не е испратена од нив.
„Апелираме на посебно внимание, овие пораки да не се отвораат, а уште помалку да се контактира испраќачот преку доставениот линк и да се споделуваат личните податоци кои ќе ви бидат побарани“, соопшти МВР.
МВР и УЈП и пред два месеци беа цел на слични напади.
Слични фишинг измами има и на социјалните мрежи. Големи ланци маркети бараат лични податоци од граѓаните за наводно да им дадат награда. На мобилните телефони пак стига порака дека сте добиле награда Ајфон, а вие „само“ треба да им го дадете бројот на вашата кредитна картичка.
Фишинг, или на македонски рибарење, е поим што се користи преку лажни пораки се убедуваат корисниците да ги споделат своите кориснички имиња, лозинки, броеви на кредитни картички, матични броеви со цел тие да бидат злоупотребени.