Достапни линкови

Омикрон - Kаква димензија ќе добие пандемијата од новата мутација?


Омкрон.
Омкрон.

Додека новиот сој на SARS-Cov-2, Омикрон забрзано се шири низ светот, дилемите се каква димензија ќе добие пандемијата со оглед на неизбежната доминација на оваа варијанта. Дел од прашањата се растот на инфекциите и можното оптоварување на здравствените системи

Додека некои научни студии покажуваат дека Омикрон варијантата создава помалку сериозна болест, иако е позаразна од другите, здравствени експерти предупредуваат дека вкупната закана не смее да се потцени. Тие потенцираат дека сѐ уште е рано за заклучоци, со оглед дека во моментов скоро сите научни студии за Омикрон се во процес на рецензија.

Омикрон веќе доминира во многу земји кои бележат висок раст на инфекции: САД, Британија, Германија, Данска, а првите случаи се регистрирани и во Македонија, Србија, Албанија и Косово.

Научниците, од друга стана, се обидуваат да ја проценат опасноста од новата мутација. Дел од студиите кои досега се објавени покажуваат дека Омикрон варијантата за десетици пати побрзо се пренесува меѓу луѓето во однос на Делта и оригиналниот сој, но фокусот на јавноста е ставен на степенот на сериозност на болеста што ја предизвикува поради стравувањата од оптоварување на здравствените системи.

Студија предводена од истражувачи од Медицинскиот факултет на Универзитетот во Хонгконг, која е меѓу првите што дава информации за тоа како Омикрон го инфицира дишниот систем на човекот, покажува дека овој сој за 70 пати побрзо се размножува во бронхиите на човекот отколку Делта варијантата и оригиналниот вирус кој се појави во Вухан.

Овој податок, според истражувачите, дава објаснување зошто Омикрон може побрзо да се пренесува меѓу луѓето за разлика од претходните варијанти.

Истата студија, од друга страна, покажува дека инфекцијата со Омикрон во белите дробови е значително пониска од оригиналниот SARS-Cov-2 што е показател за помала сериозност на болеста. Студијата во моментов е во процес на рецензија.

Д-р Злате Мехмедовиќ од Клиниката за пулмологија во Скопје вели дека во моментов скоро сите студии за Омикрон сѐ уште не се рецензирани и затоа според него коментарите за нив треба да бидат во насока на можни претпоставки. Сепак, тој посочува дека Омикрон дефинитивно ќе биде доминантна варијанта во светот.

„Кога ќе се земат предвид сите овие иницијални студии кои сѐ уште се во фаза на рецензија, а исто така ќе имаме неизвесни месеци и празнични денови што е уште поголем проблем, бидејќи 70 пати поголема преносливост на вирусот може да значи толкаво зголемување на актуелните случаи кои ги имаме како резултат на Делта, а тоа би значело дека би имале по 20.000 случаи дневно. Тоа е нешто што сериозно може да го оптовари здравствениот систем“, вели Мехмедовиќ.

Инаку, научниот труд на Универзитетот во Хонг Конг го подготвија Д-р Мајкл Чан Чи-ваи – вонреден професор на Факултетот за јавно здравје и истражувач во Центарот за имунологија и инфекции (Ц2и) на Научно-технолошкиот парк во Хонгконг и професор Џон Николс на Одделот за патологија (ХКСТП).

Тие се меѓу пионерите кои истражуваа многу вирусни инфекции како птичјиот грип и коронавирусот МЕРС во 2007 годиина, а сега испитуваа зошто сојот Омикрон е можно да се разликува во трансмисијата и во сериозноста на болеста од другите варијанти на SARS-Cov-2.

Во истражувачкиот метод тие употребиле отстрането белодробно ткиво за ги истражат вирусните заболувања на респираторниот тракт. Д-р Чан и неговиот тим успешно го изолирале сојот Омикрон и го искористиле овој експериментален модел за да ја споредат инфекцијата на оригиналната варијанта на SARS-Cov-2 од 2020 година со Делта варијантата и со неодамнешната Омикрон.

Тие откриле дека новата варијанта Омикрон во бронхиите на човекот се реплицира побрзо од оригиналниот сој и од Делта варијантата, односно дека за 24 часа по инфекцијата, Омикрон сојот се реплицира за околу 70 пати повеќе од другите две варијанти.

Експериментот исто така покажал дека, спротивно на тоа, Омикрон во белодробното крило се реплицира 10 пати помалку од оригиналниот сој, што може да сугерира на помала сериозност на болеста.

„Важно е да се напомене дека тежината на болеста кај луѓето не се одредува само преку репликацијата на вирусот, туку и од имунолошкиот одговор на домаќинот на инфекцијата што може да доведе до дисрегулација на вродениот имунолошки систем, односно до цитокинска бура“, вели д-р Чан.

Исто така, научниците забележуваат дека со инфицирање на многу повеќе луѓе, многу заразниот вирус може да предизвика потешка болест и смрт, иако самиот вирус може да биде помалку патоген.

„Затоа, доколку се земат предвид неодамнешните студии, Омикрон варијантата може делумно да го избегне имунитетот од вакцините и минатите инфекции, со што севкупната закана од неа веројатно ќе биде многу значајна“, се вели во студијата.

Д-р Мехмедовиќ додава дека постојат уште неколку научни истражувања кои се објавени, но сѐ уште не се рецензирани, посочувајќи на студија изработена лабораториски во Масачусетс во САД која покажува дека Омикрон варијантата може да направи поголемо оштетување на други органи, како бубрезите, отколку во однос на оштетувањето на белите дробови.

„Станува збор за системска болест и треба да се земат предвид елементи од сите ткива и органи во човековиот организам за да се знае колкава е инфективноста на сите тие органи, а не само на белите дробови“, вели Мехмедовиќ.

Големиот број на случаи кои се очекуваат како резултат на 70 пати поголема и полесна преносливост на вирусот, вели Мехмедовиќ, може да се зголеми бројот и на оние кои се кандидати за хоспитализација, случаи кои ќе имаат тешка клиничка форма на болеста.

„Бидејќи, во случај кога ќе имате 70 пати поголем број на позитивни случаи, веројатноста е голема дека меѓу нив ќе имате и зголемен број на случаи со тешка клиничка слика и летален исход.

Податоци за Омикрон варијантата досега објавија неколку научни центри во светот, како САД и Британија. Две нови британски исто така сугерираат дека Омикрон може да предизвика помалку тешка болест од Делта сојот, но научниците исто така предупредуваат дека раните студии треба да бидат прегледани од други експерти.

Во овие студии објавени на 22 декември, научниците велат дека иако податоците сугерираат дека Омикрон не е толку штетен како Делта сојот, нема простор за премногу оптимизам поради фактот за брзото ширење и поради тоа што Омикрон може да ги избегне вакцините.

Во една од овие студии се проценува дека луѓето заразени со Омикрон имаат 20 проценти помалку шанси да одат во болница во однос на оние кои се заразени со Делта. Посебна студија од Шкотска сугерира дека ризикот за хоспитализација од Омикрон е за две третини помал од Делта, но се потенцира дека истражувањата се направени на случаите со Омикрон во земјата кои биле регистрирани претежно кај помлада популација.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG