Достапни линкови

Одлучувањето по Бадентер ќе го доуништи Охрид


Разгледница, Охрид, Унеско. Извор: „Фронт21/42.“
Разгледница, Охрид, Унеско. Извор: „Фронт21/42.“

Одлучувањето по Бадентерово мнозинство во Советот за Охридскиот регион ќе овозможи локални моќници директно да влијаат врз сите препораки, предлози и мислења кои ќе ги носи телото, со што ќе продолжи уништувањето на природата и културното богатство на Охрид, алармираат граѓански организации.

Примената на Бадентеровото мнозинство при одлучувањето на Советот за Охридскиот регион, според дваесетина граѓански организации, ќе значи продолжување на праксата на уништување на единственото УНЕСКО подрачје во земјава.

Тие реагираат дека е вметнат Членот 8 од Предлог-законот за управување со Охридскиот регион кој предвидува Советот за следење и координација на управувањето со природното и културно наследство да одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови, но и со мнозинство гласови на припадниците на заедниците кои не се мнозинство.

Ова е уште еден контроверзен аспект во однос на предложениот закон кој деновиве требаше да влезе во собраниска процедура, откако и претходно граѓански организации укажуваа дека верзијата на текстот претрпела измени, односно дека законот бил различен во првичната изработка во која и тие учествувале, а потоа, како што велат, нацрт-текстот на владини седници бил разгледуван во изменета верзија.

Центарот за истражување и информирање за животна средина „Еко-свест“ заедно со 20-тина други граѓански организации посочуваат дека додавањето на членот во предлог-законот за примена на Бадентерово мнозинство (двојно мнозинство) при носењето на препораките и мислењата на Советот за Охридскиот регион, според нив не е во согласност со Охридскиот рамковен договор.

„Бадентеровиот принцип на донесување одлуки се воспостави за да се избегне надгласувањето на помалите етнички заедници за сметка на мнозинството во претставничките тела, како Собранието и советите на локалната самоуправа“, се вели во реакцијата.

Членот 8 од Предлог-законот го регулира формирањето и работата на Советот за Охридскиот регион кој предвидено е да биде составен од 15 члена. Во точка 15 од истиот член се вели дека Советот одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број членови „при што мора да има мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот кои припаѓаат на заедниците кои не се мнозинство во Република Северна Македонија.“

„Еко-свест“, „Фронт 21/42“, „Охрид СОС“ и другите граѓански организации сметаат дека ваквото законско решение ќе создаде простор за локални моќници директно да влијаат врз сите препораки, предлози и мислења што ќе ги носи Советот и оти со тоа повторно ќе бидат реализирани штетни инфраструктурни проекти кои ќе значат понатамошно уништување на Охридскиот регион и оти „со сигурност ќе бидат причина за губење на статусот на УНЕСКО во 2020 година.“

„Имено, во членот 8, став 15 од Предлог – законот уредено е дека членовите се бираат според нивната функција, односно позиција во одредена релевантна институција, а не согласно принципот на Бадентер, од што произлегува дека не мора да значи дека нејзиниот состав ќе ја одразува етничката структура на државата“, велат граѓанските организации.

Тие повторно истакнуваат дека текстот на Предлог-законот не е ист со оној кој бил дискутиран на крајот на 2018 година и презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку, односно дека предлагачите го додале членот за примена на Бадентерово мнозинство при носење на препораките и мислењата на Советот за Охридскиот регион.

Во оваа насока тие бараат од Министерството за култура, како предлагач на Предлог-законот до Собранието, да го достави текстот кој бил предмет на јавна расправа и кој бил презентиран на последниот комитет на УНЕСКО во Баку, а од Собранието во прво читање да расправа по текстот на Предлог-законот од ноември 2018 година, кој бил консултиран со засегнатите страни и јавноста и кој бил доставен до Комитетот на УНЕСКО во јуни оваа година во Баку.

„Бараме од Владата на РСМ да ја препознае заканата од уништување на природното и културно наследство и сериозно и доследно да се заложи за спроведување на законските и подзаконските акти донесени во оваа држава, почнувајќи од Уставот, а кои посебно влијаат на природното и културно наследство“, велат активистите.

Министерот без ресор задолжен за дијаспора Едмонд Адеми, кој беше предводник на македонската делегација во Баку, во интервју за РСЕ изјави дека во јануари оваа година до УНЕСКО била испратена една верзија на законот, а во април била испратена втора верзија на законот.

„Легислативата и законот е процес, во април е пратена втората верзија во Баку, онаа којашто е усвоена на седница на Влада и ако ги читате заклучоците од состанокот во Баку, УНСЕКО ја поздравува одлуката на Владата во усвојување на законот што е сега во Парламент“, вели Адеми.

Охридскиот регион е запишан во Списокот на светското наследство согласно Конвенцијата за заштита на светско културно и природно наследство на Обединетите нации, а законот треба да ги утврди посебните услови и мерки за управување на Охридскиот регион заради зачувување на неговата исклучителна универзална вредност и спречување на влијанијата за негово уништување.

Со законот треба да се овозможи и полесно спроведување на препораките на УНЕСКО, особено за воспоставување на мораториум на градби и стопирање на легализацијата на дивоградби на територијата на подрачјето.

Охрид беше предложен, но Комитетот на УНЕСКО во Баку не го стави на листата „културно наследство во опасност“, а на властите им даде нов рок за спроведување на 19-те препораки за корекција на состојбата од долгогодишното лошо управување: несоодветен урбан развој, експлоатација на брегот, зголемено загадување и уништување на животната средина.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG