Достапни линкови

Од сомнеж за лажен стечај на „Те-То“ до перење руски пари во Македонија


Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми

Покрај пријавата за лажен стечај, компанијата „Те-То“ е пријавена и за перење пари, поради сомнеж дека до неа водат трансакции на руски пари кои се предмет на истрага за криминал во Русија, велат од Финансиската полиција.

Финансиската полиција се уште не открива детали за случајот со гасната станица „Те-То“, која од минатата недела е под истрага за перење пари во Македонија од трансакции за кои во Русија се водат истраги за криминал. Сомнежите на Финансиската полиција се дека станува збор за испрани над седум милијарди денари или над 100 милиони евра.

Пријавата за перење пари е поднесена заедно со пријавите за лажен стечај на „Те-То“, за што се осомничени и пријавени неколку менаџери, стечајната судијка и една нотарка. Таа истрага, неофицијално, ги одвела финансиските истражители до сомнежот за трансакции на руски пари кои во Русија веќе се предмет на истрага, а во Македонија биле вложени во изградба на производствен процес за производство на електрична енергија.

Доминантен сопственик на „Те-То“ е офшор фирмата „Битар холдинг лимитед“ од Кипар, која е сопственик и на дистрибутерот на топлинска енергија БЕГ. Овој случај се приклучува на едногодишните обиди да се размрси јазолот на релација Топлификација – БЕГ – Те-То.

„Те-То“ во извештаите за рускиот офшор печат во Македонија

Компанијата „Те-То“ се спомнува и во извештајот на Центарот за изучување на демократијата, со седиште во Софија, под наслов „Рускиот економски печат во Македонија“.

Уште еден голем руски оператор на електрани - ТКГ, која го поседува Те-То, функционира преку кипарско офшор-посредништво. Руско сопствеништво или руски врски има или имало зад компаниите БЕГ, Топлификација, ТЕ-ТО, Лукоил, зад еден рудник за олово и цинк, како и зад неколку енергетски компании зад кои, пак, стои ист синџир на сопственици“, стои во извештајот на софискиот Центар.

Се почна по пријавата од доверители во АД „Топлификација“ од Скопје кои алармираа дека, како што навеле во пријавата, „Те-То“ предизвикал лажен стечај со незаконски дејства за да го избегнат долгот кон нив, со што, според Финансиската полиција, на „Топлификација“ ѝ е нанесена штета од над 720 милиони денари.

Руско Белизе за Македонија
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:05 0:00

Пријавени менаџери, судијка и нотарка

Според Даниела Велковска од Управата за финансиска полиција. „поднесена е кривична пријава против В.М., претседател на УО на Те-То, кој во текот на 2018, без одлука на Управниот одбор, Надзорниот одбор или Акционерското собрание, неовластено склучил анекси на договори за заем, нотарски договори и поднел барање за отворање на стечајна постапка со план за реорганизација на Те-То. Второпријавената С.Т., надлежен стечаен судија, без да го утврди ограничувањето во Статутот на првопријавениот В.М., го усвоила предлогот на првообвинетиот за отворање стечајна постапка, додека третопријавената С.С., нотар, без да го утврди ограничувањето во Статутот на првопријавениот В.М., нотарски заверила анекси на договори и нотарски договори“.

„Со овие инкриминирани поведенија, пријавените овозможиле Те-То да се стекне со противправна имотна корист преку стечај и неможност да ги плати обврските по правосилна судска пресуда со што и нанеле штета на акционер доверител Топлификација АД од 721.683.587 денари. Заради постоење на основи за сомнение злупотреба на службена положба и лажен стечај, а поради постоење на финансиски транскациии кон Те-То, во износ 7 милијарди 264 милиони 250 илјади денари, кои потекнуваат од кривични настани за кои се водат истраги од Руската федерација, а се вложени во изградба на производствен процес за производство на електрична енергија, постои основно сомнение за сторено кривично дело перење пари“, изјави Велковска.

„Те-То“ тврди дека работеле законски

На сето ова реагираа од компанијата „Те-То“.

„Те-То“ АД Скопје целосно ги демантира наводите на Управата за финансиска полиција изнесени на прес-конференцијата одржана на 21.06.2019 година. Компанијата работи согласно законите на државата уште од нејзиното основање и така ќе продолжи и во иднина. Тоа ќе го докажеме во правна постапка и ќе ги превземеме сите неопходни правни дејствија за заштита на дејноста и имиџот на компанијата од неосновани обвиненија“, стои во реакцијата на „Те-То“.

Претходно одделот за сузбивање организиран криминал поднесе кривични пријави против поранешниот прв човек на Регулаторната комисија и уште неколку поранешни членови на комисијата за противзаконско доделување на лиценците на БЕГ. Актуелното раководство на регулаторната изјави дека нема да ја преиспитува одлуката на своите претходници, туку ќе чека судски разврски.

XS
SM
MD
LG