Вообичаената пракса на вработување на партиски подобни кадри во институциите на државната и јавната администрација се чини дека тешко се искоренува. И покрај декларативните заложби на властите дека ќе стават крај на партиските вработувања и ќе создадат професионална администрација, во последниот период се појавија огласи за вработувања кои ги отвораат сомневањата дека се направени за „свои луѓе“.
Па така, деновиве Владата објави оглас за ново работно место-државен сосветник за општи и организациони работи, за кое се нуди плата од 38.683 денари. Она што е дискутабилно е што ,меѓу другото, од кандидатот се бара да има завршено кинезиологија.
Пред неколку дена сличен оглас објави и Фондот за здравствено осигурување. Во него се бара советник кој ќе го советува директорот за административни работи, а услов е да има завршено ликовна уметност или организациски науки и управување. Согласно годишниот план на институцијата за 2020 година, пак, предвидено е вработување на еден Албанец или Албанка. Платата изнесува 34.448 денари.
Во изјава за медиумите од Фондот негираа дека станува збор за наместен оглас, додавајќи оти огласот е во согласност со систематизацијата за вработувања од 2019 година која пак во моментов се менува и во новата систематизација тоа нема да биде вклучено. Огласот бил објавен според старата систематизација поради потребата од кадар за оваа позиција за извршување на тековните активости. Во изјава за „360 степени“ пак вицепремиерот за борба против корупција и криминал, Љупчо Николовски вели дека завршило времето кога однапред се знаело кој ќе биде избран на оглас.
Вакви примери имаше и во секторот култура. Неодамна струмичките актери протестираа во знак на револт поради одлуката на Министерството за култура за генерален директор на Центарот за култура да назначи професор по физичка култура. Во меѓувреме јавноста ја брануваа уште два настани во културниот сектор. Најнапред поради неправилности во работењето од функцијата директор на НУ Театар Комедија беше разрешен сашо Ристовски и на негово место за вршителка на дожност како вработена во институцијата беше назначена Нора Шаќири Марковиќ. И не многу потоа спортскиот работник и селектор на карате репрезентацијата за постари јуниори, магистер по спортски менаџмент и осум години шеф на кабинетот на државениот секретар при Министерството за култура - Арлинд Хусеини беше именуван за нов директор на Центарот за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово.
Наместени огласи?
Политичките аналитичари истакнуваат дека огласите во кои не е компатибилен описот на работното место со стручната подготвеност на кандидатот, укажува на тоа дека клиентелистичката пракса на вработување продолжува.
„Оваа пракса доведува прво до неквалитетни услуги од страна на државните органи и јавната администрација кон граѓаните и второ тоа е повторно создавање на превработеност. И се разбира доколку овие огласи се спротивни на систематизацијата која секоја институција ја има, може да се подигнуваат и постапки против лицата коишто се одговорни за распишување на ваквиот конкурс“, вели Марко Трошановски, претседател на Институтот за демократија.
За политичкиот аналитичар Сефер Селими од организацијата „Демокраси Лаб“, нема дилема дека ваквите огласи се „наместени“.
„Со ова може само да разбереме дека ангажманот на владата за реформирање на јавната администрација и поставување на вистинските луѓе на вистинките места е повеќе симболичен отколку вистинска заложба. Сметам дека ова не може да се направи само со декларации и добра волја туку треба да се применува во пракса кога се вработуваат. Освен законските регулативи за вработување кои треба да се построги, потребно е Владата најискрено да сака да ги добие најдобрите луѓе на соодветните места во кои се бара вработување“, вели Селими.
Во меѓувреме, бројот на огласи и интересот на граѓани кои сакаат да работат во јавната и државна администрација продолжува да расте.
Во Агенцијата за администрација во месец јануари 2021 година примени се 22 барања за објавување на јавен оглас за вработување на административни службеници, запрени се 7 барања, објавени се 17 огласи, за вкупно 42 работни места. За институциите од централната власт објавени се 6 јавни огласи за 16 работни места, додека за институции од локалната власт објавени се 11 јавни огласи за 26 работни места.
Во истиот период (јануари 2021 година) спроведени се 74 административни селекции за пријавени 1615 кандидати, спроведени се 59 испити на кои што се поканети 642 кандидати, од кои полагале 264 кандидати.
Интервју е спроведено на 56 огласи со вкупно 190 кандидати. Изработени се конечни ранг листи за 53 огласи и предлог за избор на 145 кандидати, а од 43 спроведени огласи објавени се вкупно 95 одлуки за избор на кандидати за вработување.