Во Струмица ништо ново во културата. И по состанокот со националниот координатор за култура во Владата Роберт Алаѓозовски, инаку инициран од министерката за култура Ирена Стефоска, нема разрешница на проблемот. Васил Бубев, некогашен професор по фискултура и директор на градинките останува „назначен“ директор на Центарот за култура „Антон Панов“.
Од иницијативата „Фис-култура или култура“, што патем ја потпишаа над 260 културни работници од земјава од различна провиниенција и политичка определба, велат дека мислеле оти нивните барања ќе бидат исполнети „но ете се случи и Алаѓозовски да го потврди ставот на министерката и Министерството и дека „правно и формално нивниот избор Бубев да биде директор е чист“.
Тие со таа одлука не се согласуваат и најавуваат низа институционално-правни и протестни активности. Така, оваа среда на 10 февруари ќе одржат протест на платото пред Домот на културата „Антон Панов“ во градот, а веќе наредниот ден во четврток истото ќе го сторат пред Министерството за култура во Скопје.
„Нашиот став е дека правно-формалните услови кој ги исполнува господинот Бубев не се до крај издржани како што викаат од Министерството, посебно затоа што сега ги добивме и заедно со адвокатски тим ги разгледуваме. Во таа насока, па дури и да е крајно „чист“ правно-формално ние сме решени да протестираме затоа што надвор од секоја логика е да ни постават раководител, директор на уметничка, културна институција, кој е наставник по физичко образование“, вели актерот Стојан Велков Трн.
Стојан Велков Трн
Тој и со дополна дека нивниот бунт конкретно е инициран од овој настан, но дека тие како Иницијатива „Фис-култура или култура“ имаат подлабока визија, подлабока кауза со тоа што мислат и сакаат со сопственото незадоволство да ги охрабрат и другите кои имаат исти или слични проблеми затоа што знаат дека културата стана поле на политиката и на заткулисни игри на партиите.
„Тоа е една работа од која сите мора да се ослободиме. Не и дека немало проблеми до сега, не и дека ќе нема од сега натаму, но мислиме дека е вистинскиот момент да се ослободиме од тие партиски пранги и конечно културните работници да си го добијат она што го заслужуваат а тоа е менаџер, раководител и целиот тим на управување да соодветствува со тоа што е примарната дејност на овие институции – да продуцираат квалитетни претстави, изложби, концерти... и да ги развиваат сите сектори што делуваат во националните установи“, смета Велков.
Инаку, во меѓувреме јавноста ја брануваа уште два настани врзани со секторот култура. Најнапред поради неправилности во работењето од функцијата директор на НУ Театар Комедија беше разрешен сашо Ристовски и на негово место за вршителка на дожност како вработена во институцијата беше назначена Нора Шаќири Марковиќ. И не многу потоа спортскиот работник и селектор на карате репрезентацијата за постари јуниори, магистер по спортски менаџмент и цели осум години шеф на кабинетот на државениот секретар при Министерството за култура - Арлинд Хусеини беше именуван за нов директор на Националната установа Центар за култура „Иљо Антески-Смок“ во Тетово?!
Гоце Павловски, секретар на СКРМ и виш кустос археолог во НУ Стоби, истакнува дека тие како Синдикат на културата се организација која се грижи за заштита на правата на вработените и дека немаат формално право да се мешаат во работата на Министерството и менаџирањето на институциите. Од друга страна, потсетува дека имаат право да реагираат на политики кои сметаат дека го загрозуваат професионалниот интегритет на вработените и дека како индивидуи имаат право на став за состојбите. Тој појаснува дека голем дел од членството на СКРМ учествуваше во борбата за политички промени, кои за нив подразбираат промена на праксата од минатото, поготово во делот на партизација на институциите, која се реализира и преку политички одлуки за директори, членови на управни одбори и вработувања.
„Јас лично сметам дека во културата, а и во другите области на општеството не смее да постои простор за авантури од типот на изборот на директор во Центарот за култура во Струмица или како во ред други установи. Директорот најчесто мора да е од редот на носителите на дејноста, или во случаи кога не е, тогаш мора да има адекватно образование и дебело портфолио на успеси во менаџирањето на културни институции. Сакам да кажам дека секое раководно лице мора да има познавања од видот на работите кои се изведуваат во институцијата, да ја познава состојбата внатре во институцијата и да има сериозна волја и визија за континуиран прогрес. За жал, состојбата со директорите во институциите од културата не е розева и наместо да ги броиме лошите примери на директори и нивен избор, ние на прсти можеме да изброиме позитивни ситуации“, ќе рече Павловски.
Гоце Павловски со колегите од Синдикатот за култура на Република Македонија
Синдикалецот и со забелешка дека состојбата со управните одбори е уште поочајна и дека Министерството за култура во најголем дел од институциите го има прекршено Законот за култура и наместо истакнати лица во културата во управните одбори членуваат лица кои никогаш немале допирна точка со културата, дури во некои случаи овие лица се и претседатели на управен одбор.
„Сакам да апелирам до Министерството за култура и Владата, дека културата не е место за политички пазар и клиентелизам. Политиката мора да ја препушти културата на професионалците кои не ги интересира кој е на власт и чиј императив е беспрекорното функционирање и напредување. Тоа не само што ќе и помогне на културата, туку ќе ѝ помогне и на државата во евроинтеграциските процеси затоа што назначувањето на партиски директори и членови на управни одбори, како и партиските вработувања не се дел од вредностите на патот на кој сме тргнале. Апелирам и до медиумите за постојан интерес за состојбите во културата и јавна критика за сите процеси, категоричен е Гоце Павловски.
Од друга страна, по побараниот став од Министерството за култура за ваквиот след на настаните од таму со следното појаснување:
Министерството за култура , по седум продолжувања на в.д. мандатот на претходниот директор во НУ Центар за култура „Антон Панов“-Струмица, распиша конкурс за директор.
На конкурсот се јавија трojцa кандидати од кои само еден ги исполни, формално правните услови од јавниот оглас.
Министерката за култура, Ирена Стефоска, имаше разговори со претставници на Струмичкиот театар и со новоизбраниот директор. Барајќи излез, директорот укажа дека во неговата Програма за работа акцентот го става на подобрување на уловите за работа, а не на мешање во работата на ансамблот. Подготвен е , на предлог на вработените, да назначи тројца уметнички раководители за трите дејности во Центарот за култура кои ќе бидат надлежни за уметничките аспекти.
Инаку, според постоечкиот Закон за култура, не постои правен основ за поништување на јавен оглас за избор на директор.