Достапни линкови

Новогодишните честитки заглавија во пошта


Поштата кај Транспортниот центар во Скопје
Поштата кај Транспортниот центар во Скопје

Од пет испратени честитки пред две недели по пошта, ниту една не е стигната до испратената адреса. Државната пошта тоне во долгови, а вработените се жалат на плати и услови за работа. Поштарите сепак уверуваат дека иако со задоцнување, сите пратки ќе стигнат до дестинацијата.

Петте новогодишни честитки кои годинава ги испрати редакцијата на Радио Слободна Европа заглавија низ лавиринтите на државната пошта. За да стигнат побрзо, ги пуштивме од дирекцијата, кај Транспортниот центар, за да стигнат до редакцијата на РСЕ во Центар, но и на адреси во Лисиче, Ченто, Влае и Соње.

Две недели подоцна, ниту една од нив не стигна на испратената адреса, иако на пример ако се оди пеш од дирекцијата на пошта до РСЕ се потребни само 15 минути.

Новогодишните честитки кои ги испрати РСЕ
Новогодишните честитки кои ги испрати РСЕ

За проблемот писма и пратки кои се испраќаат преку националната пошта, или по ново Пошта на Северна Македонија, честопати се алармира по социјалните мрежи. Граѓани се жалат на доцнење на пратки со месеци, бавност, но и за писма и пакети кои никогаш не стигнале до нив.

Меѓу нив е и директорот на Скопскиот Џез фестивал, Оливер Белопета. За РСЕ појаснува дека скоро два месеци, не само кај него, туку писма и други пратки, и обични и препорачани, преку пошта не стигнуваат и во цел реон во скопската општина Центар. Со оглед на функцијата која ја има, примањето пошта е дел од неговото секојдневие. Не може да се пофали со редовноста, но вели дека последниот период е алармантно. Проблемот кратко се решил кога во реонот им дошол нов поштар, но веќе два месеци го нема ниту поштарот, ниту пак писмата.

Кога отишол пак да се пожали по пошта, му биле покажани купишта пратки и писма кои чекаат да бидат испратени во неговиот реон.

„Како што се распаѓа сѐ во државата, нема што да бидеме зачудени. Главната пошта, тоа сѐ е распаднато“, дециден е Белопета.

Нема поштари, а се трупаат долгови

Македонската пошта тоне во долгови. Во третиот квартал тие се искачија на 2,5 милиони евра. Во повеќе наврати имаше штрајк на вработени поради лоши услови и доцнење на плати, што дополнително го продлабочи проблемот. Има и недостиг на поштари. Во првата половина од 2021 година имало 686 поштари, во истиот период годинава за 38 помалку, покажуваат статистиките на регулаторната Агенција за поштенски услуги.

Ова се надоместува со ангажирање хонорарни поштари, кои бидејќи се слабо платени брзо ја напуштаат работата. Сето тоа, како што појаснува Боро Велигденов, првиот синдикалец на АД Пошта, носи дополнителни проблеми.

„Знаете, поштарот му требаат најмалку 2 месеци за да го научи реонот каде што треба да ги извршува работните задачи. А не, ќе работи 2-3 месеци и ќе замине“, вели Велигденов.

Тој е свесен дека се погласни се критиките на граѓаните кон нив. Проблемот го гледа во лошата организација и уште полоши услови за работа. Вели дека возниот парк е застарен, нема велосипеди ниту пак доволно мопеди, а последен пат работна униформа добиле пред повеќе од една деценија.

„Над 65 % од поштарите имаат над 55 години, немаме млади кадри за да ги замениме“, дополнува синдикалецот кој потсетува дека уште работат по реони кои се креирани пред 90-тите години на минатиот век.

Со штрајковите успеале да обезбедат покачување на платата за 3000 денари, првпат по 3 децении. За условите Велигденов дополнува дека нема поместување, ама добиле ветување од претпоставените дека ќе има нова систематизација и реонизација.

Па така, за да му се помогне на претпријатието, сите државни институции добија задолжение да ги користат услугите на државната АД „Пошти“, наместо на останатите компании.

И додека граѓаните се жалат, а и вработените во пошта признаваат дека има проблем, институциите велат дека се функционира добро. Какво е искуството со работењетото со Македонска пошта, прашавме во две министерства - за Транспорт и врски и Правда. Од двете добивме речиси идентичен одговор.

„Министерството за транспорт и врски ги користи услугите на АД Пошти на Република Северна Македонија и за истите до сега немаме забелешка“, се вели во кусиот одговор.

Од Правда пак дополнуваат дека за 2023 година веќе склучиле договор со АД пошта, за праќање обични и препорачани пратки.

Во меѓувреме граѓани за РСЕ алармираат дека и по повеќе месеци им доцнат сметки за режиски трошоци, решенија за данок и други важни известувања.

Рок од 3 месеци за жалби

Кога има проблем со испратените пратки преку пошта, граѓаните можат да се жалат кај давателот на услугата, појаснуваат од Агенцијата за пошти. Рокот за тоа е до три месеци од пуштањето на пратката. Ако нема одговор или се незадоволни, приговор потоа може да пратат и до Агенцијата за пошти.

Како што се наведува во последната анализа на оваа Агенција, во првата половина од годинава имало 273 рекламации за поштенски пратки преку државната пошта. Скоро сите се однесувале за препорачани писма, а една била за пакет. Ова, како што забележуваат од Агенцијата е сепак помала бројка од истиот период годината претходно, кога имало над 400 рекламации.

Покрај државната пошта, која е единствен носител на индивидуална дозвола за обезбедување на универзална услуга, на пазарот во моментов има уште 37 компании кои даваат поштенски услуги. Сепак и тука има пад. Осум лиценцирани даватели на поштенски услуги престанале да работат на поштенскиот пазар од почетокот на годинава, а прогнозите на регулаторот се дека на почетокот на следната година ќе престанат да функционираат уште неколку. Причината за ова ја гледаат во намалената економска активност на стопанството и растот на цената за енергенсите.


Во меѓувреме, повторно за да и се помогне на државната пошта, на крајот на октомври беше вратен ценовниот монопол за услугите за писма до 50 грама во корист на националната „пошта“, која за услугата има регулирана цена од 25 денари по писмо, одобрена од регулаторот. Толку плативме и ние за да ги испратиме новогодишните честитки. Лиценцираните даватели на поштенски услуги за писмата до 50 грама пак не смеат да наплаќаат единечна цена пониска од 62,5 денари.

Па така, новогодишните честитки заглавија некаде низ Скопје. Ќе стигнат, уверува синдикалецот Велигденов .

„Можеби малку ќе доцнат, но ќе си ги добијат сите пратките“, додава тој.

РСЕ став за проблемот побара и од АД Пошта, ама до објавувањето на текстот немаше одговор.

  • 16x9 Image

    Јасмина Јакимова

    Новинарската кариера ја започува во 2005 година. Работи како репортер во неколку македонски телевизии, за подоцна кариерата ја продолжува во онлајн медиумите на различни мултимедијални содржини. Добитничка е на неколку новинарски награди. Во декември 2021 година почнува да работи во Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG