Достапни линкови

Ниту пари, ниту желба за енергетски ефикасни згради


Зградта на МРТВ. Илустративна фотографија.
Зградта на МРТВ. Илустративна фотографија.

Државата со години не ја реализира својата законска обврска да ги реновира објектите и зградите кои се во нејзина сопственост, со што би се намалиле трошоците за електрична енергија преку изолација на нивните фасади. Експерти велат дека енергетска ефикансост значи минимална потрошувачка и нула загадување од објектите.

Законот за енергетска ефикасност ги обврзува Министерството за економија и Министерството за транспорт и врска да изготват и предложат Стратегија до Владата за реконструкција на зградите, но овие институции со години не ја реализираат оваа законска обврска.

Неспроведувањето на законот го нотира Државниот завод за ревизија во Конечниот извештај од ревизија на успешност “Преземени мерки и политики од страна на РСМ/надлежни органи со цел ублажување на климатските промени“ објавен во мај годинава.

Во услови на енергетска криза, државните објекити значително помалку ќе ја чинат државата за сметки за струја доколку се енергетски ефикасни, а од друга страна оваа инвестиција се враќа, како што посочуваат експерти со кои разговараше Радио Слободна Европа.

Ревизорите наведуваат дека оваа законската одредба исто така е еден од условите за реализација на мерките за ублажување на климатските промени од енергетскиот сектор, кои се однесуваат на реновирање на постојните резиденцијални згради, постојни општински згради како и згради во надлежност на централната власт.

Министерството за економија и Министерството за транспорт и врски преку Стратегијата треба да дадат предлог до Владата за реконструикција на сите објекти и згради, како министерствата, болниците, агенциите, односно коишто според Катастарот се во сопственост на централната власт.

Од Министерството за економија во одговор за Радио Слободна Европа велат дека во моментов се преземени само подготвителни активности за изработка на Стратегијата за реконструкција на згради, односно дека во тек е процес за изработка на типологија на згради преку употреба на податоци добиени од последниот официјален попис.

По завршувањето на типологијата, велат од Министерството за економија, ќе започне изготвувањето на Стратегијата за реконструкција на згради.

„Типологијата на згради е неопходен влезен податок за изработка на детална Стратегија за реконструкција на згради со цел да се има јасен преглед на типот на зградите со кои се располага во земјата за содветно на тоа да се изготват мерки“, се вели во одговорот на Министерството за економија.

Професор Константин Димитров за РСЕ вели дека оваа обвсрка државата ја има согласно директивата за енергетска ефикасност, во која точно е наведено колкав процент од државните згради треба да бидат реновирани.

„Имаме обврска секоја година 3 проценти од имотот којшто е сопственост на државата да се реконструира или да се сведе да ги исполнува минималните барања за енергетска ефикасност, коишто се дефинирани со Правилникот за енергетска контрола на згради и со Правилникот за енергетски карактеристики на згради“, вели Димитров.

Општините се обврзани да донесуваат локални општински планови за животна средина, во кои треба да предвидуваат среднорочни и долгорочни мерки за зголемување на енергетската ефинаскост, како и годишни планови за нивна реализација и да доставуваат известувања со Агенцијата за енергетика за нивните активности.

Државниот завод за ревизија според податоци добиени од Агенцијата за енергетика утврдил дека во периодот од 2017 до 2020 година мал број на општини донеле Програма за енергетска ефикасност.

Според анализата на ДЗР, од 2017-2020 година вкупно 33 општини доставиле до Агенцијата програми за енергетска ефикасност, од кои 22 добиле позитивно мислење, а останатите 11 општини добиле насоки за промена на програмите. Но, Агенцијата потоа не добила податок дали било постапено по укажувањата за измена, бидејќи како што наведува ДЗР, овие општине не доставиле назад изменети програми.

„Во прилог на наведената констатација се и добиените податоци од испратените прашалници доставени до 11 општини од кои согласно одговорите 5 општини имаат важечка Програма за енергетска ефикасност во периодот опфатен со ревизијата, а за една општина не е обезбедено позитивно мислење“, се вели во Извештајот на ДЗР.

Кога станува збор за општините, Радио Слободна Европа минатата година објави дека за изработка на Програмата за енергетска ефикасност 2018-2020 на Град Скопје пред три години биле дадени 126.000 денари, но Градот во истиот период не потрошил воопшто средства за спроведување на целите од програмата, и покрај тоа што во годишните буџети биле планирани пари.

Извештаите на Град Скопје за извршување на буџетите за 2018, 2019 и 2020 година покажуваат дека Одделението за енергетска ефикасност има нула реализација, односно дека нема потрошено воопшто средства за активности за енергетска ефикасност.

Во однос на Стратегијата која треба да ја подготват Министерството за економија и Министерствто за транспорт и врски, професор Димитров исто така вели дека со неа треба да се дефинира и колкав е вкупниот имот кој го поседува централната власт. Тој посочува дека инвестирањето во енергетска ефикасност е „победничка варијанта“ и најдобриот енергетски ресурс на Македонија во момемнтов.

„Инвестирате на пример во изолација на зграда - трошите помалку енергија којашто инаку би требало надвор да ја платите многу скапо и немате загадување на околината. Енергетска ефикасност и инвестирање во зградите е победничка варијанта“, вели Димитров.

Тој објаснува што предвидуваат европските директиви: новите згради треба да имаат потрошувачка на енергија блиску до нула, особено од фосилно гориво. Тоа значи да не се губи енергија низ ѕидовите, односно да биде облечена со „бунди две“, а да има минимална потрошувачка за вентилација и свеж воздух и за техничките инсталации за осветлување, но тоа истовремено треба да се обезбеди со обновливи извори на енергија. Тогаш објектот кој се нарекува „Near Zero“, односно блиску до нула потрошувачка на енергија или нула емисии на јаглерод диоксид во атмосферата. Македонија мора да работи на двете директиви, но за тоа нема пари, ниту желба“, вели Димитров.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG