Достапни линкови

Ние младите: „Не ни ја потценувајте интелегенцијата“


Илустрација, бруцоши на прв академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“
Илустрација, бруцоши на прв академски час на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“

„Ние Младите“ е платформа за актуализирање на проблемите со кои се соочуваат младите, како и нудење на идеи за промени.

Пред година, започна да функционира нова младинска иницијатива или платформа, наречена „Ние Младите“. Преку оваа платформа тие сакаат да ги искажат своите ставови, своите видувања за неправда, а целат и да понудат решенија.

„Пред се сметаме дека сите млади знаат точно што е проблемот и имаат најпрогресивни мисли каде лежи решението, затоа и од таму произлезе името „Ние Младите“ да ја претставуваме прогресивната неконвенционална мисла во државата која упорно се занемарува“, вели 25 годишниот Борис Спировски, кој е дел од иницијативата.

Платформата е неформална, па така и бројот на вклученост на млади варира, во зависност од интересот да се придонесе во идејата. Тие започнаа со анкети, или „темелни прашалници“, како ги нарекуваат. Прашалниците ги правеа во Градскиот парк во Скопје, од кои произлегоа три видеа што ги објавија на социјалните мрежи.

„Тие прашалници ги спроведовме за да увидиме дали младите без цензура и било каков притисок размислуваат слично или критички. Бевме фасцинирани зошто точно, прецизно, јасно и концизно ни ги искажаа ставови кои се во јадрото на проблемот“, вели Спировски.

Сега подготвуваат подкасти во кои најавуваат дека ќе дискутираат „за сериозни теми со сериозни говорници“. Планираат и дебати, за кои велат дека се во преговори со јавни личности за да ги соочат ставовите, истакнувајќи „ако не им пречи ако им го нарушиме нивниот комфорт“.

Фејсбук страна на младинската иницијатива „Ние Младите“
Фејсбук страна на младинската иницијатива „Ние Младите“

РСЕ: Како започна иницијативата „Ние Младите“?

Спировски: Преголемата пропаганда од двете политички елити, дневната политика, потценувањето на интелегенцијата на народот, граѓаните, трулото општество во кое се наоѓаме, разурнатиот политички систем па и навлегувањето на политиката во секој можен сегмент од секојдневниот живот од уметноста, музиката, културата, образованието, лагите, селективната примена на општествената правда, немањето на слух кон конструктивната критика кон секојдневните политики кои се пропагираат само во интерес на партијата која ги пласира, секојдневните политички спинови, намерното занемарување на решавање на вистинските проблеми со кои се соочува државата, негативната селекција, кронизмот, непотизмот, клиентелизмот, поради големата

разочараност на младите па и сите граѓани поради не спроведувањето на правилни реформи туку само декларативни во интерес на најголемите елити од хиерархијата во државата, секојдневните политички поени кои двете партии ги добиваат преку нивните механизми за да спроведат фиктивен анимозитет во јавнсота меѓу нив, а е и повеќе од очигледна нивната бизнис соработка позади камерите се само дел од главните причини да се создаде ваква платформа/иницијатива.

Голем дел наши другари не заминуваат, туку бегаат надвор од државата по подобар живот каде барем малце би го ценеле нивниот труд и интелектуален капацитет и правилно би биле распоредени во системот согласно нивните способности, затоа што постојано се поставуваат многу погрешни луѓе на погрешни места и нема каде да се искаже тоа или да се поведе било каква борба за промена на истото. Преголемата релативизација што се пласира во секојдневните политички дебати со цел да се заштити намерата зад која се крие само обичен бизнис интерес, а не желба за да се подобри животот на било кој граѓанин. Конкретно неколкумина бевме собрани во Градскиот парк во Скопје каде почетната основна идеја беше да се спроведе начин како да се променат нештата во државата преку правилна борба, а да не биде задушена. Сметавме дека е потребна платформа за слободен исказ и директна борба кон корупцијата, личностите кои директно ја спроведуваат, урбаната мафија, задушената култура.

РСЕ: Која е идејата и целта на иницијативата?

Спировски: Целта е воспоставување на правилни општествени темели кои оддамна се разрушени поради погрешните политики и пропаганди од сите политички партии, чија цел е само да дојдат на власт, а не и да се борат за искрена промена. Платформа каде секој граѓанин ќе може слободно да го каже својот став по сите прашања без страв и самоцензура, а и да спроведе своја идеја за активност која смета дека е потребна за да се реши или започне определено решение, актуелизира.

Главна целна група ни се младите, зашто кога тие би се охрабриле да го кажат својот став, а дополнително и да се активираат не само преку нас туку и генерално да дискутираат гласно за проблемите и тоа што им пречи, ќе ги поведат и останатите граѓани со чиста намера да го сторат истото. Авангардата е таа која ги поставува трендовите, а не следи тоа што е актуелно моментално. Ќе бидеме конкретни и директни кон личностите кои го претставуваат проблемот преку нивните постапки, ќе предлагаме решенија кои на сите им одговараат, освен на тие корумпирани функционери со сомнителен морал кои се влезени на јавните позиции за зголемување на личниот профит, а не вршење на општестевна позиција согласно моралот и етиката. Активни сме најмногу на Фејсбук, но нашите активности дополнително може да ги најдете и на нашиот Јутјуб и твитер канал „Ние Младите“.

РСЕ: Во вашите подкасти и видеа на социјалните мрежи ги искажувате проблемите, пред се, за младите, во државата. Што би навеле како три приоритетни проблеми и зошто?

Борис Спировски, член на младинската иницијатива „Ние Младите“
Борис Спировски, член на младинската иницијатива „Ние Младите“

Спировски: Еден од главните спинови, лаги, пропаганди или недоразбирање што се пласира во јавноста е тоа што се прави дистинкција помеѓу проблеми на млади и проблеми на повозрасни (стари). Сите се бориме со исти проблеми, не постојат решенија кои се соодветни за млади, а не за стари и обратно. Како три приоритетни проблеми би ги навел, прво немањето на општествена правда, второ е потценувањето на основната интелегенција дека се спроведуваат било какви реформи или мерки, а тоа да не е селективно или со задна намера. Трето е немањето на слободна платформа каде ќе го искажат својот став, конструктивната критика граѓаните слободоумно без никакво влијание или цензура и истото да биде спроведено а не релативизирано колку да помине по пат на „дебата“. Пример, во време на ВМРО-ДПМНЕ немаше слободна мисла и кога се искажуваше не се менуваше ништо или беше потиснато. Сега се пласира пропаганда, спин дека за разлика од тогаш сега се дискутираат проблемите, што е тотална лага зошто ни тогаш ни сега не се спроведуваат решенија туку селективни бизнис мерки за нив самите, сега само се релативизира пристапот со цел да се прикаже демек да бидеме среќни што барем се збори. Луѓето бараат вистински решенија, а не популизам за да се остане подолго на власт. Во тоа е предноста на младите, што побрзо ги разобличуваат пропагандите пласирани од сите страни и можат слободно да дојдат до реален заклучок.

РСЕ: Честопати граѓани велат дека младите се пасивни. Што би одговориле на тоа?

Спировски: „Младите се пасивни“ e пропаганда од страна на врвот на ВМРО - ДПМНЕ зошто немаат подршка од младите во своите активности, протести, а и генерално од граѓаните тоа се покажа и на изборите, каде голем дел од нивните гласови отидоа на страна на Левица. „Младите се пасивни“ е пропаганда со цел да се создаде природна енергија за да се крене народот на протест преку младите, како што се случи со студентските протести/пленумот во кои и дел од нас активистите на „Ние Младите“ бевме директно вклучени длабоко. Младите доволно добро знаат против кого се бореа 11 години, кој ги потценуваше и експериметираше на нив со лошите образовни реформи, екстерното тестирање. Поради немоќта да освојат глас кај младите тие одат на пропаганда. Младите се

разочарани во политиките на државава која ги спроведува 30 години. Зашто очекуваа барем спроведување на правда врз функционерите на минатата влада, правилни реформи во секоја сфера, да живеат само од плата, да спроведат еднаквост, солидарност, почит на законите, а не само декларативно во јавноста а позади завесите да се продолжи со ист принцип на работа како во времето на режимот на Груевски, притоа да се манифестира како хибриден режим со вклученоста и на други сектори. Имаaт чувство на нихилизам зашто не гледаат каде можат да се обратат или нешто да преземат... Знаат точно каде е проблемот, но кај кого да се реагира? Како? Да се бутне СДСМ за да дојде пак ВМРО-ДПМНЕ? Да се подржи СДСМ за да продолжи режимот? Младите изгубија желба, воља за политички активизам поради алчните политики на елитите кои си прават само бизнис зделки, изгубија надеж во сите партии и имаат доза на агресија која се создава поради разочараноста, чувството дека биле предадени од некого, а во овој случај од сите политички фактори, единствена желба им е да избегаат од оваа држава, зашто ова не е држава. Баш сево ова ќе се актуелизира преку активностите на „Ние Младите“.

РСЕ: Што би издвоиле како најголема неправда кон младите во последните 6 години?

Спировски: Редовното потценување на нивната интелегенција.

XS
SM
MD
LG