Достапни линкови

„Решивме да застанеме на свои нозе и да создаваме“


Настани на „Арт Хаус Карев“
Настани на „Арт Хаус Карев“

Средношколската организација „Арт Хаус Карев“ и покрај пандемијата го оствари трдиционалниот фестивал „Три дена култура“ и сметаат дека „развивањето на културата и разбирањето на истата е есенцијално кај новите млади генерации“.

Го остварија третото издание на „Три дена култура“ и не дозволија пандемијата да ги демотивира да организираат културно уметнички настани. Средношколската организација „Арт Хаус Карев“, во која сега дел се Васил Ханџиски, Светлана Ангеловска, Леона Јариќ, Ева Стојчевска, функционираат од учебната година 2017/2018 година. Оттогаш тие имаат учествувано и во манифестацијата Бела ноќ, организираат настани со средношколски творби од музика, филм, фотографија...

Членовите на „Арт Хаус Карев“, од лево: Леона Јариќ, Васил Ханџиски, Светлана Ангеловска, Ева Стојчевска
Членовите на „Арт Хаус Карев“, од лево: Леона Јариќ, Васил Ханџиски, Светлана Ангеловска, Ева Стојчевска

РСЕ: Колку и кои настани ги организиравте минатата година? Остана ли некој настан и план неостварен?

„Арт Хаус Карев“: Организиравме еден настан „Три Дена Култура“ и бевме соработници на уште еден настан „Во Карев од Дома“. Традиционалниот фестивал „Три Дена Култура“ заради ситуацијата беше целосно онлајн и го носеше името „Три Дена Култура од Дома“. Сакавме да организираме и „Свирложба“, што се организира веќе неколку години ама тоа не се случи. Се надеваме дека оваа година ќе ја продолжиме и таа традиција.

РСЕ: Колку сте задоволни од ланските настани?

„Арт Хаус Карев“: Од ланските настани иако се реализираа на социјалните мрежи сме задоволни. Научивме како да го кажеме тоа што сакаме на различен начин. Барем пробавме во оваа ситуација да ја промовираме средношколската култура и да го разбиеме монотоното секојдневие на средношколците, па и на сите луѓе. Одговорот кој го добивме од нашата публика беше позитивен и истата се чуствуваше како настаните да се во живо.

РСЕ: Репортоарот на вашите настани опфаќа повеќе културни области – филм, музика, фотографија... Дали и како пандемијата влијаеше на младинската креативност?

„Арт Хаус Карев“: Во репертоарот на нашиот најпрепознатлив настан „Три Дена Култура“ се кратки средношколски филмови, физички театар, бендови и дигитална изложба. Се е од страна на средношколци и сите можат да се пријават. Пандемијата драстично влијаеше на нашите погледи, сфаќања, творештва, желби. На целиот свет. Паметам кога објавивме дека фестивалот нема да се одржува заради новонастанатата ситуација, не очекувавме дека ќе трае цела година... Но, она што мислам дека најмногу ни одзеде е мотивацијата, идејата, слободата. Не лимитираше. Не натера да се стишиме во 4 ѕида и да размислиме дали сме потребни? Уметноста? Што со неа ако нема луѓе? Дали е само алатка за среќа и уживање? Критика во ова тешко време не е најпожелна. Но сепак, се решивме да застанеме на свои нозе и да создаваме! Што и да е само да се разбудиме и ние и сите, сите што се почувствувале вака. Сите кои се двоумеле, сите кои се обесхрабриле. Сите кои се откажале, се решивме да си дадеме цврста подлога и да си дадеме на знаење дека сме живи. Дека се е возможно доколку се потрудиме!

Мора да напоменам дека сите настани вклучително и „Три Дена Култура“ не поттурнаа да се вратиме во колосек.

РСЕ: Според вас, како до побогата младинска културна понуда? Имате ли соработка, подршка од некоја институција?

„Арт Хаус Карев“: Пречките со кои се соочуваат младите се присутни и секогаш ќе бидат. Настаната ситуација ни е уште поголема пречка, меѓутоа разбираме дека треба уште поинтензивно да работиме. Развивањето на културата и разбирањето на истата е есенцијално кај новите млади генерации. Идејата ни е нешто на изглед толку далечно да го приближиме. Можностите ни се лимитирани но сепак пробуваме да извадиме квалитетен производ. Сметаме дека подршка од поголемите институции е неопходна. Имаме голема подршка од нашето училиште СУГС „Никола Карев“ и вработените кои неуморно ни помагаат нашите идеи да станат реалност. Ние често соработуваме со најразлични институции и организации кои ја делат истата цел со нас.

РСЕ: Кои се плановите за оваа година? Планирате ли и нови проекти?

„Арт Хаус Карев“: Оваа година, 2021 се фокусираме да го организираме 3 дена култура и да бидеме спремни за онлајн и офлајн издание. Притоа зборуваме и сакаме да креираме уште неколку настани за кои се надеваме ќе добиеме добар одзив.

XS
SM
MD
LG