Достапни линкови

Нема ковид - пас за прележаните


Граѓани чекаат ред за вакцина пред поликлиника Букурешт во Скопје
Граѓани чекаат ред за вакцина пред поликлиника Букурешт во Скопје

И тие кои прележале ковид треба да се вакцинираат, оти новите мерки од 16 месецов ќе важат само за вакцинирани, а доказот за антитела нема да се земе предвид. Поради новите мерки има зголемен интерес за вакцинација, па се отвораат и нови пунктови.

Оние кои прележале ковид и не се вакцинирани ќе треба да го сторат тоа ако сакаат да одат во кафуле или ресторан, хотел, на прослава, концерт, семинар, обука, работилница, конференција, културни или спортски настани. На 16 август стартуваат новите анти-ковид мерки, со кои вакцинираните ќе имаат повеќе привилегии.

Од Министерството за здравство побаравме одговор зошто за влез во објекти не се земе предвид и доказ за антитела од прележаност на ковид, на што ни одговорија дека вакцинирањето е важно дури и ако некој имал ковид.

„Заштитата по природната инфекција е добра, но не се знае колку долго трае, бидејќи лица кои еднаш имале ковид повторно се заразуваат. Според анализите, постојат случаи кога првиот пат биле асимптоматски, а вториот пат од заразата имале тешка клиничка слика. Истражувањата на имунолозите укажуваат дека не секој ќе добие исто ниво на имунитет од инфекција, додека имунолошките одговори од вакцините се многу конзистентни. Со вакцинацијата се зголемува одбранбениот механизам на организмот, а вакцините го намалуваат ризикот од повторна инфекција, тешка форма на болеста и смртен исход од истата“, одговорија од Министерството за здравство.

Граѓани чекаат ред за вакцина пред поликлиника Букурешт во Скопје
Граѓани чекаат ред за вакцина пред поликлиника Букурешт во Скопје

Поради новите мерки има зголемен интерес за вакцинација

Откако се објавија мерките доцна во саботата заклучно до вчера се вакцинирале 23 илјади граѓани, од кои прва доза примиле над 16 илјади. Целосно имунизирани, со две дози вакцина, во земјава има околу 440 илјади луѓе, а досега во државата се аплицирани над 982 илјади дози вакцини. Министерството за здравство соопшти дека 32 отсто од полнолетното население на територијата на целата држава е веќе имунизирано со барем една доза на вакцина. Граѓаните се вакцинираат без закажување, а има и теренска вакцинација. Вакцинација во спортската сала Борис Трајковски во Скопје од почетокот на месецот нема, па вакцинацијата се одвиваше во поликлиниките во Чаир, Јане Сандански и Букурешт. Од среда вакцинација се врши во уште четири поликлиники - Бит Пазар, во Ѓорче Петров, Драчево и Ченто. Новите мерки направија гужви пред поликлиниките во Скопје.

„Имаше гужва, но тие што се за ревакцина не чекаат, завршивме бргу, во закажаниот термин“, вели граѓанин кој се ревакцинирал во поликлиниката Букурешт.

На сите полнолетни луѓе од 16 август при влез на секаков вид објект, вклучително и отворени делови на угостителски објекти со повеќе од 30 присутни лица ќе им се бара задолжителна потврда за извршена имунизација, барем со една доза. Ковид сертификат нема да се бараат за во маркети и за во трговски центри, туку само за организирани настани.

Од Агенцијата за заштита на лични податоци соопштија дека не би претставувало злоупотреба на личните податоци доколку при реализација на мерката се врши само визуелна проверка на потврдата за извршена имунизација против ковид, по принципот „приложил или не приложил потврда.

Независната угостителска комора побара да се повлечат најавените мерки. Од Комората до Владата доставиле барање одлуката за мерките да се укине, оти, според нив, мерките се неприменливи во пракса. Угостителите сметаат дека мерките треба да бидат таргетирани и да се насочат таму каде што има жаришта, а не да се казнуваат сите угостители. Скопје и Тетово предничат по нагло зголемениот број на нови случаи, но во последните денови новозаболени се регистрираат во многу градови.

Сопственикот на хотел на Попова Шапка во Тетово, Хајрула Хасани вели дека мерките што треба да ги преземат угостителите се тешки, но неминовни во ситуацијава.

„Седми и осми месец беа ковид-сезона, во нашиот крај имаше и свадби и јасно се виде дека тие свадби и други прослави беа ризик од кај доаѓа вирусот и размножувањето на вирусот и неминовно е да се преземат мерките“, вели Хасани.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ откако се објавија мерките се противат на нив и велат дека со нив не се решава ситуацијата со короната.

„Не се справија со ниту еден бран од корона вирусот, а сега на праг на четвртиот бран и наместо да понудат решенија, тие заплашуваат и дискриминираат.За СДСМ сега постојат само вакцинирани граѓани, ги избришаа и оние кои минуваа голгота во текот на лечењето, а имаат антитела“, реагираат од опозициската партија. Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека апелираат на вакцинација, но се строго против.

На кафе во Париз само со „ковид пасош“
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:25 0:00

Така наречените ковид-пасоши се бараат во многу земји и тоа не само за угостителски објекти, туку и за во маркети, спортски центри, некаде и за во јавен превоз, а има и задолжително имунизирање на здравствени работници, на војници, на јавна администрација. Приложувањето сертификат за вакцинација во затворените угостителски објекти минатиот месец стапи во сила и во соседна Грција, а во Италија, пак, за престој во затворени простории, граѓаните е неопходно да приложат документ за вакцинација за примена барем една доза, доказ за имунизација по природен пат, односно прележување на вирусот или негативен ПЦР тест, не постар од 48 часа. И во Чешка освен сертификат за вакцинација, важи и доказ за прележаност. Германската влада од 23 август годинава ќе им наложи на сите невакцинирани и на оние кои не го прележале коронавирусот да приложуваат негативен тест за секоја посета на болници и негувателски домови, како и за отворени или затворени угостителски објекти, фризери, вежбални, спортски центри и базени. Тестовите ќе продолжат да бидат бесплатни за сите оние кои не можат да се вакцинираат од здравствени причини, за бремени жени и за деца, за кои сè уште нема соодветна вакцина.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG