Нема напредок, рече денеска министерката за правда Рената Дескоска по средбата на работните групи на власта и опозицијата за статусот на СЈО. Таа истакна дека на средбата било разговарано за прашањата кои веќе една година се отворени, меѓу кои, и статусот на предметите кои ги води Специјалното јавно обвинителство. Опозицијата, пак, тврди дека средбата била тешка затоа што се зборувало за суштински прашања.
Дескоска тврди дека клучните непремостливи разлики се однесуваат токму на предметите на СЈО, за кои, како што вели, опозицијата не сака да се затворат ефикасно.
„Нашиот предлог е тие предмети да бидат трансферирани и да продолжат од точката до која се стасани во СЈО, да нема одолговлекување и застој во постапките. Забелешките кои ги има ВМРО-ДПМНЕ порачавме да ги преточи во амандмани. Законот утре влегува во собраниска процедура, амандманите треба да бидат поднесени до четврток. Се надевам дека утре сите политички партии ќе смогнат сили да водат сметка за иднината на нашата држава на патот на евроинтеграциите и дека ќе се донесе овој закон“, изјави министерката Дескоска.
Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Антонијо Милошоски вели дека не ја исклучува можноста во собраниската процедура како партија да интервенираат со амандмани на законот за да го подобрат предложеното решение. Тој посочува дека неговиот впечаток е дека од двете страни постои волја за дијалогот да продолжи со цел во догледно време да ги приближат ставовите во заеднички предлог-текст или амандмани.
„Власта очигледно одлучи овој предлог-закон да го предложи без консултации со опозицијата и од таа гледна точка не би можеле да очекуваме позитивен пристап од наша страна, кога немало позитивен пристап од СДСМ и ДУИ пред донесувањето на предлог-законскиот текст. Но, оставаме можност во комисиската расправа со квалитетни амандмани да го подобриме законскиот текст доколку има спремност од владејачкото мнозинство да има закон што би бил широко прифатен и заснован на стандарди“, изјави Милошоски.
Тој посочува дека предметите не зависат од личноста – главен обвинител и тие што ги застапуваат, но според досегашниот закон за СЈО, помошниците не можат да имаат мандат подолг од тој на главната обвинителка и тие треба да се вратат од каде што дошле во СЈО.
„Не е спорно дека започнатите предмети кои се водат пред судските надлежни органи треба да продолжат и да имаат судска разрешница“, изјави Милошоски, без да прецизира каков е нивниот став за истрагите како Империја или за судскиот предмет Талир кој во судската архива пристигна по истекот на рокот.
Предлогот на власта е Специјалното јавно обвинителство да се спои со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и при тоа обвинителите кои сè уште работат во СЈО да продолжат со својата работа, додека за истражителите во игра се две опции, или да се префрлат во Јавното обвинителство или да се вратат во МВР од каде што се дојдени и потоа да се формира истражен центар во Јавното обвинителство.
Министерката Дескоска, пак, вели дека обвинението за Катица Јанева во „Рекет“ не треба да фрла сенка врз институцијата во која работела, затоа што личната одговорност не треба да се врзува со колективната, односно дека опстанокот на една инстутуција не треба да зависи од една личност.
Поранешниот претседател на Врховниот суд, Дане Илиев, вели дека ако нема договор за статусот на СЈО до крајот на месецов, единствено безболно решение, според Уставот, е државниот јавен обвинител Љубомир Јовески да ги преземе сите предмети во фазата.
„Главниот државен јавен обвинител со предметот под мишка и во судница. Па сите познати јавни обвинители во светот се прославуваат во судница, а не на прес-конференции. Тој е овластен според Уставот, нема друг, тој се грижи за сите предмети и треба да гони сторители на кривични дела“, вели Илиев.
Тој додава дека не смее да се дозволи предметите и истрагите на СЈО да останат да „висат“ незавршени или да пропаднат поради тоа што политичарите не сакале да се договорат.