Достапни линкови

Не им го плаќаат боледувањето, па и заразени одат на работа


Илустрација
Илустрација

Работничка која две недели била на боледување зела само 7 илјади денари плата, велат во здружението „Гласен текстилец“. Тие посочуваат дека дел од сопствениците на фирми не им ги признаваат боледувањата на вработените, па тие и заразени одат на работа.

Опоравувањето на економијата оди тешко, оти дел од работниците не одат на работа поради зараза или контакт со коронавирусот, производството е поскапено бидејќи се покачени цените на енергенсите, поскапена е храната и има раст на инфлацијата, велат за РСЕ работодавачи и здруженија кои се занимаваат со работнички права.

Европската економија забави во последниот квартал од минатата година, па се очекува тоа да се одрази и на Македонија, со оглед на тоа што скоро 80 отсто од трговската размена на земјава е со земјите од ЕУ.

Кристина Ампева од здружението за работнички права „Гласен текстилец“, кое ги следи состојбите во текстилната индустрија во Источна Македонија, вели дека работници одат на работа и болни, оти газдите многу им кратат од платата ако се на боледување.

„Има огромен дел на фирми кои не ги прифаќаат боледувањата од матичните лекари, ниту боледувањата се плаќаат онака како што треба. Моментално сега имаме пријави од работници од крајниот Источен регион каде работници се жалат дека поради тоа што две недели биле на боледување, платата им е 7000 денари. Последниот случај од сабајле ни е за работничка која е пријавена на минимална плата од 15.200, а работничката била на боледување две недели од корона и платата сега и е 7000 денари“, вели Ампева од Гласен текстилец.

Таа вели дека сега Инспекторатот за труд треба да утврди зошто работодавачи не ги примале боледувањата и колкава сума требало да им се исплати на работниците. Доколку работодавачите не исплатат колку што требало, ќе си платат казна, а работниците може и да тужат, но ретко некој се осмелува на тоа ако сè уште е вработен во фирмата, вели Ампева. Таа потсетува дека уште на почетокот на пандемијата бараа и на работниците во приватниот сектор да им се исплаќа 100 отсто плата во случај на изолација за коронавирусот.

По препорака на Комисијата за спречување на заразни болести, Владата пред една недела го намали периодот на изолација на луѓето со ковид на седум дена. Според податоците на Институтот за јавно здравје, за изминатата недела најмногу од заболените се на возраст од 30 до 39 години, односно луѓе кои би требало да се во работен однос. Заклучно со податоците до 2 февруари, во земјава има над 14 илјади активни случаи на заразени со ковид-19. А има пораст и на бројот на хоспитализирани. Сега има околу 670 луѓе во болница, што е за стотина повеќе од претходната недела.

Зголемениот број случаи на ковид-19, прекините на синџирот на снабдување и повисоката инфлација го попречуваат економското закрепнување, наведуваат од Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), поради што ја намалија и прогнозата за глобален раст за оваа година. Според нивните последни прогнози, се очекува растот на светската економија годинава да достигне 4,4 отсто, што е за 0,5 процентни поени пониско од прокецијата од октомври.

„Глобалната економија влегува во 2022 година во послаба форма од очекуваното“, се вели во извештајот на ММФ.

Но, во него се наведува дека омикрон варијантата не предизвикува толку тешка клиничка слика како претходните соеви и дека ќе се одрази на активноста во првиот квартал од годинава, но дека потоа ефектот ќе избледи.

Ангел Димитров, кој има текстилна фирма и кој е дел од Организацијата на работодавачи, вели дека кај нив омикронот не се одразил. Според анкетите, 25 проценти од вработените во неговата фирма се вакцинирани, а повеќе од половина веќе прележале, вели тој.

„Дури изненадувачки состојбата е добра. Бројот на отсутни работнички не надминува нормален број на отсуства како што имавме кога немаше корона. За нас е нормално бидејќи повеќе имаме женска работна сила да има од 3 до 5 проценти отсутност заради чување на деца, болно дете итн. Во овој пик на корона-кризата сега немаме проблеми“, вели Димитров.

Тој вели дека по проблематичниот период лани кога немале работа, сега нарачките се стабилизирани и имаат обезбедено работа до април. Но, наведува дека се соочуваат до други проблеми.

„Вршевме големи притисоци за зголемување на цената на нашите услуги. Ние извезуваме услуга, не извезуваме производ, правиме производ, но тој не е наша сопственост. Имаме големо покачување на цената на струјата, ние се грееме на нафта, а и таа претрпе голем пораст, имаме и голем пораст на цената на храната, а ние обезбедуваме бесплатен оброк за вработените и едвај успеавме да обезбедиме седум проценти зголемување на цената на услугата. За толку процени од први февруари е покачена платата на работниците. Овие цени удираат по џебот на работниците, па колку можеме да ги заштитиме од инфлацијата“, вели тој.

Македонската економија е мала и отворена и брзо ги чувствува глобалните ефекти. Најголем трговски партнер на земјава и е ЕУ, со која се врши речиси 80 проценти од вкупната трговска размена. Но, според податоците на Евростат од пред неколку денови, на европската економија не ѝ оди добро, а виновник за тоа е омикронот и неговото брзо ширeње. Податоците покажуваат дека економската активност во ЕУ нагло забавила во четвртиот квартал од 2021. Во однос на третиот квартал, пад на економијата има во Франција, Италија, Германија, Австрија и Летонија. Најголем раст од 2 отсто бележи Шпанија, а потоа следат Португалија и Шведска.


За економијата во Македонија пак сè уште нема податоци за последниот квартал од 2021. Достапни се податоците дека има пад на индустриското производство и намалување на бројот на работници во индустријата.

Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека индустријата не се опоравила од пандемијата, па така индустриското производство во декември лани во споредба со истиот период од 2020 е помало за пет проценти, а најголем пад е регистриран во преработувачката индустрија од 9,1 отсто. Има намалување на производство на пијалаци, текстил, облека, основни фармацевтски производи, препарати, метали, како и производство на моторни возила, приколки и полуприколки. Бројот на работници во индустријата пак е намален за три проценти. Најголем пад има во рударството од шест процени и над три проценти пад во преработувачката индустрија.

Индустриското производство во 2020, пак во споредба со годината претходно пораснала само за незначителен еден и пол процент.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG