Достапни линкови

Над една деценија ветувања, но, од нов Клинички центар абер нема


Снимка изгледот на новиот клинички центар кој требаше да се гради во 2017 година
Снимка изгледот на новиот клинички центар кој требаше да се гради во 2017 година

Многу министри и предизборни ветувања, физибилити студии, па дури и сечење црвени ленти, но изградбата на нов клинички центар не е ниту на повидок. Капиталниот проект кој што се најавува години наназад останува само на хартија.

Медицинскиот центар кој што треба да биде еден од стратешкките објекти на државава и од огромно значење за пациентите, но и за медицинскиот кадар се уште е само на зборови и на хартија.

Современ и функционален нов клинички центар е предизборно ветување на речиси секоја партија во изминатава деценија.

Изградбата на нов клинички центар, која што се најавува 13 години наназад сепак, остана само во партиските програми и во јавните настапи на политичарите.

На терен и во реалноста состојбата не е сменета. Постојниот комлекс клиники не може да ги задоволи потребите ниту на пациентите ниту пак условите за работа на медицинскиот кадар.

Пациентите и натаму се приморани да се лекуваат во болници со стара и дотраена инфраструктура и да лутаат низ здравствените лавиринти.

Во меѓувреме, секој нов минитер што ќе дојде во здравството доаѓа и со нова идеја за нов клинички, поништувајќи ги проектите на претходната гарнитура, почнувајќи ги постапките одново, па така 12 години наназад граѓаните само слушаат за нов клинички.

Зошто е потребен нов клинички центар?

Во постојниот комплекс клиники „Мајка Тереза“ годишната фрекфенција е над 800.000 пациенти.

Дополнително зградите на клиниките меѓусебно не се поврзани, што резултира со шетање на пациентите од една до друга клиника на отворено, по дожд, снег и сонце.


Според дел од експертите токму поради тоа потребeн е нов клинички центар во кој ќе може да се добива интегрирана медицинска експертиза, без притоа пациентите да се шетаат од еден до друг објект, за да завршат преглед или да отидат на снимање.

„Во склоп на новиот клнички центар сите услуги би биле на едно место, значи би биле централизирани и граѓаните нема да мора да лутаат да бараат која клиника каде е. Истовремено, многу битни се и тие т.н. топли ходници со што пациентите ќе се транспортираат од една до друга клиника и до дијагностичките институти во затворен и топол простор, а исто така и вработените ќе имаат побрза и поедноставна комуникација меѓусебно и со другите клиники, така што ќе биде многу полесно и за граѓаните и за вработените“, вели д-р Горан Беговиќ, долгогодишен лекар на Клиниката за абдоминална хирургија, кој што воедно е и Претседател на Самостојниот синдикат на вработените во Клиничкиот центар.

Д-р Беговиќ, потенцира дека освен тоа проблем е и сообраќајниот хаос кој го отежнува пристапот на пациентите до клиниките.

Хронични болки на здравството - нема доволно лекари, пари и опрема
please wait

No media source currently available

0:00 0:08:41 0:00

Често пати пациентите заглавуваат на паркингот на клинички со часови барајќи место за паркирање.

Некогаш дури и возилата на брза помош „заглавуваат“ додека стигнат до клиниките.

„Пристапот е проблематичен, уличките се тесни, постојано се блокирани, така што тој проблем кој очигледно е голем за сите граѓани би се решил со нов клинички центар. Она што новиот клинички центар би требало да понуди е лесен пристап и граѓаните од целата држава да може пристапат“, вели д-р Беговиќ.

Д-р Беговиќ порачува дека изградбата на нов центар е од посебен интерес како за граѓаните така и за медицинскиот кадар.

„Тоа е посебна здравствена установа која нуди услуги која ниту една друга установа не ги нуди. Една третина од вработените во земјава во јавното здравство работат токму во клиничкиот центар, преку 90 проценти од професорскиот кадар е вработен во клиничкиот центар, а исто така тука се повеќето специјалисти и супспецијалисти, така што ова е установа која што мора да е достапна за секој граѓанин, така што во секој поглед новиот клинички центар е неопходен“, порачува докторот.

Зошто не е изграден?

Зошто и како не е реалзиран проектот до сега, д-р Беговиќ вели дека станува збор за политичка волја, а според него проблематични се локацијата и парите, но се надева дека партиите конечно ќе најдат решение кое што ќе биде добро осмислено.

„Зошто толку време се чека, не би можел да кажам. Најверојатно се партиските несогласувања, така што мислам дека сега сите партии имаат разбирање дека тоа е неопходно, но проблемот е во локацијата и во паричните средства“, вели д-р Беговиќ.

Што се ветуваше до сега?

2010: Министер за здравство - Бујар Османи: Новиот клинички центар ќе биде подостапен за граѓаните

Во 2010-та година кога минситер за здравство беше Бујар Османи ги образложуваше причините зошто на државата и е неопходен нов клинички центар. Како што рече тогаш Османи, причината е недостапноста на постоечкиот Универзитетски клинички центар како и проблемот што зградите на постојните клиники се меѓусебно раздвоени без постоење на топли врски и ходници со што се оддолжува времето на третман на пациентите.

Според тогашните најави дури требаше да се изгради и железнички како и автобуски терминал за да се обезбеди пристап од сите региони до центарот.


За овој проект тогашната Влада усвои и физибилити студија, која според тогашните информации чинела околу 200.000 долари, а според која целокупната релокација на Клиничкиот центар требаше да чини околу 450 милиони евра.

Според проектот, центарот требаше да се простира на површина од 195.000 метри квадратни, да биде опремен со најсовремена технологија и да содржи околу 50 отсто еднокреветни соби што ќе овозможи приватност за пациентите и нивните семејства.

Во тоа време во игра беа две локации за изградба - скопската населбата Бардовци или просторот во близина на касарната Илинден.

На прашњето чија е идејата за релокацијата на Клиничкиот центар , Османи тогаш на новинарското прашање одговори дека нема да зборува за тоа дали е нова или стара идеја и кој прв ја имал, туку кој преземал иницијатива да ја реализира.

Но проектот остана нереализиран.

2017 Министер за здравство - Никола Тодоров: Новиот клинички ќе биде еден од најсовремените центри во Југоисточна Европа

Во 2016 – та година поранешниот министер за здравство Никола Тодоров во владата предводена од ВМРО ДПМНЕ одново најави почеток на изградбата на новиот клинички.

Според тогашните најави, инвестицијата само за изградба требаше да чини околу 70 милиони евра, а за целокупната инвестиција за модернизирање на кампусот требаше да се потрошат вкупно 128 милиони евра.


Проектот предвидуваше да се изгради еден целосно нов објект на местото на старата клиника за гинеколоија, за што беа планирани 70 милиони евра, додека за модернизација на постоечките објекти да се потрошат 58 милиони евра, со што вкупната инвестиција изнесуваше 128 милиони евра. Тој клинички центар беше предвидено да зафаќа површина од 46.987 метри квадратни корисен простор, да има подземје, приземје и девет ката, како и хелиодром.

Градежните работи требаше да почнат во 2017 година, а новиот клинички требаше веќе да биде готов кон крајот на 2021 година.

Тодоров како технички министер пред заминувањето од функцијата дури потпиша и договор со три фирми кои требаше да го градат центарот, а во своите јавни настапи рече дека новиот клинички ќе биде еден од најсовремените центри во Југоисточна Европа.

„Она што ќе следи е круна на сето она што досега е работено а тоа е изградба на најсовремен објект на преку 70 000 метри квадратни вкупна површина кој што ќе биде еден од најсовремените центри во Југоисточна Европа и сериозно позитивно ќе влијае и суштински ќе го промени здравствениот систем особено во делот на интензивната нега“, изјави Тодоров во 2017-та година.

Тој заедно со тогашниот премиер Никола Груевски дури и го означи почетокот на градежните активности пред старата зграда на Клиниката за гинекологија и акушерство-Скопје, која потоа остана само урнатина.

2017 Министер за здравство-Арбен Таравари: Новиот клинички на Тодоров е парцијално решение

Тодоров стави потпис за изградба непосредно пред неговото заминување од функцијата, но по доаѓањето на СДСМ на власт во 2017 на чело на министерството застана Арбен Таравари, кој одлучи да направи целосна ревизија на проектот.
По ревизијата Таравари изјави дека планот на Тодоров всушност предивдувал изградба на само една зграда за интерни клиники и дека тоа е само парцијално решение.

„По нивниот план и проект, предвидено е да се изгради само една зграда во којашто ќе бидат сместени интернистичките гранки, додека во стари објекти ќе останат хирургија, онкологија, гинекологија, кардиологија и кардиохирургија, инфективна, педијатрија. На Македонија ѝ треба комплетно нов клинички центар имајќи предвид дека местото и местоположбата на сегашниот клинички центар воопшто не се адекватни.
Сакаме да изградиме клинички центар според врвните светски стандарди, каде што ќе има повеќе влезови, паркинг, меѓусебно поврзани клиники, како што препорачуваат стручните лица и инженери, специјализирани во оваа област“, изјави Таравари во 2017.

Со тоа проектот на претходната власт пропадна, а ВМРО ДПМНЕ тогаш обвини дека со прекинувањето на проектот во ветер одат 72 милиони евра, бидејќи парите беа веќе обезбедени, а потпишани беа и договори со фирми кои требаше да го градат објектот.

2020 Министер за здравство - Венко Филипче: Новиот клинички центар во овој мандат сигурно ќе почне да се гради

По доаѓањето на Венко Филипче на функцијата министер за здравство во декември 2017–та година, владата предводена од СДСМ одлучи новиот клинички да се гради во скопската населба Бардовци, но по само неколку месеци се предомислија поради тоа што голем дел од земјиштето на кое беше предвидено да се гради објектот беше во приватна сопственост, а утврдено беше дека потенцијална експропријација би ја чинело многу државата.


Потоа следуваше најава дека новиот здравствен комплекс ќе се гради во скопската населба Ѓорче Петров.
Планот беше да се гради комплетно нов центар во кој што ќе бидат поставени сите клиники, медицинскиот факултет и каде што граѓаните ќе можат да добијат се на едно место, за што би се потрошиле 500 милиони евра.

„Постапката практично започна. Предлогот и концептот се Клиничкиот центар да биде во четири блока. Верувам дека првиот блок дефинитивно ќе биде завршен во следните четири години. Тоа ќе овозможи дел од сегашните клиники да се преселат и да почнат со работа. Како ќе бидат завршени следните блокови ќе се празнат и клиниките според стратегијата“, изјави Филипче во 2020 година.

Истата година беше објавено дека Банката за развој при советот на Европа и Европската инвестициона Банка ќе ја финансираат изградбата на новиот клиниччи центар во Скопје за што Владата ја усвои информацијата за финансирање на проектот од овие две меѓународни финансиски институции.

Најавите беа дека во 2024 година граѓаните ќе добијат нов клинички центар.

Но, законот за изградбата на новиот клинички наиде на блокада од страна на ВМРО ДПМНЕ. Со над 2 000 амандмани опозицијата го блокираше проектот во Собранието. Образложението беше дека Владата сака да потроши превисока сума на пари, а не постои ниту проект туку само физибилити студија.

ВМРО ДПМНЕ бараше постојниот клинички центар комплетно да се реновира , а паралелно да се изгради нов Ургентен Центар кој би се поврзал со Градската болница Осми септември, што велат би чинело многу помалку пари.

Тогашниот премиер Зоран Заев дури понуди опозициската ВМРО ДПМНЕ да раководи со проектот, но партијата продолжи да го блокира проектот.

Свое влијание имаше и корона кризата која дополнително ги пролонгираше процедурите. Во меѓувреме Венко Филипче ја напушти функцијата а на негово место дојде Беким Сали.

2022 Министер за здравство Беким Сали: Предмет на дискусија се три локации за новиот Клинички центар

Актуелниот министер за здравство Беким Сали неодамна изјави дека тој е против решнието на неговиот претходник Филипче, па најави дека законот за изградба планира да го повлече. Според него важно е да има согласност помеѓу политичарите за да може да почне процесот, за што тврди дека политичките несогласувања сега биле надминати.


„Во техничкиот дел иницирав работна група од позиција и опозиција во политичкиот дел да имаме усогласеност меѓу сите чинители во јавната расправа, која сметам дека во минатото била главната пречка за нереализирање на тој проект. Начелно, можам да кажам дека е надмината таа пречка“, рече министерот.

Сега одново се разгледуваат нови локации каде би се градел здравствениот комплекс. Меѓу трите можни локации се касарната „Илинден“, општината Ѓорче Петров и уште едно место на кое веќе има болница, која би се проширила.

Сепак, Сали нагласи дека уште не се дојдени до фаза за одредување локација, избор на содржина на клиниките, големина и слично.

„Три позиции се предмет на дискусија, а размислувавме како работна група да се гради на локација за која не ќе треба да се трошат дополнителни средства поради оддалеченост, што беше една од причините за блокирање на таков еден предлог“, рече министерот Сали.

Со повлекувањето на веќе постојниот закон сега повторно нема конкретни информации ниту каде ниту кога би почнал да се гради центарот.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG