Достапни линкови

Навални уапсен по враќањето во Москва, приведени десетици негови приврзаници


Алексеј Навални
Алексеј Навални

Рускиот затворски орган ФСИН го потврди притворот за Навални. Во соопштението се вели дека Навални бил во притвор поради „повеќекратни прекршувања“ на условите од неговата условна казна во врска со пресуда за измама во 2014 година.

Руската полиција го уапси опозицискиот политичар Алексеј Навални на аеродромот во „Шереметјево“ во Москва, веднаш откако тој слета со авион од Германија, пренесува рускиот сервис на Радио Слободна Европа. На неговиот адвокат, кој патувал со него, не му било дозволено да го придружува. На неговата сопруга Јулија Навалнаја, која ,исто така, беше на летот, ѝ било дозволено да помине низ пасошка контрола.

Рускиот затворски орган ФСИН го потврди притворот за Навални, пренесува Интерфакс. Во соопштението на ФСИН се вели дека Навални бил во притвор поради „повеќекратни прекршувања“ на условите од неговата условна казна во врска со пресуда за измама во 2014 година. Во соопштението се вели дека Навални ќе биде во притвор „се додека не донесе одлука на судот“ по ова прашање.

Овој потег, според кој Навални може да биде затворен 3,5 години за наводно непочитување на условите од условна затворска казна, предизвика непосреден бран критики кон претседателот Владимир Путин и во Русија и надвор од неа.

Летот на авиокомпанијата „Победа“ од Берлин кон Москва беше пренасочен во последен момент од московскиот аеродром „Внуково“, каде што се собраа стотици приврзаници на Навални да го пречекаат. Руските власти претходно го затворија Внуково за дојдовните летови. Полицијата наводно го затворила главниот пристапен пат до „Шереметјево“ во обид да ги спречи приврзаниците на Навални да стигнат до аеродромот. Полициските сили привеле десетици луѓе кои дошле на аеродромот да го пречекаат опозицискиот политичар.

Меѓу приведените е Љубов Собол, законски застапник на Фондацијата „Навални за борба против корупцијата“, Руслан Шавединов, раководител на проектот на фондацијата и новинар на весникот „Новаја газета“ Влад Владшин. Наводно, меѓу приведените има и други новинари.

Полицијата исто така била присутна на аеродромот за да ги прекине демонстрациите, а луѓето кои немале билети за летот беа принудени да го напуштат аеродромот.

Навални: Јас сум руски граѓанин кој има право да се врати дома

Навални беше во Германија на повеќемесечно лекување од труење, за што ги обвини руските власти. Тој реши да се врати во Русија и покрај фактот што тамошните власти објавија дека ќе го уапсат. Претходно, властите во Русија ги повикаа граѓаните да не доаѓаат да го поздрават Навални.

Пред полетувањето од Берлин, Навални, кој патуваше со сопругата Јулија, им се заблагодари на германските власти, кои го примија во земјата по труењето.
На новинарско прашање дали се плаши дека ќе биде уапсен по слетувањето во Москва, Навални одговори:

„Јас? Дали ќе бидам уапсен по пристигнувањето? Невозможно е."

Тој додаде дека се чувствува како руски граѓанин, „кој има целосно право да се врати дома“. На кратко видео објавено на Инстаграм од авионот, Јулија Навајлна ја отстранува заштитната маска и кон камерата вели: „Ајде да летаме дома“.

Инаку Навални во средата објави дека планира да се врати во Русија, за прв пат откако беше отровен во август 2020 година и покрај ризикот да биде затворен по враќањето од Германија. Руската затворска служба објави дека има намера да го уапси Навални доколку се врати во Русија, бидејќи не ги почитувал обврските за условната затворска казна што му беше изречена во 2015 година.

Навални изјави дека првобитниот случај против него е измислен и дека во тоа време бил во Германија на лекување, па затоа не можел да се пријави.
Од затворската служба, сепак, велат дека тој бил пуштен од берлинската болница во септември и дека требало да се врати во Москва и да се пријави.

Навални, еден од најистакнатите домашни критичари на претседателот Владимир Путин, беше пренесен во Берлин во август минатата година на итен медицински третман, откако беше отруен со, како што покажаа тестовите од неколку европски лаборатории, нервен агенс новичок.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG