Во минатата недела, Европската комисија препорача Украина и Молдавија да добијат статус на кандидат за ЕУ, додека Грузија мора да исполни голем број услови пред воопшто да се разгледа нејзиниот статус.
Самит на ЕУ - ништо ново за проширувањето на Балканот
На самитот во Брисел на 23 и 24 јуни, лидерите на сите 27 земји на ЕУ ќе ги разгледаат сите три апликации за членство. Но, настрана од тие можни развојни банери, има и други клучни случувања кои вреди да се следат внимателно.
Одобрен кандидатски статус за Украина, Молдавија...но не и за Грузија
Сите индикации сугерираат дека лидерите на ЕУ ќе ги одобрат препораките поставени од Европската комисија. Тоа значи дека и Украина и Молдавија ќе добијат кандидатски статус вечерта на 23 јуни, но мора да исполнат голем број услови за да напредуваат понатаму на нивните соодветни патеки за пристап.
Грузија, од друга страна, прво ќе се соочи со голем број услови пред земјата да добие кандидатски статус.
Можеби, сепак, најинтересниот дел од последниот нацрт на самитот на ЕУ што го виде РСЕ е реченицата поврзана со Украина и Молдавија која гласи: „[Европскиот] Совет ќе одлучи за понатамошни чекори откако сите овие услови ќе бидат целосно исполнети“.
Дали тоа значи дека Украина и Молдавија ќе бидат подготвени да отворат пристапни преговори откако ќе ги исполнат тие услови или дали тоа значи дека потоа ќе им бидат наметнати уште повеќе услови пред какви било понатамошни чекори?
Ова ќе биде првпат ЕУ да даде статус на кандидат, но и да постави услови, така што Украина и Молдавија би биле на многу непозната територија.
Веројатно повторно разочарување за Западен Балкан
Додека лидерите на ЕУ најверојатно ќе го направат историскиот чекор со тоа што ќе покажат дека Украина, Молдавија и Грузија еден ден ќе бидат дел од Унијата, земјите-кандидати за ЕУ од Западен Балкан би можеле да бидат пред уште еден разочарувачки самит.
Лидерите од Албанија, Босна и Херцеговина, Косово, Црна Гора, Северна Македонија и Србија се среќаваат со нивните колеги од ЕУ на 23 јуни на состанок за Западен Балкан пред поголемиот самит.
Клеман Бон: Некои точки во рамката ги засегаат посебните преокупации на Бугарија
Северна Македонија, Црна Гора, Албанија, Србија и Турција се официјални кандидати за влез во ЕУ, а Босна и Косово се само потенцијални земји кандидати.
На 21 јуни, албанскиот премиер Еди Рама праша дали воопшто би имало смисла тие да се појават ако средбата резултира со уште едно „не, извини“ по слични собири каде што Брисел не испорачал никакви добрини. Потоа, тој го потврди нивното присуство, иако расположението меѓу земјите аспиранти на Балканот е намалено.
Сè уште постои шанса Северна Македонија и Бугарија да ги закрпат разликите пред или за време на самитот, со цел Скопје и Тирана, да добијат зелено светло за почеток на пристапните преговори со ЕУ.
Но, Босна и Херцеговина нема да добие кандидатски статус, бидејќи огромното мнозинство од земјите-членки на ЕУ веруваат дека таа не спровела доволно реформи во последните неколку години, а надежите на Косово конечно да добие визна либерализација изгледа дека ќе бидат уништени иако може да има посветеност за започнување на политичкиот процес на тој фронт подоцна наесен.
Новата европска политичка заедница на Макрон
Идејата за зголемување на членството во клубот сè уште прави некои земји, особено во западниот дел на ЕУ, да бидат малку немирни. Затоа лидерите на ЕУ, исто така, треба да разговараат за неодамнешната идеја на францускиот претседател Емануел Макрон за нова европска политичка заедница.
Австрија со нон пејпер повикува на постепено интегрирање на Западен Балкан во ЕУ
Францускиот документ за дискусија, циркулиран во Брисел во минатата недела, повикува на создавање ново политичко тело со овластувања за одлучување, кое ќе се состанува неколку пати годишно на различни политички нивоа и ќе биде отворено за сите европски држави „кои делат заеднички демократски вредности“.
Додека Париз напорно се обидуваше да објасни дека оваа нова креација нема да биде замена за проширувањето на ЕУ, некои земји се многу претпазливи, плашејќи се дека Украина и земјите од Западен Балкан ќе бидат заглавени засекогаш во некаква половина од патот кон ЕУ.
Се очекува жешка размена на оваа тема, особено откако францускиот претседател претрпе вистински пораз на парламентарните избори во текот на викендот и можеби не е премногу заинтересиран за компромис.
Снемување идеи за Русија
Голем дел од самитот, разбирливо, ќе биде посветен на руската војна против Украина - но постои јасно чувство, и внатре и надвор од Брисел, дека на Унијата му снема нови идеи.
Борел: Русија го става светот во опасност од глад
Ќе има повик за дополнително зголемување на воената поддршка за Киев и за доделување на уште еден пакет финансиска помош за Украина во вредност до 9 милијарди евра.
Кога станува збор за житото заглавено во пристаништето Одеса, поради руската поморска блокада, многумина во Брисел сè уште се надеваат дека генералниот секретар на ОН можеби ќе може да го реши проблемот.
А во врска со гласните закани на Москва кон Литванија за блокирање на руските стоки санкционирани од ЕУ да влезат во руската енклава Калининград, сè уште има дискусии дали некаква писмена поддршка за Вилнус ќе влезе во конечната декларација.
Дури и во врска со санкциите, заморот е очигледен во коридорите на моќ на Брисел. Откако се мачеше да ја усвои последната рунда рестриктивни мерки, особено руското ембарго на нафта со бројни дупки, нацрт-текстот е прилично нејасен: „ќе продолжи работата на санкциите, вклучително и за зајакнување на спроведувањето и спречувањето на заобиколувањето“.
Додека некои земји се залагаат за повеќе и подлабоки санкции, еден функционер на ЕУ кој сакаше да остане анонимен уморно изјави дека „ни остануваат само гас и нуклеарно оружје, но имајќи предвид колку беше тешко да се договориме за нафтата и да гледаме на галопирањето на инфлацијата и на цените на енергијата, мислам дека можеби не сме подготвени за тоа сега“.