На факултетите на најголемиот државен универзитет, УКИМ во Скопје во последните 15-тина години е воспоставен неодговорен систем, раководствата се врзани за други работи, а не за главното што треба да го работат, нема квалитетно студирање и не сме посветени на работа на студентот - тоа е корупцијата, вели професор Илија Ацески, кој последниов месец секојдневно објавува текстови, анализи или статуси на Фејсбук, со кои алармира за корупцијата на најстариот универзитет во државава.
Професор Ацески, на овие проблеми деновиве пред заминување во пензија укажа и пред Ректоратот на универзитетот, каде ги објави пораките за реформи. Тој вели дека целиот процес го прави со една цел, да изврши притисок до одговорните да започнат реформи на УКИМ за се приближи до првите 500 најдобри факултети во светот според Шангајската листа.
„На УКИМ многу малку се учи, малку се истражува, се објавуваат неквалитетни трудови. Ова трае од времето кога почна да се применува болоњскиот систем и се претворивме во институција која влезе во јавно приватно партнерство. На институтите има неквалитетно образование и тоа е крикот дека крахот на образованието е крај на една нација“, изјави професор Илија Ацески.
Тој има 50 годишно искуство на Филозофскиот факултет и замина во пензија продолжувајќи да зборува за проблемите со кои се соочува денес УКИМ, а на кои укажува во изминатите десет години.
Од Ректоратот на УКИМ не ги коментираат објавите на професор Ацески и посочуваат дека во наредниот период ќе се воведува правилник со што студентите и професорите ќе може да пријавуваат корупција.
Се спуштаат критериумите за знаење
Според очекувањата на професор Гордан Калајџиев од Првниот факултет, кој е вклучен во овој проект, правилникот треба да биде готов до нова година. Тој вели дека нема реални показатели кои точно би ја определиле димензијата на корупција на УКИМ.
Но, по негово убедување корупцијата ни оддалеку не е толку сериозна болка на универзитетот. Но, тој е незадоволен зашто се уназадува квалитетот на знаење на УКИМ, а за ова го обвинува проблемот со големиот број на факултети во државата.
„Мислам дека е преценето во смисла на шпекулации дека постои корупција. Многу поголеми проблеми има универзитетот со конкуренцијата со другите приватни и државни универзитети, а тоа е пред сè спуштањето на критериумите за потребното знаење, за секој испит и за завршување на факултет. Таа нелојална конкуренција ги принудува професорите и факултетите да ги спуштат критериумите за потребното знаење. Огромна понуда на опции со кои на многу места полесно се завршува отколку на државниот универзитет. Нема ни реални тестирања со кој квантум на знаење се завршуваат студиите. По мое мислење квантумот на знаење е најмалку за 1/3 понизок од пред 15 години. Не дека нема корупција на универзитетот, но е преценета”, вели професор Калајџиев.
Корупција има и директна, но и индиректна
Инаку според истражувањата направени пред повеќе години од Младинскиот образовен форум, 23 проценти од испитаниците одговориле дека корупцијата во образованието е многу распространета.
Но, студентите велат дека тоа не е нивна работа или оти не се моќни да ги сменат состојбите.
„Само што завршив прва година, задоволна сум, иако не е сè совршено. За корупција тие работи ги има, ама нема што да кажам, имам само слушнато, но лично искуство немам“, вели студентка.
„Јас сум втора година. Не знам дали има корумпирани професори. На Филолошки факултет сум. Не можам да се пожалам од Филолошки и од професорите. Мислам дека има квалитетна настава, се вложуваат од моја гледна точка“ , вели студентот Петар Јанковски.
„На Филолошки факултет нема такво нешто, единствено што знам е кога пред неколку години излезе афера во јавноста со професор кој примал мито на економски факултет, избледено ми е, но беше голема афера“, ни изјави студент на УКИМ.
Меѓутоа, професор Калајџиев вели дека има и индиректна корупција во високото образование и оти тоа е сериозен проблем кој влијае врз квалитетот на образованието и со кој државата треба да се позанимава.
„Има огромен притисок, студентите ги напуштаат универзитетите. Еден вид индиректна коруптивност постои со тоа што платите на државните универзитети се многу ниски. Редовен професор има 35 илјади плата. И се борат универзитетите да задржат колку толку некој број на студенти, па и со некакви други примања. Особено преку мастер студии да се најдат дополнителни извори на финансирање, не само за плати, туку и генерално за одржување, од тоалети па натаму и таа борба ги тера да ги спуштат критериумите. Многу полесно добиваат преодни оценки и тоа не чини сите. Се прават притисоци врз професори што ги држат критериумите, бидејќи, студентите не може да запишат наредна година или мастери“, вели професор Калајџиев.
Тој нагласува дека ова во голема мера влијае и на тоа да се појавуваат неквалитетни кадри и во други области како здравство, политика, правосудство и многу други.
Професорот Ацески, пак, вели дека улогата на доктори на науки ја играат недоучени доктори на науки и оти за тоа има докази, затоа што докторирале за многу кратко време без квалитетни трудови.
Ацески не споменува никого по име, но зборува за неколку примери кои се случувале на Филозофскиот факултет. Посочува дека има професори сместени во врвовите на политички партии, а ги нема на предавања и вежби, додека од друга страна на факултет има и вработен кој се грижи за хигиената, а има магистратура. Тој наведува пример дека професор предава социолошки теории, а нема ни учебник, ни прирачник, а за научна дејност е избран со труд за органска сточна храна.
„Не напаѓам индивидуално никого, но како да го бирате за професор за предмет за општествени науки со предмет за „пилешко сточарство“. Што тој човек ќе работи. Некој горе ужива, а некој се утепува од работа и сето тоа резултира со корумпираност и култура на корупција во која живееме. Младите не веруваат дека се случува тоа, но општиот резултат е катастрофален и проблемите кои денес ги живееме се резултат на таквото образование“, вели професорот Ацески.
Тој е разочаран што никој не реагирал на овие коруптивни практики, ниту во факултетот, ниту однадвор.