Германскиот парламент пред неколку дена одобри план за штедење енергија, со кој го намали осветлувањето, ладењето и грењето, а германската влада ги повика граѓаните да штедат поради претстојниот недостиг на гас. Австрија отиде чекор понапред па меѓу другото препорача граѓаните да се тушираат, место да се капат за да заштедат енергија. Пресметале дека за полна када се потребни 80 до 150 литри топла вода, а за туширање - до 50 литри. Повици за штедење беа упатени во повеќе европски држави, како Франција и Словенија која го воведе првото од четири нивоа на предупредувања поради можни тешкотии во снабдувањето со природен гас. Европската комисија сега прави вонреден европски план во случај на прекинување на рускиот гас бидејќи Русија ја намали или секна испораката на гас во 12 европски земји, во време на руската воена инвазија во Украина.
Во Македонија само млаки повици за штедење енергија, иако проблемите се јавија уште минатата година. Единствената препорака дојде во март, кога Владата им препорача на сите институции, домаќинства и стопанството грижливо и рационално користење на електричнатa енергија и енергенси. Четири месеци подоцна, Владата нема кризен план со сет мерки за штедење во време на енергетска криза. Единствено како конкетна мерка ја споменуваат реформата со воведувањето на блок-тарифите за плаќање на сметките во сметките за струја од месец јули, каде оние што трошат помалку ќе плаќаат поевтина струја.
Радио Слободна Европа упати прашања до Владата и сите министерства за тоа што е направено за заштеда на енергија по упатената владина препорака. Одговор стигна само од седум, од вкупно 16 министерства.
„Владата и институциите во услови на светска енергетска криза ја нагласуваат неопходноста од рационално користење електричната енергија и штедење. Мерките на Владата за граѓаните во услови на најголема криза, продолжуваат“, се наведува од одговорот на Владата до РСЕ.
Кратко потсетуваат дека сите буџетски корисници беа задолжени да ги намалат расходите за стоки и услуги за 10% , како и дека вкупните заштеди со ова се скоро 6 милиони евра. Сепак овие средства ги опфаќаат сите трошоци, не само енергетските.
Проблемите со енергенсите ескалираа лани во ноември, кога Владата прогласи едномесечна кризна состојба во енергетскиот сектор поради тешкотии во снабдувањето со струја. Само два месеци подоцна, кога цената на гасот на светските берзи вртоглаво порасна, се појави опасност од секнување на парното за скопјани. Проблемот беше решен така што државната ЕСМ го презема раководењето на Балкан Енерџи Груп, а сметките ги субвенционираше државата, па поскапеа за „само“ 14%.
План за штедење - веднаш
Енергетскиот консултант Митко Андреевски е дециден дека на земјава итно и треба план за штедење енергија во услови на криза со конкретни мерки, кои ќе ги подобрат состојбите во увозно-зависниот енергетски сектор.
„Како и за секоја криза мора да има план, треба да има план Б, план Ц. И најверојатно ќе се соочиме и со недостаток на природен гас којшто е екстремно скап во овие моменти. Така што нас (план) сериозно ни треба. Треба да смогнеме сили и да штедиме. Во овој момент веќе е време да се случи, не да размислуваме во октомври, во ноември, во декември кога сме на прагот на зимата“, дециден е Андреевски.
Андреевски, кој во еден период беше и советник за енергетика на поранешниот премиер Зоран Заев, вели дека мора да се поттикне секој да почне да произведува струја преку фотоволтаици, бидејќи „ако ЕСМ не можат, тогаш граѓаните можат“. Сепак за тоа да се случи вели дека мора да се отстранат бирократските кочници, па дури и да не постои никаква регулација за ова додека трае кризата.
Втората работа која ја споменува, како итна мерка, е обезбедувањето алтернативни енергенси, наведувајќи го примерот со ТЕТО, кое сред грејна сезона во Скопје имаше тешкотии во набавката на гас. Пресметките на Андреевски покажале дека ако зимава се користело алтернативно гориво - нафта или мазут наместо прескапиот гас, државата ќе заштедела 40 милиони евра.
Ни претстои тежок период, заклучува економскиот аналитичар.
Последното во повеќе наврати го споменуваше и министерот за економија Крешник Бектеши. Сепак, тој веднаш смируваше дека рестрикции на струја нема да има. Уште не е јасно на што го базира ова тврдење. Од почетокот на годината струјата поскапе во два наврати, прво за скоро 10%, а од овој месец за уште 7%, иако според новиот тарифник граѓаните се уште не се сигурни колкава сметка ке добијат.
Што направија Министерствата?
РСЕ побара одговор од Министерствата за тоа кои конкретни мерки ги преземале за штедење на потрошувачката на енергија по издавањето на владината препорака. Најголем дел наведуваат активностите што ги презеле пред препораката, па дури и изминатите години, а генерално кај повеќето е дадена препораката за рационално користење на струјата.
Така, од Министерството за правда изготвиле нови препораки и за рационално работење на климите, на лифтот, но и повнимателно трошење струја во бифето. Од Министерството за труд и социјална политика кусо одговорија дека го ставиле на минимум користењето на службени возила, додека од Министерството за култура препорачале рационално користење ги анализирале можностите за поставување фотоволтаици.
Од Министерството за одбрана напоменуваат дека ниту една касарна не се загрева на струја, а според еко -планот до 2024 година Армијата своите потреби за струја ќе ги покрива од сопствено производство со фотоволтаични електрани на касарните низ државата.
Од Транспорт и врски укажуваат на постоењето централизиран софтверски систем за греење и ладење, а изговиле и посебен Правилник за користење службени возила. Од МНР пак ја спомнуваат од поодамна спроведената рационализација на работата на централното парно греење, енергетската фасада, но и користење сончеви колектори за топла вода во санитарните јазли.
Од спроведените активности во МВР пак ја споменуваат реконструкција на 75 објекти која почна пред 5 години, во поенергетски-ефикасни и промена на системот на греење од дрва во струја -со топлински пумпи. Меѓу активностите споменуваат поставување сончеви колектори на повеќе објекти, како и стартување еко-кампања од следната недела.
Според последните податоци на Државниот завод за статистика за април 2022 година, во земјава биле потрошени 626 982 МWh електрична енергија, што е помалку од 687 240 МWh потрошени во април минатата година, но повеќе од пред пандемиската 2019 година. Тогаш во април биле потрошени 598 399 МWh електрична енергија или за 30 000 МWh помалку од годинава.