Државниот буџет минатата година бил оштетен за најмалку 30 милиони евра покажуваат податоците на Управата за финансиска полиција. Управата во 2020 поднела над 70 кривични пријави до Јавните обвинителства за наводи за злоупотреба на службена должност, даночно затајување, перење пари и други. Повеќе детали за минатогодишниот извештај од Управата не откриваат, затоа што извештајот пред објавување треба да се разгледа на владина седница.
За разлика од лани, пак, во 2019 година кога управата поднела 79 кривични пријави до Јавното обвинителство, вредноста на штетата врз буџетот изнесувала 150 милиони евра. Статистичките податоци покажуваат дека со кривичното дело злоупотреба на службена положба и овластување државниот буџет во 2019 година бил оштетен за 15 милиони евра, додека со кривичното дело даночно затајување е оштетен за 6,5 милиони евра, а останатите се по основ на други кривични дела.
Директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми во интервју за Радио Слободна Европа кое во целост ќе биде објавено в недела, тврди дека поголемиот дел од случаите на утврдување на висока корупција и криминал потекнуваат од злоупотребите на јавните набавки. Како пример ја посочи истрагата која финансиската полиција ја водеше за случајот „набавки на палми“. Станува збор за истрага за злоупотреба на државни пари пред неколку години при набавката на палмите од страна на ЈП „Македонски шуми“.
„Еден дел од предметот беше дека злоупотребата е направена во спецификацијата и доделување на јавната набавка, после во вториот дел од истрагата утврдивме и провизијата и процентот како е изваден преку фиктивни фирми да се даде таму каде што требало да се даде. Значи најголемиот дел од високата корупција се баш јавните набавки“, вели Муареми.
Во овој предмет за кој е поднесена кривична пријава до Обвинителство во 2018 година, Управата утврдила дека буџетот бил оштетен за речиси половина милион евра при набавката на над илјада палми чија реална вредност не била поголема од сто илјади евра. Но, и по две години откако е поднесена пријава, од Обвинителството молк. Ниту еднаш не излегоа во јавност со информации за тоа до каде е нивната истрага за овој предмет и дали ќе биде поднесено обвинение.
Поранешниот антикорупционер Драган Малиновски вели дека причината за високата корупција во јавните набавки е влогот и високите износи на пари кои се излеваат од буџетот преку овој сектор. Според него потребно е подобрување на законот, но и правилно да се спроведува.
„Повторно во прашање е политичка волја за спроведување на законити јавни набавки и навремена реакција за санкционирање на злоупотребите“, вели тој.
Според истражувањето на Центарот за граѓански комуникации за транспарентност во јавните набавки договорните органи просечно исполнуваат 55,2 отсто од утврдените критериуми, со што значаен дел од јавните набавки се под сериозен ризик од корупција. Во нивниот минатогодишен извештај за јавни набавки е наведено дека кризата со ковид-19 во текот на 2020 година само ги апострофираше веќе постоечките нерешени проблеми.
„Посебни резултати немаше ниту во борбата против корупцијата во јавните набавки, а ризиците од корупција во оваа област дополнително се зголемија со спроведувањето на итните набавки за заштита од коронавирусот во 2020 година“, се заклучува во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.
Еден од најчестите проблеми во тендерските набавки е растечкиот тренд на зголемување на вредноста на набавката во таканаречените договори во четири очи. Речиси половина од фирмите кои учествуваат на тендерите во истражувањето се изјасниле дека сметаат оти во јавните набавки има корупција. Новите измени на Законот за јавните набавки кои беа донесени во 2019 година не покажале резултати, затоа што не се применува на начин на кој може да го направи спроведувањето на јавните набавки ефикасно и ефективно, се вели во извештајот на Центарот за граѓански комуникации.