Достапни линкови

МРТВ не се емитува во Бугарија како што е договорено


Илустрација
Илустрација

Македонската радио телевизија не се емитува во бугарскиот етер, со што не се почитува договорот за реципрочно пренесување на сигналите на Јавните медиумски сервиси. За разлика од неа Бугарската национална телевизија се емитува преку македонските телевизиски оператори.

Реципрочното пренесување на сигналите на Јавните медиумски сервиси на Македонија и Бугарија не се спроведува. Македонската радио телевизија не се емитува во бугарскиот етер, додека бугарската национална телевизија БНТ се емитува во земјава. Македонски Телеком ги презема и емитува пакетот програми на БНТ. Според Договорот за добрососедство меѓу двете земји, договорено е размена на програмата на јавните сервиси.

„Двете Договорни страни ќе прават напори за слободно распространување на информации, преку поттикнување и развивање на соработката во областа на средствата за јавно информирање со искористување на можностите на современите информативни средства. Тие ќе се ангажираат во заштитата на авторските и интелектуалните права на творците од двете земји“ се вели во Договорот за добрососедство.

Програмскиот совет на МРТВ на своите седници дебатирал за причините зошто МРТВ не се емитува во Бугарија. Во нивниот заклучок е наведено дека една од причините зошто МРТВ не се емитувањето во бугарскиот етер им било наведено дека е поради слабиот сигнал од интернет кој не можеле да го преземат.

МРТВ - тоа не е во наша надлежност

Директорот на МРТ Марјан Цветковски во изјава за РСЕ вели дека сега сигналот е пуштен преку сателит и дека со тоа МРТВ ја завршила својата обврска.

„МРТВ зрачи на сателит низ цела Европа, сигналот е слободен и бесплатен и секој што има интерес може да го преземе бесплатно. Што се однесува до Бугарија волја е на бугарските оператори дали ќе го преземат или не?“ вели Цветковски.

Тој објаснува дека не спаѓа во негова надлежност, нити обврска да разговара со приватни компании во други држави за прашањето дали ќе го преземат сигналот на МРТВ.

Одговори побаравме и од бугарски приватни оператори и регулаторни медиумски тела, но до објавувањето на овој текст одговори не добивме.

Бугарската национална телевизија од 1 март лани ја емитува Македонски телеком во нивната пакет понуда по постигнатиот договор на средба со тогашниот специјалниот пратеник во преговорите со Бугарија Владо Бучковски, бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, директорот на АВМУ, Зоран Трајчевски, како и првиот човек на Телеком, Никола Љушев.

„Имаме уште три барања за влез на бугарски приватни телевизии, ТВ Европа, ТВ Блумберг и Велнес ТВ, но тие се проверуваат во моментов како би можеле да влезат во пакетот на Макс ТВ. Истото ќе се направи и со неколку приватни национални телевизии за реемитување во Бугарија. МРТ и БНТ се пред потпишување на договор за размена на дописници и размена на забавна и музичка програма. Ова треба да кулминира со создавање на заедничка продукција во блиска иднина“, изјави тогаш Бучковски.

Тие канали се уште не се вметнати во понудата на Македонскиот Телеком.

Што се предвидува со договорот?

Ланскиот договор предвидувал бугарскиот национален канал да се емитува на платформата во земјава MAX TV, а во исто време, првиот канал на МТВ требаше да стане и дел од пакетите на бугарските оператори. Но, според достапната програма на бугарските оператори он лајн, МРТВ не е дел од нивните пакет понуди. Во земјава БНТ се емитува веќе неколку години и на други оператори, како што е А1.

Според претходниот договор од 2014 година, Македонската радиотелевизија и Бугарската национална телевизија во Охрид потпишаа договор со кој взаемно се согласуваат нивните програми да се емитуваат на териториите на двете држави.Тој договор во 2014 година го потпишаа тогашните генерални директори на МРТ, Марјан Цветковски и на БНТ, Вера Јанкова . Во записникот на програмскиот совет на МРТВ е наведено дека неговата важност истечена.

Договорот се почитувал извесно време, македонските оператори преземале сигнал од БНТ, а бугарските оператори го преземале сигналот од МРТВ се до крајот на 2015 година кога тогашната влада ги укинала средствата за сателитскиот канал, при што прекинало зрачењето на сигналот на МРТВ секаде низ Европа. Сателитскиот канал почна лани да зрачи сигнал од МРТВ.

Според извори од Агенцијата за медиуми и аудиовизуелни медиуми потребно е директорот на МРТВ, иако вели дека тоа не е во негова надлежност, сепак да понуди договор до бугарските оператори за да го преземат сигналот.

Во февруари годинава и новинските агенции на Северна Македонија и Бугарија, МИА и БТА, договорија соработка преку размена на сервисите кои ги продуцираат и за заедничка борба против лажните вести и зајакнување на новинарските стандарди.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG