Достапни линкови

Не! 5G не го предизвикува и не го шири ковид-19


Глобалното ширење на 5G мобилната мрежа веќе со години е тема на жестока дискусија меѓу теоретичарите на заговор, при што противниците тврдат, без докази, дека системот предизвикува карцином и ментални нарушувања или дека убива дрвја и птици. Но, кога се појави глобалната пандемија на коронавирус, заговорниците сметаа дека има огромен број нови и подеднакво неодобрени начини за комбинирање на двете теми.

Во официјално соопштение на 20 мај, синодот на Православната црква на Молдавија ја повика владата да донесе одлука - употребата на евентуална вакцина против смртоносниот коронавирус да биде врз доброволна основа.

„Општествата во многу европски земји протестираат против задолжителната употреба на вакцините, особено вакцините против ковид-19, затоа што ги гледаат како можност глобалниот систем на антихристи да вметне микрочипови во човечкото тело и да ги контролира луѓето со помош на 5G технологија “, се вели во изјавата.

Ковид-19 и 5G – теорија на заговор која загрижува

Станува збор за бизарен коктел на модерни теории на заговор, од кои многу се соединуваат околу развојот на следната генерација за пренос на безжични податоци, позната како „5G“.

Црквата во Молдавија не е сама во таквото размислување.

На 2 мај, шефот на рускиот регион Северна Осетија, Вјачеслав Битаров им рече на новинарите дека била уништена кула за мобилни телефони во селото Ногир, поради стравувањата од некаква врска помеѓу 5G технологијата и коронавирусот.

Калифорнија, протест против 5G мрежата
Калифорнија, протест против 5G мрежата

“Многу луѓе велат дека не постои коронавирус и нема опасност и оти сето тоа е организирано од некои глобални сили кои се заинтересирани да ги озрачуваат луѓето од 5G антени за да изгубат свест и потоа да им се всадат микрочипови “, беше цитиран Битаров од руската новинска агенција ТАСС.

Даниловски- голема глупост е поврзувањето на короната со 5Г мрежата

Ваквите неосновани обвинувања го зајакнуваат распространетиот јавен скептицизам кон владите во областа на здравството и безбедноста.

И тие се особено подмолни за време на тековната глобална здравствена криза, бидејќи се закануваат да ги задушат потребните и научни информации за смртоносната пандемија.

Секоја врска помеѓу 5G технологијата и ковид-19 е „целосно ѓубре“, вели за Би-Би-Си Симон Кларк, вонреден професор по микробиологија на Универзитетот во Рединг.

Стивен Паус, медицински директор на Националната здравствена служба во Британија исто така оценува дека ваквите тврдења се „најлош вид лажни вести“.

Приказна за потеклото

Петтата генерација (5G) мобилна технологија започна да се разместува на глобално ниво во 2019 година.

Ветува поголем опсег и многу побрз пренос на податоци, до 10 гигабити во секунда - или околу 100 пати побрзо од сегашната технологија 4G.

Сепак, ова се постигнува со употреба на повисока радиофреквенција од онаа за 4G мрежата.

Лекарите против вирусот, НАТО против „виросаните“ вести

Некои од фреквенциите што се користат достигнуваат околу 1,6 километри и имаат проблем да минат низ одредени градежни материјали.

Мрежата за 5G бара многу погусто распоредување на антените.

Заклучно со април 2019 година, 224 оператори во 88 земји започнаа со употреба на 5G технологија.

Сепак, скоро веднаш, групи против 5G започнаа да се формираат на социјалните медиуми.

протест против 5G
протест против 5G

Луѓето објавија лажни фотографии со знаци на предупредување за радијацијата, наводно, од 5G антените.

Се појавија и неосновани тврдења дека технологијата предизвикува рак или ментално заболување, дека убива растенија и животни и така натаму.

Движењето против 5G најде сојузници во поголемо движење на луѓе кои се спротивставуваат на сите видови задолжителни вакцинации - анти-ваксери - и во многу земји, како Романија, движењата практично се споија.

Имаше и мали протести низ целиот свет.

Во Хрватска протести против 5Г мрежата

Во напис објавен во мај 2019 година во „Њујорк тајмс“ се наведува дека РТ Америка, руска радиодифузна мрежа во Соединетите држави, имало објавено една приказна против 5G во 2018 година, но седум во првите четири месеци од 2019 година, вклучително и една во која се тврди дека децата биле особено подложни на карцином и други болести, наводно, предизвикани од зрачење од 5G системи.

„Стотици блогови и веб-страници се чини дека прибираат вести од мрежа ретко забележувајќи дека таа има руското потекло“, наведува „Тајмс“.

Меѓународната комисија за заштита од јонизирачко зрачење спроведе долготрајна студија која заклучи дека нема здравствени опасности поврзани со видовите радијациски зрачења што ги користи 5G.

Дојде коронавирусот

Кога се појави глобалната пандемија со ковид-19 на почетокот на 2020 година, бројни неосновани теории на заговор се обидоа да го поврзат вирусот со 5G технологија.

Некои тврдеа дека 5G зрачењето го ослабува имунолошкиот систем и ги прави луѓето ранливи на оваа болест.

Други отидоа подалеку и тврдеа дека вирусот всушност бил пренесен од 5G сигнали.

Протест во Софија против 5G и вакцините
Протест во Софија против 5G и вакцините

Некои, како Православната црква во Молдавија, тврдеа дека 5G технологијата и евентуалната вакцина против коронавирус се дел од масовниот заговор за контрола на умот.

Коронавирусот ја загрозува слободата на медиумите

Голем број познати личности, меѓу кои и актерот Вуди Харелсон, боксерот Амир Кан, славната телевизиска личност Аманда Холден и други, ги објавија сомнителните тврдења на своите сметки на социјалните медиуми.

Некои тврдат погрешно дека новиот дизајн на банкнотата од 20 фунти во Велика Британија содржи тајни симболи на кула на 5G и на коронавирус.

Ваквите дезинформации, познати како „коронавирусна инфодемија“, се шират како шумски пожар, тврди шведската фирма за заштита на податоци „Ерхарт“.

Таа следеше 35 од најпопуларните видеа за врската меѓу 5G и коронавирусот кои се појавија на социјалните медиуми во јануари и откри дека за неколку недели биле гледани скоро 13 милиони пати.

Популарната апликација за видео споделување TikTok се појави како „многу моќна алатка“ во ова, насочена кон помладата публика, се наведува во студијата.

Лондон, натпис против 5G
Лондон, натпис против 5G

Неоснованите гласини предизвикаа глобален бран на вандализам против 5G антените.

Повеќе од 70 столбови на 5G се оштетени или уништени во Велика Британија.

Во САД, Министерството за внатрешна безбедност издаде предупредување дека таквите теории на заговор „поттикнуваат напади против комуникациската инфраструктура“.

StratCom, работната група на Европскиот совет за борба против дезинформации во рамките на Европската унија и нејзиното соседство, заклучи во извештајот во април дека ваквите теории на заговор пронашле „плодна почва на Западен Балкан, каде што дезинформациите дека мрежата 5G предизвикува се шири на социјалните мрежи и порталите“.

Синдром Чернобил

Светската здравствена организација и други реагираа на дезинформациите за 5G.

СЗО покрена веб страница посветена на проверка на фактите за 5G.

Тоа го направи и британскиот проверувач на факти „Full Fact“.

Сепак, ваквите неосновани теории на заговор често добиваат значење заради зголемената јавна недоверба кон владите во областа на здравството и безбедноста.

Кинеското прикривање на коронавирусот е како совeтското за Чернобил

Ваквата недоверба е експлоатирана и култивирана од движењата против вакцинирање.

белорускaтa писателка и добитничка на Нобеловата награда Светлана Алексиевич
белорускaтa писателка и добитничка на Нобеловата награда Светлана Алексиевич

Во неодамнешното интервју за РСЕ, белоруската авторка и добитничка на Нобеловата награда Светлана Алексиевич се чини дека ги поддржува теориите на заговор од 5G.

„Пандемијата е најголемиот предизвик од Чернобил“, рече таа, осврнувајќи се врз нуклеарната несреќа во 1986 година во Чернобил во Украина, тогаш дел од Советскиот Сојуз.

„Останува да се види дали е тоа навистина грип или дали 5G влијае врз човечкиот имунолошки систем. Според мое мислење, научниците немаат конечно убедување “.

Иако ниту една реномирана научна студија не потврди ниту едно од тврдењата на заговор за 5G и коронавирусот, забележителна е споредбата на Алексиевич со Чернобил.

Тој инцидент стана познат како пример за незаинтересираност на властите кон јавното здравство, бидејќи советската влада со недели го криеше опсегот на катастрофата и ги изложи своите граѓани на сериозни непосредни и долгорочни здравствени опасности.

Веб-страницата за проверка на фактите „„Full Fact“ тврди дека „едноставно барање на интернет компаниите да ја избришат оваа содржина не е соодветен одговор во слободно општество и веројатно нема да функционира, па дури може да ги влоши работите“.

„Луѓето разбирливо се исплашени, под стрес и збунети, и ние треба да го земеме предвид секој одговор“, заклучува веб-страницата.

„Не секој ќе биде убеден: некои луѓе и не можат да бидат убедени од фактите. Но, бидејќи стравовите околу 5G станаа главни, треба да ги надминеме со јасни, квалитетни информации и да ги убедиме оние што се сомневаат да ги отфрлат како глупави“, заклучува оваа веб-страница.

Дали со коронавирусот завршува и ерата на мали влади?

Ковид-19 е сериозна, заразна болест предизвикана од новооткриениот коронавирус што се појави во Вухан, Кина, кон крајот на 2019 година.

Вирусот се пренесува првенствено преку капки плунка кога заразено лице кашла или кива.

Според Центарот за податоци за коронавирусот на Универзитетот Џонс Хопкинс, имало повеќе од 5,6 милиони потврдени инфекции на коронавирус на глобално ниво од 27 мај и повеќе од 350,000 смртни случаи.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG