Додека во Софија се пребројуваат резултатите од неделните избори и се прават можните комбинации за идната владина коалиција, македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи работната недела ја почна во Брисел со средба со својот бугарски колега, службениот министер Светлан Стоев.
Пораката од таму е концентрирана на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања. Од неа, како што објави Османи, очекуваат во наредниот период да изнајде начини за „постигнување на конкретни резултати кои се во интерес на двете страни“.
„До одржувањето на клучните состаноци на ЕУ во декември, нашите очекувања се да бидат интензивирани контактите преку постојните форми на одржување на состаноци“, наведува Османи.
Од Софија, пак, стигна малку поинаква порака за бугарско-македонското прашање од Кирил Петков од партијата „Продолжуваме со промените“ чија партија според првичните резултати води на изборите. Тој рече дека е кандидат за бугарски премиер, а во ноќната изјава за бугарската државна телевизија БНТ кажа дека треба да се формираат работни групи од двете земји во кои треба да бидат вклучени не само историчари, туку и луѓе од бизнисот, културата и образованието.
Шекеринска- зборовите делуваат охрабрувачки
Работните групи, вели Петков, нема да разговараат само за историјата, туку и за се што може да го поправи добрососедски односи меѓу Бугарија и Северна Македонија. Првичната реакција од македонската влада за ваквата најава на можниот бугарски премиер ја даде министерката за одбрана Радмила Шекеринска.
„Тие зборови делуваат охрабрувачки, се разбира тоа е сепак само најава. Ние го поддржуваме тој апел за нов дух, за нов тип на дијалог во кој ќе се трудиме не да најдеме мана или причина да го блокираме соседот, туку да најдеме што и едните и другите можеме да извлечеме од поголема соработка“, рече Шекеринска.
Васко Наумовски, професор на Правниот факултет Јустинијан Први и поранешен вицепремиер за европски прашања за Радио Слободна Европа оценува дека ваквиот став на Петков е далеку поумерен од она што досега вели сме го слушнале од другите бугарски политичари.
„За поздравување е неговата заложба во односите меѓу двете држави фокусот да биде ставен и на области какви што се економијата, образованието, инфраструктурата итн, а не историјата. Со тоа надминувањето на сите отворени прашања ќе има поголеми шанси во периодот што е пред нас“, вели Наумовски.
Петков најави почеток со добра волја
Кандидатот за премиер Петков не беше прецизен на директното прашање на БНТ дали Бугарија треба да ја тргне блокадата за земјава на 14 декември, велејќи дека е невозможно да се зборува за конечни резултати без работен процес и додаде дека овој процес ќе биде највисок приоритет на идното раководство на Министерството за надворешни работи на Бугарија, за да не се губи време.
„Не можеме да кажеме овој или оној датум без да видиме како се одвива овој процес. Сакаме да почнеме со добрососедство, добра волја и се надевам дека со многу конструктивност ќе се најде начин да се постигнат многу подобри резултати од досегашните“, изјави Петков.
Надежите дека во декември официјална Софија ќе го крене ветото ги зголемија и од македонската влада, но и од европските дипломати. Наумовски вели дека зависно од динамиката за создавање на нова влада во Бугарија се уште има време.
„Периодот е краток, но сепак постојат извесни мали шанси да се направи исчекор но тоа во голема мера ќе зависи од можностите за составување на новата влада и коалициите таму“, вели Наумовски.
Официјална Софија го блокираше македонскиот европски пат лани во декември, а првично најголемите несогласувања беа поврзани со историјата и потеклото на македонскиот јазик, што Македонија ги смета за прашања кои навлегуваат во идентитетот. Бугарија инсистираше земјава да признае дека македонската историја пред 1944 година била бугарска, а дека македонскиот јазик е само норма на бугарскиот.
Калкулации за ново мнозинство во Бугарија - кој со кого?
По средбите на македонскиот премиер Зоран Заев со бугарскиот претседател Румен Радев и првите луѓе на Франција и Германија Емануел Макрон и Ангела Меркел минатиот месец на самитот во Брдо почнаа да се наѕираат контурите на промената на официјална политика на Софија. Радев подоцна најави формулирање на нова политика кон земјава со која ќе се ставел посилен акцент на благосостојбата на македонските Бугари. И тој не инсистираше на историјата.
Инаку и самиот Радев вчера беше на тест пред бугарските гласачи. Според првичните резултати тој има убедливо водство на редовните претседателски избори пред професорот Анастас Герџиков кој е поддржан од ГЕРБ, но мора да оди во втор круг поради недоволно излезените гласачи.
Според првичните резултати, пак, од овие трети предвремени парламентарни избори во Бугарија најмногу гласови освои „Продолжуваме со промените“ на Кирил Петков и Асен Василев, двајца поранешните министри за економија и финансии во бугарската службена влада.
Тоа го покажуваат и официјалните резултати од мал број обработени гласачки места, но и излезните анкети. Според агенцијата Алфа Рисрч Петков и Василев освоиле над 26 отсто од гласовите, втори се ГЕРБ на поранешниот премиер Бојко Борисов со околу 23 отсто освоени гласови, трета би биле ДПС со над 11 отсто, потоа БСП со околу десет отсто, па Демократска Бугарија и Има таков народ со нешто над девет отсто.
Лидерите на „Продолжуваме со промените“ веќе најавија дека ќе се обидат да формираат коалициска влада. Претходно како потенцијални партнери ги споменаа „Демократска Бугарија“, „Има таков народ“ и БСП.