Достапни линкови

Многу изговори, малку странски инвестиции


Странски директни инвестиции во Македонија, фабрики
Странски директни инвестиции во Македонија, фабрики

Странските инвестиции ќе се зголемат кога ќе влеземе во НАТО, само што не дошле, но првин да влеземе во ЕУ, ќе дојдеа, но пандемијата ги обесхрабри, се само дел од изговорите на власта зошто земјата заостанува во привлекувањето на инвестиции во споредба со дел земји од регионот. Според податоци на Светска банка, Србија стои далеку најдобро од земјите од Западен Балкан, а не е членка на НАТО. Следна по привлекување инвестиции е Албанија. Црна Гора која е трипати помала од Македонија има речиси исто инвестиции како и нас, полошо стојат БиХ и Косово.

Податоците на Народна банка за директни инвестиции во земјава од 2003 покажуваат дека рекордот бил во 2018 кога имало 614 милиони евра странски инвестиции, втора најдобра година е 2007 со 505 милиони евра. По рекордот во 2018 има драстично намалување, иако очекувањата на властите беа дека со влегувањето во НАТО состојбите ќе се променат.

Влегувањето во Алијансата се поклопи со почетокот на пандемијата со ковид -19, па во 2020 имало само 201 милиони евра странски инвестиции. Но, корона-кризата на пример не ги поколеба инвеститорите да вложуваат во соседна Србија, а Црна Гора дури успеала да ги зголеми странските инвестиции и во пандемијата.

Македонија има најголем пад на странски инвестиции во регионот во пандемиската 2020 година, покажуваат податоците објавени од Конференцијата за трговија и развој на ОН. Странските инвестиции во регионот во 2020 година се намалиле за 14 отсто во однос на 2019 година, во Македонија падот е скоро три пати поголем. Најмногу инвестиции во 2020 влегле во Србија – 3,4 милијарди американски долари, што е намалување за една петтина во однос на 2019, па потоа следува Албанија со 1,1 милијарди долари што е намалување за 14 отсто во однос на годината претходно. Црна Гора има 529 милиони долари, што е 27 проценти повеќе во однос на 2019, падот во Босна и Херцеговина бил 7 проценти и 2020 ја завршувале со 371 милиони долари и Македонија има најмалку – 224 милиони долари странски инвестиции, што е за 38 проценти помалку во однос на годината претходно.

Директорот на Технолошко-индустриските развојни зони Јован Деспотовски во неделното интервју на Радио Слободна Европа, вели дека земјава го фаќа чекорот со остатокот од регионот, особено со нашиот северен сосед Србија.

„Во изминатиот период има повеќе фактори да кажеме зошто Северна Македонија заостанува зад Србија. Јас би споменал дека меѓу другото имаше доста отворени политички прашања во периодот до 2017. Членството во НАТО и верификацијата на политичката стабилност на државата придонесе во изминатите, после пандемијата, година дена имаме значително зголемување на интересот од инвеститори, особено од инвеститори со повисока додадена вредност и квалитет, така што еден од факторите што досега, односно до пред неколку години работеше во полза на соседите, меѓутоа не и во полза на државата, сега веќе го нема“, вели Деспотовски за РСЕ.

Но, според податоци на Светска банка, Србија стои далеку најдобро од земјите од Западен Балкан, а не е членка на НАТО. Србија е речиси четирипати поголема од земјава по број на жители, а според податоците на Светска банка од 2019 имала осум пати повеќе странски инвестиции од земјава. Следна по привлекување инвестиции е Албанија, која е членка на НАТО и која има 2,8 милиони жители, а во посочената година има двојно повеќе инвестиции од земјава. Црна Гора, која има трипати помалку жители од Македонија има само малку помали странски инвестиции од земјава. Полошо стои Босна и Херцеговина со 3,3 милиони жители и речиси инвестиции како кај нас. Најлошо во регионот стои Косово, кое има жители колку Македонија и дупло помалку инвестиции од нас.

„Од останатите држави во регионот не би се согласил дека заостануваме, напротив разговаравме за тоа по која методологија се сумираат податоците за странските инвестиции, се покажа дека за дел од државите кои ги споменавте во категоријата на странски инвестиции влегуваат и вложувања кои се поврзани со искористување на рудни богатства, тоа кај нас не го практикуваме, така што ако зборуваме за странски директни инвестиции по разбирањето кое го имаме ние, тоа се да кажеме големи реномирани компании кои доаѓаат, носат технологија, отвораат работни места, повторно кажувам, освен северниот сосед останатите земји во регионот не би можел да кажам дека се на ниво на Северна Македонија“, вели Деспотовски.

Економскиот аналитичар Арбен Халили, кој беше и директор на Технолошко индустриската развојна зона во Тетово вели дека сите власти во изминатата деценија ја промовирале земјата кај инвеститорите нудејќи евтина работна сили, но, како што вели, Македонија не се наметнала како земја со квалификувана работна сила.

„Тоа мислам дека е главниот показател, но не единствениот дека ја губиме битката со регионот во привлекување инвестиции. Второ можеби и поважно е недостигот на политичка стабилност. Секоја втора година ние имаме избори и за жал сè уште немаме јасна стратегија што е тоа што сакаме како земја да го достигнеме и кои се мерките што треба да ги спроведеме за да имаме повеќе странски инвеститори. Освен финансиските бенефиции и играњето на карата на евтина работна сила, нешто друго конкретно и примамливо што може да се понуди кај странските инвеститори сè уште немаме“, вели Халили.

Во периодот јануари-септември 2021 година, вкупните директни инвестиции во земјата изнесуваат 285,6 милиони евра, главно како резултат на реинвестираната добивка.

Во табелата подолу погледнете ги податоците од Народна Банка за странски инвестиции во Македонија од 2003 до 2020.

Податоците од Народна Банка за странски инвестиции во Македонија од 2003 до 2020
Податоците од Народна Банка за странски инвестиции во Македонија од 2003 до 2020

Македонија ја губи битката за странски инвестиции со земјите од регионот, се наведува во анализата на Институтот за економски политики Фајнанс тинк, презентирана на онлајн брифинг со новинари. Во истражувањето за предизвиците на Иницијативата за заеднички регионален пазар (ЗРП) се наведува, меѓудругото, дека малите земји, како Северна Македонија, можат да имаат бенефит од планираниот координиран пристап во привлекување странски директни инвестиции, предвиден во ЗРП, имајќи ја предвид сегашната неконкурентна позиција на Северна Македонија во сегашното конкурентно окружување во рамките на Западен Балкан.

„Во моментов, земјава ја губи битката. Има опаѓачко учество во странските инвестиции во регионот зашто постои конкуренција. Ако во една земја има пораст на СДИ, во друга земја мора да има пад. Оваа конкурентна атмосфера во моментов не ѝ одговара на Северна Македонија. Како што се зголемува учеството на странските директни инвестиции кон Западен Балкан, учеството на Северна Македонија во инвестициите во Западен Балкан е сè помало, посебно во последните четири години“, вели Бојан Србиноски од Фајнанс Тинк.

Вкупните странски директни инвестиции (СДИ) во земјава имаат ниско учество во бруто домашниот производ на државата. За Македонија според податоци на Светска банка за 2019 годишното учество на СДИ во БДП изнесува околу 4 отсто. Во Албанија, Србија и Црна Гора е над 7 отсто, а Косово и Босна и Херцеговина стојат полошо од Македонија.

  • 16x9 Image

    Пелагија Стојанчова

    Новинарската кариера ја започна како радио водител на музичка емисија во локалното радио во Кратово. Во 2008 година работеше како новинар за култура и образование во бесплатниот дневен весник Шпиц. Од јануари 2009 работи како дописник за Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG