Достапни линкови

Пендаровски и Мицкоски - право и правда за 27 април


Средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со претседателот Стево Пендаровски
Средбата на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски со претседателот Стево Пендаровски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на денешната средба со претседателот Стево Пендаровски побарал правда за осудените од настаните на 27 април во Собранието. Пендаровски смета дека нема простор за помилување, но, судот е тој што треба да одлучи дали ќе се повтори процесот.

Не бараме амнестија, туку правда, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на државата, Стево Пендаровски во Вила Водно на која меѓудругото се разговарало за упадот во Собранието на 27 април 2017 година, како и за политичката и економската ситуација во земјата. Мицкоски појасни дека основното човеково и уставно загарантирано право на жалба и второстепена судска одлука на лицата коишто се осудени за 27 април во моментот е завршена, а најголемиот дел од нив се уште ја немаат добиено одлуката. Според него, не постои основа лицата да бидат обвинети и осудени за терористичко загрозување на уставниот поредок.

„Тоа што јас го барам и го кажав на оваа средба не е милост и амнестија, туку за правда преку дополнителни докази кои бранителите на овие лица ќе можат да ги достават до Врховниот суд или до Европскиот суд за човекови права. Не постои основа овие луѓе да бидат обвинети за терористичко однесување или напад на уставниот поредок на државата, истакна Мицкоски.

Пендаровски за настаните од 27 април рече дека помилување за лица кои направиле кривично дело без преседан во современа Европа не доаѓа предвид, затоа што нивната вина била неспорно утврдена во судскиот процес.

„Во однос на правната квалификација на делото, факт е дека тие лица не беа осудени за кривично дело тероризам, туку по друг член за терористичко загрозување на уставниот поредок. Дејствијата со кое може да се изврши тоа кривично дело се слични, запретената казна од 10 години е идентична, рече Пендаровски.

Мицкоски истакна дека очекува политичарите да ги држат настрана рацете од обвиненијата и од судските одлуки.

„Да се ослободи обвинителството и судството од каков било политички притисок, а секој граѓанин да има право на своја одбрана, на жалба, на вонреден правен лек во фер услови“, порача тој.

Пендаровски рече дека тие добиле заслужени казни според она што го направиле и тука нема компромис.

„Мојот став е дека ако има нови докази кои порано биле непознати и кои може да го преобраат процесот, не значи дека јас заговарам повторување на процесот. Само ја цитирам одредбата од законот и законската можност според која тие луѓе преку нивните адвокати по правен лек може да бараат од Врховниот суд да ги оценат новите докази, ако тие постојат. Одлуката да се повтори процесот, ја носи судот, а не некој политички фактор“, истакна Пендаровски.

Тој додаде дека ако се продолжи со крајно спротивставена политичка реторика, не само што нема да дојде до национално или граѓанско помирување, туку нема да може да воспостават ниту базична политичка комуникација, како што сега е ситуацијата.

Мицкоски информираше дека по денешните разговори и за евроинтеграциите, за политичка и економска состојба, како и за состојбата со криминалот и корупцијата, за стратешки проекти, клиничкиот центар, инвестирањето во нова гасна централа се договориле со Пендаровски и во иднина да комуницираат за крупни прашања од интерес на државата и граѓаните.

Премиерот Зоран Заев за средбата меѓу Пендаровски и Мицкоски изјави дека
не очекува ништо, кога станува збор за настаните од 27 април. Тој порача дека
претседателот не може да амнестира лица кои учествувале во терористичко загрозување на уставниот поредок.

За настаните од 27 април 16 луѓе се осудени на затворски казни од над десет години или вкупно 211 години затвор за кривичното дело „терористичко загрозување на државниот поредок”.

Дванаесет обвинети меѓу кои и тогашните пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љупчо Димовски и Љубен Арнаудов добија амнестија. Дел од нив подоцна гласаа за промена на името во Северна Македонија.

Во тек е уште еден судски случај поврзан со 27 април, за неговите организатори. Во него се обвинети поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски, ексминистрите Миле Јанакиески и Спиро Ристовски и поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање Владимир Атанасовски.

  • 16x9 Image

    Марија Митевска

    Новинарската кариера ја започна во 2008 година во А1 телевизија како репортер во информативната програма.  Родена е на 14.04 1984 година во Скопје. Од мај 2009-та работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG