Во втората недела од кампањата за претседателските избори Гордана Сиљановска – Давкова ги погоди сите градови каде што одржуваше митинзи, а Стево Пендаровски не доби ни едно барање за посвојување. Се чини дека оваа недела беше посветена на уметноста. Владејачкото мнозинство вежбаше поезија и музика, додека опозицијата повеќе е по визуелните уметности.
На еден од предизборните собири на кандидатот поддржан од СДСМ и од ДУИ, Стево Пендаровски, настап имаше поетот за деца Перо Миленковски. Додека Пендаровски му го држеше микрофонот, Миленковски прочита една од своите песни, насловена Радосница.
„Летај птицо, светол ти е патот.
Самотија грда, камен си на вратот.
Сонце грее, птица лета,
И во НАТО ќе си слета“, прочита Миленковски додека Пендаровски му го држеше микрофонот.
Премиерот и лидер на СДСМ, пак, не е толку по поезијата, ако нема музичка подлога. Како голем обожавател на Френк Синатра, им запеа „Странци во ноќта“ на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и на кандидатката поддржана од неговата партија.
„Не кажуваат ништо, не нудат ништо. Зборуваат за минатото, а бираме, еј, претседател на татковината, прв човек на нацијата бираме. Има една песна, се вика „ Strangers in the night“. Како странци во ноќта се, изгубени до крај“, рече Заев потпевнувајќи.
Мицкоски, пак, очигледно повеќе е по рокенролот, но не се осмелува да пее. Му одговори на Заев преку Фејсбук со песната „Wind Of Change“, односно „Ветар на промени“ од германскиот рок бенд Скорпионс.
„Наместо премиерот да си ја потпевнува на митинзи Strangers in the night, време е да ја научи Wind of change, а поради ова и сè друго лошо што ѝ приредија на Македонија оваа песна ќе му ја испее народот на 21 април и на 5 мај оваа година“, напиша Мицкоски.
Жените од ВМРО-ДПМНЕ, пак, се чини повеќе се по визуелните уметности. Тие снимија спот во кој нежно и со љубов принесуваат предизборен постер пред камерата и најавуваат дека ќе гласаат „за Гордана“.