Мора да се најде начин да им се зголемат платите на тие што си ја работат работата, а на тие што по 5 пати не можат да испечатат еден извод без грешка и 18 илјади им се многу, реагираат граѓаните на социјалните мрежи откако вработените во Управата за водење матични книги стапија во генерален штрајк со барање за повисоки плати. Други, пак, велат дека проблемите со изводите може да се решат само со дигитализација, а тоа е одговорност на власта, а не на шалтерските службеници.
Шалтерите за поднесување барање за издавање на изводи од матичната книга на родени, венчани или умрени од вчера не работат. Документи ќе издаваат само за итни случаи. Независниот синдикат објави дека бараат колективен договор на ниво на работодавач, линеарно покачување на платите и унапредување на работните позиции.
Министерството за правда, пак, реагира дека предложениот колективен договор е спротивен на Законот за административни службеници и не можат да го потпишат.
Управата има лош имиџ меѓу граѓаните, со оглед на тоа што во една година издава над 20 илјади згрешени изводи, па луѓето губат пари и време по шалтерите да ги исправат грешките.
Државниот завод за ревизија во 2019 година ја чешлаше работата на Управата и изрази неповолно мислење за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Ревизорите констатирале и дека се издаваат згрешени изводи.
„При издавањето на изводите се прават грешки при нивното печатење. Вкупниот број на издадени погрешни изводи во 2019 година изнесува 21.957 изводи, односно 4 проценти во вкупно издадените изводи. Управата ја нема утврдено одговорноста за надоместување на трошокот во случај на настаната грешка при издавање на изводите, поради што за овие изводи во 2019 година не е уплатен приход на сметката на Управата во износ од 1.099.000 денари и приход за административна такса во буџетот на РСМ во износ од 2.196.000 денари“, стои во извештајот на Државниот завод за ревизија.
Граѓаните на социјалните мрежи реагираат дека покачувањето на платите мора да оди заедно со одговорноста. Не може исто да земаат и тие што работат и тие што понекогаш издаваат извод без грешка.
Дел од граѓаните се потсетија на своите шалтерски искуства. Некои иронично коментираат дека нема издадено грешни изводи откако почна штрајкот.
Сепак, други, велат дека проблемот не е секогаш во вработените, туку во поставеноста на системот. Дигитализацијата треба да реши голем дел од проблемите.
Владата во февруари годинава ја зголеми минималната плата на 18 илјади денари, па синдикатите побараа скалесто покачување и на останатите плати. Во тек е штрајк на вработените во образованието, а зголемување на платите бара целата администрација. Според податоците на Државниот завод за статистика, трошоците за живот се зголемени за скоро 9 проценти во однос на лани.