Достапни линкови

Македонците се евакуираат од Кабул- поделби за приемот на Авганистанци


Третина од 75-те македонските државјани се безбедно евакуирани од Авганистан, информираа денеска од МНР. Во воената база на Кабул останале 14 македонски државјани од кои 11 денеска ќе бидат трансферирани на аеродромот за да бидат евакуирани денеска, а останатите подоцна ќе ја напуштат земјата.

Повеќето од 75-те евидентирани македонски државјани се евакуирани од Авганистан, информираше денеска министерот за надворешни работи Бујар Османи. Со воени авиони педестина граѓани на РС Македонија биле префрлени од Кабул во Доха и во Абу Даби, од каде со редовни комерцијални летови треба да се вратат во Скопје.

Во воената база на Кабул останале 14 македонски државјани од кои 11 денеска ќе бидат трансферирани на аеродромот за да бидат евакуирани во текот на денов, а останатите тројца подоцна ќе ја напуштат земјата.

„Во НАТО базата во Кабул, која е буквално залепена до аеродромот, се наоѓаат уште 14 наши државјани. Според последните информации, 11 од нив наскоро треба да бидат ставени во планот за евакуација, а само уште тројца наши граѓани остануваат да ги вршат своите обврски во базата и ќе бидат евакуирани заедно со војската. Нашите граѓани ќе бидат сместени во нивните домови. Кога точно пристигнуваат зависи од аранжманите со комерцијалните летови, односно од распоредот на летовите за да стигнат во Скопје, изјави Османи.

Во однос на цивилите од Авганистан кои државата ќе ги прими привремено во нашата земја на барање на меѓународните организации, Османи повтори дека се работи главно за активисти за човекови права семејства на вработени во меѓународните организации. Дали ќе бидат ставени во карантин по нивното пристигнување во земјата ќе зависи од нивниот вакцинален статус, рече Османи.

„Тоа ќе зависи од нивниот вакцинален статус и од други епидемиолошки карактеристики. На лице место ќе се определува дали некои од граѓаните ќе оди во карантин. Но тоа е прашање на Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство. Во Владата е формирано координативно тело во коешто учествуваат министри кои покриваат прашања од овој домен и одлуки се носат од час во час зависно како се менува ситуацијата“, рече Османи.

Поделени реакции за приемот на авганистански цивили

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ остро регаираше на веста дека Владата ќе прими бегалци од Авганистан. Антонијо Милошоски од оваа партија вели дека државата нема капацитет да прими и интегрира бегалци од трети земји. На прашањето дали смета дека примањето на бегалците би биле безбедносен ризик за земјава, Милошоски со одговор:

„Никој не може да биде сигурен во тоа. Кога Македонија би имала амбасада во Кабул би имала можеби мала предност заради соработката со тамошните власти за да даде безбедносна проценка. Но нема. Но јас зборувам за ризикот за самите луѓе кои би дошле. Сметам дека неспособноста на државата во повеќе области којашто е неспособност кон самите македонски граѓани може да се одрази и на недоволен капацитет и способност за прием на бегалци. Така што ваквиот потег доколку е популистички е неоснован“, изјави Милошоски.

Социолозите пак, објаснуваат дека бурните реакции во македонската јавност во однос на примањето бегалци не се невообичаени, особено затоа што се работи за крупен меѓународен настан. Универзитетскиот професор Ѓорги Тоновски вели дека причината за поделените реакции на македонското општество лежи во неинформираноста на дел од граѓаните но и тенденцијата да се дава отпор кон се што прави власта.

„Сепак и во ваква криза се појавува таканаречениот партиско-опозициски елемент. Иако акцијата е од широки размери во кои удел имаат и ОН и САД и ЕУ сепак многумина сметаат дека таа е погодна за напади врз политичката на владејачка структура и тоа се корист во вакви околности. Потоа ,исто така, постои страв дека ова би можело на овие простори да го донесе исламскиот фундаментализам, бидејќи Авганистан е вброена во земјите во кои овој фундаментализам прилично се потхранува и ваквиот страв е нешто што предизвикува голем револт и голема реакција кај македонската јавност“, изјави професорот Тоновски.

Од Владата вчера соопштија дека се работи на обезбедување сместувачки капацитети во мотели, одморалишта и хотели, за што трошоците ќе бидат обезбедени од страна на меѓународните организации, како и од Соединетите Американски Држави.

„Сместувањето и преземањето на локалното население ќе биде со ограничен временски период, се до обезбедување нивни трансфер до САД или до трети земји, што ќе биде утврдено во координација со нашите стратешки партнери и со меѓународните организации“, се наведува во владиното соопштение.

  • 16x9 Image

    Марија Тумановска

    Марија Тумановска, родена 1981 година во Струмица. За време на студентските денови, волонтира во некои од пишаните медиуми. По завршувањето на факултетот за новинарство, станува соработник во детската редакција на Македонското радио, Радио Скопје. Подоцна работи во културниот сектор на истиот медиум. Во Радио Слободна Европа е од декември 2004 година.

XS
SM
MD
LG