Во почетокот на декември, кога ќе се одржи лидерскиот состанок на НАТО во Лондон, на сите ќе им биде очигледно дека Северна Македонија е на самиот праг, а нашите очекувања се дека рано напролет земјата ќе биде и членка на Алијансата, изјави во интервју за Радио Слободна Европа, Џејмс Апатураи, заменик помошник на генералниот секретар на НАТО за политички прашања.
Тој смета дека единствената техничка пречка се изборите и формирањето нова влада во Шпанија, која треба да го ратификува протоколот за македонскиот прием, но дека и тоа ќе се случи.
Со Македонија се е на време
„Чекаме комплетирање на пристапните процедури во сите главни градови на НАТО-земјите за да ни се придружи и Северна Македонија, што сигурно ќе се случи. Единствениот комплицирачки фактор е одложувањето од шпанската влада, бидејќи имаа неколку избори и едноставно има технички услов да изберат влада, за да се направат следните чекори. Тоа ќе биде направено и ние очекуваме рано напролет Северна Македонија да ѝ се придружи на Алијансата“, вели Апатураи.
На прашањето од дописничката на РСЕ од Брисел, дали откако ЕУ не ѝ даде на Македонија датум за почеток на преговорите, НАТО ќе го забрза приемот на Скопје за да се санира штетата направена со затворањето на европската врата, Апатураи вели дека како и за сечие зачленување во Алијансата, така и за Македонија, постои распоред кој е навремен и нема потреба од забрзување.
„Значи на време сме и ќе бидеме навремени, и се надевам дека на лидерската средба во Лондон, на почетокот на декември, за секого ќе биде очигледно дека Северна Македонија е на прагот да се придружи“, вели Апатураи.
Без притисоци, со отворена врата
Промена на распоредот и планот на НАТО нема да има ниту за останатите балкански држави аспиранти за членство, бидејќи, како што вели Апатураи, Алијансата продолжува да биде фактор на стабилизација и реформи во Западен Балкан, а нејзината врата остаува отворена за членство без притисоци. Тоа се однесува и на БиХ и на Косово и на Србија. Иако и по цела година од поканата од НАТО БиХ да ја усвои годишната национална програма, тоа се уште не се случило, поканата останува отворена, како и вратата на Алијансата, која нема да притиска и ќе го чека формирањето на владата.
До тогаш, вели Апатураи, ќе продолжи поддршката во реформскиот процес, особено во делот на безбедноста, каде пак, особено се става акцент на враќањето на борците од Сирија. Тој однос останува и кон Косово, каде има прашања кои се предмет на практична внатрешна и политичка дискусија, како што се на пример трансформирањето на ОВК во косовска армија и улогата на КФОР, како и дијалогот на Белград и Приштина, иако, како што вели Апатураи, тие ја почитуваат волјата на Србија да не се зачеленува во НАТО.
„Нашиот пристап е да ги оставиме вратите отворени за сите заинтересирани да ги видат стандардите и да одлучат сами дали ќе пристапат или не. Со Србија јасно дека за сега, а ни во догледно време, не сака членство во НАТО и ние тоа го почитуваме и таа одлука не не спречува да соработуваме. Ние имаме одлична соработка со многу држави кои не се членки на Алијансата и ние ја почитуваме нивната неутралност“, вели Апатураи.
Нашите мозоци се во ред
Тој додава дека реформите на аспирантите за членство остануваат во агендата на НАТО, како што остануваат и сите други предизвици, меѓу кои и прашањата за Сирија и справувањето со хибридните напади на Русија, и дека на лондонскиот самит ќе се види дека НАТО е силна одбрамбена организација, наспроти обвинувањата дека има мозочна смрт.
„Мојот мозок е добар, нашите мозоци се добри. Го кажувам моето мислење, бидејќи нема официјална изјава по тоа прашање. Точно е дека во Алијансата има различни ставови по некои прашања за кои треба да се дискутира, но во Лондон ќе се види дека сме посветени на колективната безбедност, дека работиме и дека прифаќаме и се справуваме со разни предизвици меѓу кои и сајбер нападите од Русија“, додава Апатураи.