Механизација на „Македонија пат“ почна да го урива објектот пред трговскиот центар „Мавровка“, а по првите оштетувања на столбовите, стигна и реакцијата од сопственикот кој државата го бараше со месеци, дури и преку јавни огласи.
Мевљудин Алити, кој доби и кривична пријава за објектот, денеска пред новинарите тврди дека имал одобрение за обнова на објектот. Да знае државата дека имам документи, рече Алити, прашувајќи како ако немал документи ќе градел во центарот на градот 25 дена и немало да биде посетен од инспекцијата.
„Нека руши државата, како што е научена да руши секогаш и да ми ги остави вработените без леб и мојата фамилија без леб. Ако треба и во Стразбур ќе одам, да знаете“, рече Алити најавувајќи тужба.
Пред камерите дојдени да го снимаат уривањето на објектот тој покажуваше, имотни листови, решенија за легализација, елаборат, потврда за платени такси и комуналии над 4,7 милиони денари на градот Скопје и други документи, меѓу кои, и одобрение за расчистување на парцелата добиено во јуни од општина Чаир. Општинатата, пак, во јули преку оглас во весник го бараше сопственикот на објектот кај Мавровка, но тој не се јави на огласот.
Адвокатот на Алити денеска тврди дека тој бил „видно резигниран“ и не сакал да излезе пред медиуми, иако се правело како што рече „фама од оваа работа“. Сопственикот, вели адвокатот, постојано се обраќал до општината оти не сакал да ја решава работата преку јавноста.
Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов денеска рече дека инвеститорот немал платено за легализација.
„Нема платено легализација. Не знам дали платил надоместок за приватизација на земјиштето, што е главниот проблем, бидејќи ако е така, продажбата се одвивала во организација на централната власт, а во тој случај 80 проценти од средствата од продажбата одат кај централната власт. Мене ми е криво што дојде до изградба на ваков објект, но ова нека биде пример за сите кои сакаат да профитираат на сметка на легалните инвеститори, кои плаќаат данок кон државата“, рече Шилегов.
Приказната за објектот пред „Мавровка“
Градбата кај трговскиот центар „Мавровка“ со месеци е тема на јавноста, беше тема и во предизборниот период за изборите што се одржаа на 15 јули, а одлуката за нејзиното уривање се донесе на првата седница на новата влада. Лично премиерот Зоран Заев по седницата најави дека е донесена одлука да му препорача на Управниот одбор на Јавно претпријатие за одржување и заштита на магистралните и регионалните патишта да донесе одлука за ангажирање на потребна механизација, средства за работа и вработени, за уривање и демонтирање на бесправно изграден градежен објект што се наоѓа пред ТЦ Мавровка, без надоместок кон Општина Чаир, односно од сопствени средства.
Уривањето почна ден по оваа одлука на владата. До тоа, пак, со владина помош да се решава прашање на локалната самоуправа, во овој случај на општина Чаир, дојде откако општината распиша неколку тендери на кои требаше да се јави фирма која ќе го урне објектот, но никој не се пријави. Од општината Чаир, во чии територијални граници е објектот, прво тврдеа дека има одлука за уривање и дека тој е нелегален, но дека нема на кој да му ја достават одлуката оти не знаат кој гради таму. И градот Скопје и Министерството за внатрешни работи кон средината на јули тврдеа дека преземаат се што е во нивни ингеренции за да се спречи дивоградбата, но институциите првпат неделава го наведоа конкретниот сопственик на парцелата.
Неговите иницијали се наведени во кривичната пријава која вчера Министерството за внатрешни ја поднесе до јавното обвинителство. „Единица за економски и компјутерски криминал до надлежното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против М.А. (34) заради постоење на основано сомневање дека пријавениот е сторител на кривично дело „бесправно градење", а се однесува на бесправно изграден на бул.Гоце Делчев на платото пред ДТЦ „Мавровка“, соопшти МВР.
Инаку, работите пред кафулето Фонтана во трговскиот центар „Мавровка“ почнаа да се придвижуваат пролетва откако пред него беше исечено дрво, а по тој настан во објектот се случи пожар. Кога почна градбата градоначалникот на општината Чаир Висар Ганиу, каде што припаѓа објектот, тврдеше дека се работи за реконструкција на објектот, а не за нова градба.
Што е со другите дивоградби?
Оваа не единствената дивоградба која подолго време ја бранува јавноста, а некои од нив се и во заштитени зони и при нивната градба се уништува природа. Дивите платформи на Матка ја уништуваат локалната природна средина, а со години институциите се прогласуваат ненадлежни за нивно уривање. Општина Сарај соопшти дека нема да ги легализира дивите платформи на Матка, но не може ниту да ги урне бидејќи имале барање за легализација, Министерството за транспорт и врски и инспекторатите си префрлаа надлежност, па платформите се уште се на исто место.
Со години јавноста реагира и за бесправни градби по крајбрежето на Охридското езеро, а некои од нив се и во Националниот парк Галичица. Радио Слободна Европа летово имаше увид во официјален документ од Секторот за урбанизам на Општина Охрид во кој се наведува дека до општината поднесени се вкупно 2.347 барања за легализација на нелегални градби во националниот парк. И во тој случај сите надлежни институции и општината си ја префрлаа одговорноста, па нелегалните објекти, претежно викендички, иако во заштитено подрачје, засега остануваат нечепнати.
ВМРО-ДПМНЕ денеска преку соопштение побара владата по ист принцип, на сметка на јавното претпријатие да ги сруши и дивоградбата на дивата платформа на Матка, дивоградбата во близина на Скопското Кале кај касарната Илинден, дивоградбата на Нефи и летната тераса кај охридскиот Чинар, дивоградбите по долж на охридското крајбрежје. „Доколку не го направи ова владата покажува дека сето ова е евтин театар. Затоа сметаме дека крими-тендерашката власт на Заев се обидува да направи театар со дивоградбата кај Мавровка“, наведоа од опозициската партија.