Достапни линкови

На Лукашенко не му остануваат многу опции


Белорускиот претседател Александар Лукашенко го брише лицето додека им се обраќа на своите приврзаници собрани на во Минск, 16 август 2020 година
Белорускиот претседател Александар Лукашенко го брише лицето додека им се обраќа на своите приврзаници собрани на во Минск, 16 август 2020 година

Во Белорусија опозицијата бара оставка од претседателот Александар Лукашенко и повторување на претседателските избори. Претседателот се спротивстави со нејасна понуда за споделување на власта и со идеја за нов устав. Дали има простор за компромис?

Контрастот помеѓу сликите не можеше да биде подобар. Повеќе од 200.000 луѓе го поплавија централниот дел на Минск на 16 август во најголемиот протест на опозицијата против белорускиот лидер

Александар Лукашенко по неговиот спорен реизбор за неговиот шести мандат. Неколку часа порано во белоруската престолнина Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, имаше собир, при што многумина кои присуствуваа беа државни работници на кои им било речено или да се појават таму или да најдат друга работа.

Во Минск, митинг на власта и антивладин протест
please wait

No media source currently available

0:00 0:01:38 0:00

Бидејќи штрајковите се шират, покрај другите протести, аналитичарите велат дека Лукашенко не успева да ја смири кризата и може да прибегне кон построги мерки, веројатно охрабрен од нејасните ветувања за поддршка од долгогодишниот сојузник - Русија.

Лукашенко-соседните земји и наредуваат на Белорусија да одржи нови избори

„Лукашенко нема да направи отстапки во оваа фаза“, објаснува Арсен Сивитски, директор на Центарот за стратешки студии и надворешна политика се седиште во Минск.

„И веројатно ќе се обиде да управува со кризата со сила, да воведе вонредна состојба, па дури и воено управување“.

Досега околу 7.000 луѓе се приведени низ Белорусија, стотици се повредени, а најмалку двајца убиени, во судирите со полицијата. Стотици уапсени и последователно ослободени зборуваа за бруталните тепања што ги претрпеа во притвор. Илјадници и натаму остануваат во притвор.

Белорускиот претседател Алeксандaр Лукашенкo разговара со вработен во фабриката за трактори во Минск, 17.08.2002 година
Белорускиот претседател Алeксандaр Лукашенкo разговара со вработен во фабриката за трактори во Минск, 17.08.2002 година

За време на посетата на една фабрика во Минск во понеделникот, Лукашенко даде нејасни понуди за споделување на власта и реформа на уставот, но со скоро воен тон порача:

„Вие нема да живеете да го видите денот кога ќе направам нешто под притисок“, им рече Лукашенко на работниците, од кои некои извикуваа “Оставка”.

Германија негира дека Меркел разговарала со Лукашенко

Лукашенко, исто така, рече дека Белорусија ќе „изумре како држава“ доколку се одржи прегласување на изборите, строго отфрлајќи го примарното политичко барање на опозицијата.

Подоцна истиот ден, тој шпекулираше дека може да се одржат нови парламентарни и претседателски избори доколку новиот устав биде усвоен со национален референдум.

Но, опозицијата не бара нов устав.

Посетата на Лукашенко во фабриката доаѓа откако некои од најголемите државни индустриски погони во земјата беа погодени од протестите.

За оваа недела се планирани повеќе штрајкови, вклучително и од вработените во државната телевизија, што дополнително ќе ја разниша поддршката на Лукашенко.

Циханускаја: подготвена сум да ја водам Белорусија

Кандидатот на опозицијата Свјатлана Циханускаја - која замина во Литванија, најверојатно под притисок на властите кои го држат нејзиниот сопруг во притвор - се чини дека станува сè похрабра, бидејќи поддршката на Лукашенко нагло опаѓа.

Луѓе носат портрет на Свјатлана Циханускаја, поранешен кандидат за претседателски избори, за време на митингот на опозицијата пред зградата на владата во Минск, 17 август 2020 година
Луѓе носат портрет на Свјатлана Циханускаја, поранешен кандидат за претседателски избори, за време на митингот на опозицијата пред зградата на владата во Минск, 17 август 2020 година

Во видео-порака на 17 август, 37-годишната Циханускаја изјави дека е подготвена да стане „национален лидер“ со цел да се подготват за нови избори.

Циханускаја, која неволно влезе во трката откако на нејзиниот сопруг, популарен блогер, му беше забрането да се кандидира, рече дека таа освоила 60 до 70 проценти од гласовите, а не 10 проценти што ги изброи изборната комисија.

Таа додаде дека иницира создавање „Совет за координација“ за потенцијална транзиција на власта и ја повика меѓународната заедница да помогне во посредувањето.

Дали Лукашенко би бил подготвен да разговара со Циханускаја е под голем знак прашалник.

Судири меѓу полицијата и демонстрантите во Белорусија
please wait

No media source currently available

0:00 0:05:00 0:00

Бидејќи се соочува со зголемен притисок, Лукашенко кој пред само неколку недели ја обвини Русија дека испраќа платеници во Белорусија за да предизвика проблеми, се обрати до рускиот претседател Владимир Путин за помош.

Русија подготвена да му помогне на Лукашенко

Двајцата лидери разговараа по телефон на 15 и 16 август, а по вториот разговор Кремљ соопшти дека Русија е подготвена да и помогне на Белорусија во согласност со воениот пакт меѓу двете држави. Не беше јасно во каква форма ќе биде таквата помош.

На 17 август Белорусија започна воени вежби во близина на нуклеарната централа „Астравец“, близу до границата со Литванија, која протестираше против изградбата на руско дизајнираната атомска станица.

Покрај тоа што и обезбеди прибежиште на Циханускаја, Вилнус, чии историски врски со Белорусија датираат со векови кога и двете беа дел од Големото војводство на Литванија, беше меѓу најгласните критичари на изборите во Белорусија.

Специјалните трупи на белоруската армија ја демонстрираат својата опрема и оружје, додека белорускиот претседател Александар Лукашенко ја посети воената база во градот Мaрина Хорка, 24 јули 2020 година
Специјалните трупи на белоруската армија ја демонстрираат својата опрема и оружје, додека белорускиот претседател Александар Лукашенко ја посети воената база во градот Мaрина Хорка, 24 јули 2020 година

Според Интерфакс, кој го цитира белоруското Министерство за одбрана, вежбите ќе траат од 17 до 20 август.

Лукашенко одби странско посредништво во белоруската политичка криза

Пострашно, фотографиите и видеата поставени на социјалните медиуми сугерираат дека необележани руски воени возила се движат во правец на Белорусија.

Пред да ја преземе контролата врз Кримскиот полуостров во 2014 година, руските сили без обележја и други ознаки беа распоредени на стратешки места.

Иако Путин првично го негираше тоа, тој подоцна го призна нивното присуство.

Како што расте притисокот да се повлече, многу аналитичари предвидуваат дека Лукашенко ќе преземе порепресивни мерки за одржување на власт.

Севиарин Квијаткуски, белоруски аналитичар, вели дека никој не може да го предвиди текот на настаните во Белорусија.

„Мора да разберете дека народот нема да се предаде. Ова е тоа. Ова е крајот. Сега го гледате крајот на режимот на Лукашенко“, предвидува Квијаткуски, додавајќи:

„Се плашам само од една работа - дека можеби тој сè уште може да даде наредба за некои егзекуции, за некои ужасни работи“.

Трамп: САД внимателно ја следат ситуацијата во Белорусија

Сивитски пак, смета дека позицијата на Лукашенко се влошува со зголемувањето на протестите, особено со зголемениот број на работници кои штрајкуваат.

„Пред неколку дена, главната мотивација за протестите беше неправдата и крвавата бруталност на безбедносниот апарат. Сега има јасни политички цели: барање за оставка на Лукашенко и нови претседателски избори“.

илустрација
илустрација

Она што се случува следно, во голема мера може да зависи од она што ќе го прават полицијата, армијата и другите безбедносни сили. Некои веќе се повлекоа, со неколку објавувања на видеа на социјалните мрежи кои покажуваат дека ги соблекуваат униформите.

„Повторувам: се зависи од безбедносните сили“, вели Квијаткуски, наведувајќи: „Или, тие ќе застанат на страната на народот, или ќе станат неутрални, или сепак ќе започнат некаква масовна репресија со егзекуции и други ужаси“.

Во секој случај, предизборното движење за протести ја смени Белорусија, без разлика дали Лукашенко е во состојба да остане на власт или не, напиша Лизавета Мерлиак, секретар на белорускиот независен синдикат.

„Ако Лукашенко може да се задржи на власт, тој ќе биде принуден да се сврти кон уште порепресивно однесување, бидејќи милиони дисиденти треба да бидат присилени на послушност“. „Во летото 2020 година целиот свет гледа нова земја на картата на Европа. Белорусија не спие во апатија, туку Белорусија чиј народ е решен да ги освои слободата и демократијата“, заклучува Мерлиак.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG