„Ние немаме комуникација. Немаме воки-токи. Ништо“, вели еден руски војник во видео објавено од украинските бранители овој месец.
Само три недели од војната, таквите изјави, заедно со пресретнати муабети, заробена опрема и слики од евтини, рачни примопредаватели, укажуваат на тоа дека неможноста да се комуницира во синџирот на команда и низ родовите на руската војска ги попречуваат воените планови на Москва.
Судот во Хаг ѝ наложи на Русија да ги запре воените операции, бомбардирањата продолжуваат
И додека воените текови можат брзо да се вртат, дури и во големите офанзиви како онаа што ја започна рускиот претседател Владимир Путин на 24 февруари за да ја „демилитаризира“ и да ја потчини Украина, многу западни воени експерти сугерираат дека Кремљ и неговите планери ги згрешиле клучните аспекти од првите недели на инвазијата.
Во случајот на Русија, неволјата е отсликана во првите 24 дена од оваа војна преку изјави на заробените војници, прислушувани разговори и други индиции објавени од украинските разузнавачи или други желни да ги истакнат воочените слабости кои им помогнале на украинските сили да таргетираат најмалку еден од неколумината руски генерали кои наводно биле убиени во конфликтот.
Доказите сугерираат дека некои од корените на руските комуникациски пропусти лежат во погрешно менаџирани процеси за развој и набавки на тактички воени радија, недоволно обучени специјалисти и предизвиците за дејствување на туѓа странска територија, каде што непријателот ги контролира не само мобилните мрежи, туку и жичените комуникации кои често служат како сигурен резервен канал.
Еден од резултатите е различната сложеност меѓу системите што ги користат трупите за комуникации, зголемувајќи ги предизвиците особено затоа што тие вклучуваат мешани воздушни, копнени и поморски сили. Во такви случаи, сите војници се принудени да користат систем што е заеднички за најмалку напредните меѓу нив.
„Ако формирате мешана формација и дел од формацијата се состои од постари возила како на 90-та тенковска дивизија во Киев што ги видовме неодамна вие мора да прибегнете кон најмал заеднички именител“, вели Станимир Добрев, независен воен експерт кој е специјализиран за телекомуникациите.
Бајден - Директната конфронтација меѓу НАТО и Русија е Трета светска војна
Со други зборови, мешањето на таканаречените отворени и шифрирани системи се добри само колку е добра нивната најслаба алка.
Некои од постарите опреми на руските сили, рече Добрев, „може да се дешифрираат речиси во реално време и затоа не е корисно да се додаде дополнителен слој на сложеност за ракување со опремата кога има мала корист“.
Тој вели дека тие и други фактори потенцијално укажуваат на тоа зошто руската копнена офанзива заглавила, а воздушните операции стануваат сѐ помалку ефективни со текот на времето, бидејќи целите идентификувани и рано доставени до руските воздухопловни сили се поместиле.
„Научени лекции“?
Петдневната војна на Русија во Грузија во август 2008 година, поради двата отцепени грузиски региона што Москва оттогаш ги окупираше, откри некои од најгорливите проблеми на бојното поле на руските вооружени сили: тактичката комуникација.
Некои единици не можеа да комуницираат со командната структура, наместо воени радија се користеа мобилни телефони, па дури и „курирска пошта“, а во еден екстремен пример, офицер на воздухопловните сили леташе со хеликоптер за лично да дава наредби.
Заменик-началникот на рускиот Генералштаб, Евгениј Мејчик, во 2009 година најави дека, по наредба на тогашниот претседател на Русија, Дмитриј Медведев, Министерството за одбрана темелно ќе го ревидира својот пристап кон воениот систем за команда и контрола, а „особено комуникациските системи“.
Но, додека планот на Мејчик претпоставуваше употреба на главниот армиски радио систем на тактичко ниво во тоа време, Министерството за одбрана наместо тоа одлучи да продолжи со развојот на целосно нов систем од шестата генерација кој стана познат како Азарт.
За проектот беше избран стар производител, Ангстрем, еден од чии сопственици беше советник на Медведев.
До почетокот на 2012 година, фалејќи се дека Русија го употребила НАТО концептот на „научени лекции“, вицепремиерот Дмитриј Рогозин се појави со еден од мобилните телефони „Азарт“ и изјави: „Оваа врска функционира!“
Но, тешко е да се опише процесот како успешен. Тој беше предмет на повеќе кривични истраги, вклучително и тековната, фокусирана врз заменик-началникот на рускиот Генералштаб, генерал полковник Калил Арсланов.
Прегледите на радио форумите како Radioscanner.ru, иако е невозможно независно да се поткрепат, се чини дека сугерираат оти Азартите се непопуларни меѓу војниците.
Украина ја обвини Москва дека се обидува да ја вовлече Белорусија во војната
Воениот експерт Владимир Орлов за употребата на телефоните Азарт меѓу руските војници распоредени во Сирија рече дека „надвор од базите на руските вооружени сили во Сирија, сите користат мобилни телефони и кинески „балалајки“, повикувајќи се на произведени цивилни воки-токи. од кинескиот Баофенг.
Покрај тоа, најдарежливата проценка за вкупниот број на распоредени мобилни телефони Азарт е само околу 60.000. Тоа е само околу една третина од бројот на руски војници за кои НАТО и Украина сметаат дека се распоредени во Украина.
Проблеми со комуникацијата
Аналитичарот Добрев како главен камен на сопнување го посочува неуспехот на руската војска да обезбеди модерни и сигурни канали за комуникација.
Но, тој ја нагласува важноста на ударниот ефект на таков проблем -- лошата координација меѓу различните копнени, морски и воздушни сили вклучени во целосната инвазија на Украина.
Тој додава дека неуспехот на руската војска да имплементира модерен, автоматизиран систем за команда и контрола е друг проблем.
„Ситуацијата е уште полоша со координацијата меѓу копнените сили и воздухопловните сили“, кои, како што вели, работат на сопствен систем за команда и контрола.
„На почетокот на војната, руските воздухопловни сили дејствуваа доста успешно, бидејќи позициите на непријателот им беа познати. Сега ова не секогаш функционира“, вели Добрев.
Тој укажа на документите кои се чини дека покажуваат оти руското воено воздухопловство дејствува со изведување летови до одредени цели со мала или никаква способност за комуникација со копнените сили кои, на пример, инаку би можеле да побараат промена на целите или воздушна поддршка.
Добрев, исто така, вели дека единиците што напредувале во раните денови на војната се чини дека ја надминале нивната комуникациска поддршка. „Руските баталјонски тактички групи веднаш отидоа на многу големо растојание од границата и во исто време, не видовме опрема што може да обезбеди сигурна комуникација со командното место заедно со нив“, рече Добрев.
Тој вели дека попатно треба да се постават автомобили со засилувачи и нови комуникациски кули, а нивното поставување и користење бара искусни оператори. „Индиректно, тоа укажува дека руските офанзивни групи не очекуваа да останат на патот долго време“, рече Добрев.
Зеленски бара преговори без одложување, Русија потврди дека користела хиперсонично оружје
Тој и другите набљудувачи, исто така, забележуваат дека се појавиле јасни знаци за пресретнување на комуникацијата меѓу руските специјални служби и другите трупи кои инаку би требало да бидат на шифрирани канали.
Кристо Грозев, од групата за разузнавање со отворен код Bellingcat, наведе дека „супер скапиот криптофонски систем“ воведен од Русија во 2021 година навидум бил пресретнат затоа што бара мобилна мрежа 3G или 4G за да функционира.
„Мобилните мрежи сè уште се контролирани од Украина, што значи дека за украинската војска тие остануваат релативно средство за прислушување“, рече Добрев. Не е така за Русите кои ги користат истите тие мрежи или, очигледно, украинските фиксни линии.
„Во отсуство на специјални, безбедни армиски комуникации, многу војници и офицери подлегнуваат на искушението да користат обични телефони. Тие едноставно ги вадат украинските СИМ-картички и се јавуваат во Русија, дозволувајќи им на украинската војска и разузнавањето не само лесно да ја пресретнува содржината на разговорите, но и за одредување на локацијата на повикувачот“, вели Добрев.
Би-Би-Си во првите денови од војната објави дека аудио-пораките, наводно, вклучувајќи го и на чеченскиот шеф Рамзан Кадиров, сугерирале дека командант во неговиот гардиски корпус патувал во Москва во пресрет на војната за да добие „чисти украински СИМ-картички“.
Неодамна, „Њујорк тајмс“ цитираше американски воени извори кои велат дека многу руски генерали разговараат на необезбедени телефони и радија, а во барем еден случај Украинците локализирале повик и го убиле на неговата локација.