Достапни линкови

Лажни закани со бомби - Кој ќе го фати испраќачот на мејлот од Протон?


Илсутрација, фотографија од пред средното скопско училишта „Раде Јовчевски Корчагин“, по евакуацијата на учениците и наставниот кадар по лажна дојава за бомба.
Илсутрација, фотографија од пред средното скопско училишта „Раде Јовчевски Корчагин“, по евакуацијата на учениците и наставниот кадар по лажна дојава за бомба.

Неофицијалните податоци посочуваат дека мејлот со лажната дојава за бомба пристигнал од интернет платформа со седиште во Швајцарија. Тезите за тоа кој стои зад лажните дојави во десетина средни училишта одат од хибридна војна до дигитално снаодливи средношкоци кои не се подготвиле за тромесечието.

„Добредојдовте на подобар интернет каде приватноста и слободата се на прво место“. Ова е пораката на насловната страна на Протон мејл, веб платформа од која, според досега објавените принтскринови од меиловите на некои медиуми, се гледа дека се испратени пораките за лажните дојави за бомба во изминативе два дена во десетина скопски средни училишта. Три дена ученици губат настава поради евакуација предизвикана од лажни дојави за поставени бомби во скопски средни училишта.

Инженерот за информациска безбедност Божидар Спировски вели дека станува збор за провајдер кој што физички работи во Швајцарија и се рекламира себеси како екстремно заштитен и гарантира приватност на корисниците на нивниот систем. Тој објаснува дека гаранцијата на приватност на корисниците не значи дека Протон мејл нема да се заштити од злоупотреба во вакви, како што вели, терористички активности.

„Затоа што на крајот на денот, ова е дефиниција за тероризам- закана со бомба. Така што, Протон маил гарантира некаква приватност, но кога ќе стигнеме до вистинскиот проблем ова е терористички чин за кој нашите власти преку Интерпол веројатно веднаш можат да побараат информации. Тие се викаат мета податоци - ИП адреси, од каде е дојдено, која временска зона, од каде стасал тој корисник, кој што на Протон маил ја создал пораката која после стасала како закана“, вели Спировски.

Тој објаснува дека гаранцијата за приватност не значи и гаранција за потполна анонимност за да се тероризира население. Спировски е уверен дека македонските власти ќе ги побараат потребните информации од Протон маил и дека ќе ги добијат.

„Останува прашањето што ќе видат во тие информации. Дали тие ИП адреси ќе се покажат дека се од Македонија, што во тој случај екстремно лесно е да се обратат назад кај нашите телекомуникациски провајдери и да лоцираат во кој период од деновите, на кое место, на кој корисник му била доделена ИП адреса. Можеби нема да го имаат името и презимето на корисникот што го испратил маилот, но ќе имаат доволно мало подмножество на информации за после да можат со други истражни дејствија да продолжат“, вели тој.

Но, доколку ИП адреси се од некаде во светот, Спировски вели дека напорот да се открие ќе биде потежок.

На овие настани со средните училишта им претходеше лажна дојава за бомба во ЈСП, при што испраќачот на заканата веднаш беше приведен затоа што пораката ја испратил од сопствениот маил.

Професорот на Факултетот за безбедност Злате Димовски во разговор за Радио Слободна Европа вели дека злоупотребата на сајбер просторот е нешто ново што ни се случува во периодов. На прашањето колку е тешко да се откријат сторителите, Димовски вели дека има надеж.

Димовски: Заканите од бомби деструктивни за системот
please wait

No media source currently available

0:00 0:07:41 0:00
Директен линк

„Земајќи в предвид дека тој сајбер простор е многу широк и можностите навистина се разноврсни, се надевам дека имаме капацитети, ова е надеж, дека ќе можеме да откриме“, вели тој.

Дури и да се стигне до кој е сопственик на акаунтот од каде што се испратени, може тие да се злоупотребени од трето лице.

МВР ги испитува сите варијанти за испраќачот на лажните дојави

Во потрага по одговорите од надлежните за тоа кој би можел да стои зад овие напади, дали е тоа средношколец кој им обезбедува два дена без настава на учениците или пак станува збор за некаков почеток на хибридна војна, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски вели дека претпоставките одат во неколку правци.

„Ова е монструозен чин, кој е веројатно е дел од тие хибридни напади на кои сме изложени како држава. Ќе се анализираат и ќе ги дознаеме причините - дали се политички, геостратешки, бизнис причини“, рече Спасовски за ТВ „Телма“.

Според изјавите на министерот, во оваа фаза е познато од каде се пратени мејловите, и дека полицијата работи интензивно заедно со партнерските служби за да се дојде до сторителите.

Се потврди дека се лажни дојавите за бомба и тоа е добрата стана на ова што се случува вели Димовски. Но, додава, овие лажни дојави за бомби оставаат последици врз системот.

„Ако се работи за терористички активности, односно ако се сака да се направи деструкција и евентуално истоштување на политичките сили, дефинитивно тоа ќе се постигне, тоа е едната страна на медалот. Другите цели би биле, дезорганизација на целиот систем, создавање на страв, создавање на паника недоверба во институциите на системот дополнително од онаа што и досега ја имаше. Ова се цели на екстремни групи, кои што би можеле да бидат нивна крајна цел“, вели Димовски.

Но, тој подвлекува дека не е сигурно оти зад овие лажни дојави за бомби стојат екстремистички групи, затоа што можно како испраќачи на пораките да се и млади лица, кои не сакајќи да си ги сносат обврските кон училиштето нашле модус да прават деструкција во системот при тоа не сфаќајќи ја тежината на тоа што го прават.

Димовски - лажните дојави од регионот се рефлектираа и кај нас

Димовски додава дека фактот што вакви настани имаше во соседството, конкретно во Србија, очекувана била рефлексијата, затоа што најголем дел од она што се случува во непосредното соседство се случува и во Македонија.

По руската инвазија врз Украина од март годинава во Србија, Црна Гора, БиХ имаше серија на лажни дојави за бомби за деловни згради, студентски домови и трговски центри, а кулминираа кон училиштата. Во мај српската полицијата направи проверка во вкупно 224 училишта, а во јуни во повеќе од 300, додека во целиот тој период на проверки наставата мораше да се одвива онлајн.

Спировски од позицијата на родител вели дека ова што се случуваше изминативе два дена е во најмала рака екстремно непријатно, без разлика кој е мотивот.

„Екстремно несериозни, прво кај децата создава стрес, колку и да звучи смешно ова е потенцијално живото загрозувачка ситуација и не треба да се земе толку лесно и несериозно. Како родител на дете што е во училиште дефинитивно е нешто што многу непријатно и ако се деца ги замолувам поинаку да пробаат да избегаат до часови, ако се возрасни луѓе апел повторно, дајте луѓе опаметете се, престанете да ги злоупотребуваат за каква и да ви е агендата“, вели Спировски.

Лажните дојави за бомби во средните училишта предизвикаа вознемиреност во јавноста. Македонските средношколци денеска, апелираат до МВР максимално да се посветат на потрагата по сторителите и брзи разрешување на ситуацијата. Тие ги повикуваат соучениците одговорно да ги следат насоките на училиштата.

  • 16x9 Image

    Зорана Гаџовска Спасовска

    Новинарската кариера ја започна во А1 телевизија. Работела на теми од образование, социјални проблеми, здравство и екологија. Родена е на 23.09.1983 година во Скопје. Од јуни 2009-та година работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG